По најлошата година во историјата на туризмот, дури и 2021 година не претставуваше големо подобрување, бидејќи патувањата останаа на ниско ниво, под постојаната закана што ја носи ковид-19. Според Светската туристичка организација на Обединетите нации (УНВТО), меѓународниот туризам се зголемил за четири отсто лани, но останал на 72 отсто под претпандемиските нивоа. По проценетата загуба од 1,3 илјада милијарди долари во извозните приходи во 2020 година, патните рестрикции останаа нашироко да важат и во 2021 година, додека владите се обидуваа да го спречат ширењето на нови и потенцијално опасни варијанти на новиот коронавирус.
Додека краткото враќање во летните месеци од 2020 година ги поттикна надежите за брзо закрепнување на туристичкиот сектор, тие надежи беа уривани со секој следен бран на пандемијата. Покрај рекордната вакцинација на светско ниво, туристичките експерти загубија дел од својот оптимизам во 2021 година, при што огромното мнозинство не очекува враќање на претпандемиски нивоа пред 2024 година.