Целта низ годините ја остваривме, ја внесовме Македонија во големото светско фестивалско семејство, бидејќи „Ѕвездички“ е единствен фестивал за деца во земјава што е член на Светската асоцијација на фестивалите (ВАФ), вели директорот Марјан Катароски

На 10 октомври во Прилеп 20-то издание на „Ѕвездички“

Во салата на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, в сабота, 10 октомври, 20-ти јубилеен пат ќе се одржи интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички“.
Годинава ќе има 17 учесници, кои ќе исполнат композиции од повеќемина реномирани автори, меѓу кои се и: Кире Костов, Николче Мицески, Борче Шабаноски, Душко Темелкоски, Валентин Соклевски и други.
Во текот на овие две децении на фестивалот учествувале околу 3.000 учесници од речиси сите континенти и држави од светот: од Аргентина, Франција, Германија, Малта, Италија, Русија, Украина, Литванија, Летонија, Естонија, Египет, Сирија, Израел, Грузија, Белорусија, Полска, Унгарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Романија, Молдавија, Холандија, Финска, Турција, Албанија, Либан, Кина, Казахстан,….

Најдобрите учесници од Македонија официјално ја претставувале земјава на најголемите фестивали низ светот од каде што се вратиле со награди. Многумина од учесниците на фестивалот „Ѕвездички“ пееле и на „Детската евровизија“. Ќе ги споменеме Денис Димоски, Магдалена Алексовска, Мина Блажев, Росица и Димитар.
На фестивалот настапувале и други познати учесници, меѓу кои е и Антониа Гиговска, а познати личности биле водители, меѓу нив се пејачите Арчи и Џокси.

– Фестивалот е вистински бренд во Македонија и низ годините донесе многу хитови. „Ѕвездички“ е вистински креатор на детската музичка сцена во нашата земја. Среќни сме што успеавме да го реализираме годинашното јубилејно издание и покрај неизвесноста до последен момент, поради пандемијата на ковид-19. Целта низ годините ја остваривме, ја внесовме Македонија во големото светско фестивалско семејство, бидејќи „Ѕвездички“ е единствен фестивал за деца во земјава што е член на Светската асоцијација на фестивалите (ВАФ) – вели директорот Марјан Катароски.
Фестивалот почнува во 19.30 часот, според сите протоколи за заштита од коронавирусот. 


Интересни факти за „Ѕвездички“

  • Фестивалот „Ѕвездички“ е натпревар за најдобра детска песна.
  • Сите учесници настапуваат со авторска песна на јазикот на земјата
    од каде што доаѓаат.
  • На фестивалот учествуваат деца од целиот свет на возраст до 14 години.
  • Се одржува секоја година во првата половина на октомври
    во градот Прилеп.