„Колибри“ во публикацијата „Колку да се рече…“ на Васил Мукаетов

Во издание на градската библиотека „Феткин“ од Кавадарци деновиве излезе од печат второто дополнето издание на одбрани записи за општествени состојби, литературни објави и критички фрагменти, под наслов „Колку да се рече“, од Васил Мукаетов. Со оваа публикација како дополнето издание се збогатува одделот на роднокрајната библиотека во Кавадарци, во која авторот ги приложува своите записи за случувањата околу нас во тековното секојдневие, објавени во јавните гласила како негова реакција: „Запишано, проговорено и забележано“.
Како соработник на дневниот весник „Македонија денес“, неделникот „Бизнис“ и долгогодишен надворешен соработник на литературните изданија „Развигор“ и „Другарче“ и повеќедецениската соработка и придонес за збогатување на страниците на додатокот за деца „Колибри“ во „Нова Македонија“, Васил Мукаетов ја печати публикацијата како потреба од друг агол, обичен, граѓански, јавно да проговори за актуелните состојби, убеден дека тоа е демократски и придонесува за општо добро.

Значаен дел од овие написи се однесуваат на најзначајните културни настани во Кавадарци (литература, ликовна уметност, музејска дејност и културно-историски споменици и значајни личности), потоа најгорливите проблеми во лозарството и откупот на грозјето и туристичко-стопанската манифестација „Тиквешки гроздобер“, бидејќи четири години е претседател на одборот за нејзино организирање. Најголем дел од написите е посветен на топилницата „Фени“, каде што поминува значаен дел од својот работен век.  Ми.М.