Трите партии во германската коалициска влада не се согласуваат околу неколку клучни политички прашања, вклучувајќи и околу планот за „Основна детска безбедност“, кој е наменет за борба против сиромаштијата на децата
Германската влада разединета околу планот за борба против детската сиромаштија
И покрај интензивните состаноци, кабинетот на канцеларот Олаф Шолц од Партијата на социјалдемократите (СПД) сè уште нема излезено со решение на голем број проблеми што ја спречуваат трипартитната коалиција во реализирањето на нејзината програма. Многу се зборува за тоа дека најмалата партија во власта, неолибералните Слободни демократи (ФДП), одолева на притисоците од Партијата на зелените и најголемиот коалициски партнер СДП. Една од тие спорни точки е и планот за основна детска безбедност. Пакетот предложен од министерката за семејство од Партијата на зелените, Лиза Паус, предвидува 12 милијарди евра, со кои би се овозможило молбите за социјална помош да се префрлат на интернет, со цел да им се помогне на сиромашните семејства, кои во моментов се заплеткани во мрежа од конфузни, често различни бирократски процедури.
Анет Штајн, раководителка на единицата за истражување на детска сиромаштија во фондацијата „Бертелсман“, истакна дека предлозите за основна детска безбедност не се доволни, но се добар прв чекор. Според Штајн, тоа најмногу ќе им помогне на прикриените сиромашни лица, како и на превработените самохрани родители и доселеничките семејства, на кои почесто им е потребна поголема помош и потешко би се движеле низ лавиринтот на германската бирократија, поради недостиг од време или јазични бариери.
Комплетно непознавање на нештата
Меѓутоа, претседателот на ФДП и министер за финансии Кристијан Линднер изрази сомнеж во однос на ова решение, особено во поглед на сумата. ФДП од своја страна даде предлог наречен „Пари за можности на децата“ за семејствата со ниски примања, кој исто така вклучува бенефиции, но се задоволува со сума од три до четири милијарди евра.
Налутен беше Хајнц Хилгерс, претседател на германското Здружение за заштита на децата. Во коментарите објавени на веб-страницата на оваа организација, тој укажува на начинот за решавање на проблемот, кој е одобрен од страна на експертите и „е достапен веќе 14 години“. Хилгерс исто така појасни дека воведувањето основен детски додаток е неопходна мерка што ќе обезбеди децата да растат достоинствено и да имаат еднакви можности. Наедно, тој ги окарактеризира како незнаење коментарите на Линдер за порталот „Т-онлајн“, во кои министерот за порастот на детската сиромаштија во 2022 година ги обвини доселувањето и бегалците. Хилгерс потенцираше дека причината за порастот на детската сиромаштија е силното зголемување на бројот на сиромашни работници.
Детската сиромаштија првпат покажува раст по пет години
Според податоците на „Спасете ги децата во Германија“ и фондацијата „Бертелсман“, бројката на деца што живеат под прагот на сиромаштија лани се зголеми за првпат од 2017 година. Ова значи дека околу 2,88 милиони млади луѓе живеат во домаќинства со приход помал од 60 отсто од државниот просек, а уште неколку милиони се изложени на ризик, со оглед на тоа дека инфлацијата вртоглаво расте, а платите стагнираат.
Запрашана зошто една толку богата земја како Германија сè уште не наоѓа решение за оваа проблематика и нејзините последици, Штајн укажа на постоењето структурен проблем што за неа е скандалозно. Објаснувајќи некои од негативните ефекти од растот на сиромаштија, таа рече дека кај овие деца постои поголема веројатност да имаат здравствени проблеми, да станат жртви на физичко и психолошко насилство и да имаат полоши образовни резултати не само поради недостиг од простор за учење или поддршка од страна на презафатените самохрани родители или родители со инвалидитет туку и поради предрасудите од страна на врсниците и наставниците.
– Ова задава голем удар поединечно врз децата и врз целото општество. Не само трајна класна поделба и нееднаквост туку, ако сакате да гледате од економски аспект, тоа подразбира поголеми трошоци за нашите социјални услуги и системите на здравствена заштита – рече Штајн.
ФДП одбива да попушти
Предлогот на Партијата на зелените е дело на министерката за семејство Паус, која и самата е самохрана мајка. Целата нејзина кариера е посветена на кампањата за ставање крај на даночното затајување, поддршка на поправедното оданочување за жените и децата и инвестирање во образование во раното детство. Социјалдемократите го промовираа планот за основна детска безбедност не само затоа што сметаат дека е во согласност со основните вредности туку и затоа што во областите за кои СДП дава цврста поддршка, како што е долината Рур, детската сиромаштија е многу позастапено прашање. Сепак, министерот Линднер продолжи да го критикува овој план како прескап, што Хилгерс од Здружението за заштита на децата го смета за „ужасно“.