Фото: ЕПА

За да ги тестираат силата и издржливоста на Кинескиот ѕид, истражувачите собрале примероци од осум различни локации изградени помеѓу 1368 и 1644 година, за време на династијата Минг, при што откриле дека 67 отсто од примероците содржеле биокора, која професорот Ксијао од Колеџот за наука и технологија за почва на Кинескиот земјоделски универзитет во Пекинг ја нарекол „инженерство на екосистемот“

За долговечноста на една од најпознатите градби на планетата е одговорен тенок слој од органски материјал наречен биокора. Кинескиот ѕид е долг околу 21.000 километри и бил изграден во текот на неколку века за да ја заштити тогашната Кинеска Империја од надворешните непријатели. Слојот на биокора ја спречува ерозијата, поради што големи делови од ѕидот останале заедно до ден-денес.
За време на изградбата, градителите често користеле тули од земја, составени од мешавина на материјали, како на пример земја и чакал. Иако тие материјали се поподложни на ерозија од карпите, на нив расте токму биокората, која е одговорна за нивната долговечност. Научниците дошле до ова откритие со анализа на сегменти од ѕидот.
Тоа е нешто што би можело да се нарече жив малтер, кој е создаден како еден вид мешавина од сино-зелени бактерии (цијанобактерии), мов и лишаи, кои ја направиле градбата силна, особено во сушните делови на земјата.
– Античките градители знаеле кој материјал ќе ја направи оваа структура стабилна. За да се зголеми нивната механичка сила, набиените земјени тули секогаш се правеле од глина, песок и други лепливи материјали како вар. Тие материјали биле плодна почва за живите организми да развијат биокора – изјави за Бо Ксијао, професор на Колеџот за наука и технологија за почва на Кинескиот земјоделски универзитет во Пекинг.
За да ги тестираат силата и издржливоста на Кинескиот ѕид, истражувачите собрале примероци од осум различни локации изградени помеѓу 1368 и 1644 година, за време на династијата Минг.
Тие откриле дека 67 отсто од примероците содржеле биокора, која Ксијао ја нарекол „инженерство на екосистемот“. Користејќи преносливи механички инструменти, и на самото место и назад во лабораторија, тие ги измериле механичката сила на примероците и стабилноста на почвата и ги споредиле тие податоци со сегментите на ѕидовите што содржат само гола набиена земја, се наведува во соопштението.
Тие откриле дека примероците од биокора понекогаш биле трипати посилни од примероците на обична уништена земја, а примероците што содржат мов биле особено упорни.
– Причината за тоа е што сино-зелените бактерии и другите организми во биокората лачат на супстанции како полимери, кои цврсто ги врзуваат набиените честички на почвата и ја зајакнуваат структурната стабилност создавајќи нешто како цемент – рече Ксијао.
– Овие цементни материи, биолошки филаменти и почвени агрегати во рамките на слојот биокора, конечно формираат кохезивна мрежа со силна механичка сила и стабилност што е отпорна на надворешна ерозија – рече Ксијао.