Сметам дека и Европската Унија има свој дел од одговорноста, бидејќи кога една земја чека од 2005 година на вратата на Европа иако ги исполнува условите за влез во Европската Унија, но не е примена, тие што се на власт мислат дека можат да прават што сакаат. Кога си во ЕУ, има многу повеќе контролни механизми. Мислам дека проблемот во целиот овој регион, не само во Македонија, е што не се спроведуваат законите
Интервју со Тони Гламчевски, француско-македонски новинар и дописник од Франција за весникот „Нова Македонија“, најстариот македонски дневен весник, основан во 1944 година
Какви беа првичните реакции на населението по трагедијата што уште еднаш ја погоди Македонија?
– Веднаш имаше реакции на неразбирање, тага, жалост, но и барања за правда. Ова е настан што ја зафати не само Македонија туку и соседните земји. Тоа е видливо во прогласената жалост во вторникот во Србија, Црна Гора и Албанија… Се воспостави и европска солидарност, бидејќи Македонија немаше капацитет да се грижи за сите повредени во пожарот. Над 40 лица се лекуваат надвор од земјата благодарение на мобилизацијата на европските мерки. Но, првото чувство изразено во земјата е барањето правда. Прашањето на сите е како може некој да ја толерира оваа таканаречена дискотека, која всушност не е тоа бидејќи е регистрирана како кабаре, да може да работи толку долго?
Какви форми имаат овие барања за правда?
– Особено се мобилизирани младите Во понеделникот скопските студенти одржаа митинг на универзитетскиот плоштад за поддршка на семејствата на жртвите од пожарот, што за малку ќе доведеше до катастрофа за министерката за образование Весна Јаневска, која дојде да одржи говор. Додека таа зборуваше, на еден од студентите од толпата му се слоши, поради што мораше да интервенира итната помош, но министерката продолжи да зборува, што предизвика свирежи и бес од студентите, кои ја исвиркаа. Министерката конечно го прекина говорот и си замина. Студентите рекоа дека ќе има тивки собири секој ден до 24 март. Мислам дека власта се плаши дека студентските протести од Србија ќе се прелеат во Македонија. Треба да се запомни дека во Србија токму познатата несреќа на железничката станица во Нови Сад, чиј покрив падна врз патниците во ноември минатата година, предизвика гнев, особено кај студентите, што доведе до огромни демонстрации минатата сабота, барајќи да се преземат конкретни мерки против корупцијата. Сега истото тоа може да се случи и во Македонија.
Поточно, во каков политички контекст се случи катастрофата во кочанскиот ноќен клуб?
– Луѓето чувствуваат дека има премногу корупција во земјата, на сите нивоа. Во последно време имаше многу скандали што покажаа дека корупцијата е многу присутна во државните институции, во правосудниот систем, во здравството.
Постои недоверба кон сите тие институции, а општо е чувството дека не се презема ништо за справување со корупцијата. Не треба да се заборави дека пожарот во Кочани доаѓа по неколку други многу тешки несреќи, вклучувајќи и две авионски несреќи во кои загинаа патници, а секоја од нив предизвика околу стотина загинати. Авионот на претседателот на Републиката се урна во Босна, каде што претседателот го загуби животот. Се урнаа два хеликоптера, еден воен, еден полициски. Имаше и несреќа на преоптоварен брод, кој потона со бугарски туристи, при што загинаа околу петнаесет лица. Во сите овие случаи постои барање од населението да бидат изведени пред лицето на правдата вистинските одговорни, а не само жртвените јарци. Треба да се знае дека во Македонија владите секогаш ги обвинуваат претходните влади. Резултатот е дека 35 години не се почитуваат стандардите.
Дали веќе можеме да кажеме дека пожарот во кочанскиот ноќен клуб е корупциска трагедија?
– Мислам дека е така, бидејќи тој ноќен клуб всушност е поранешен магацин за теписи и теписони, кој работел 20 години само со еден влез и затворени прозорци. Локалот неодамна бил реновиран со запаливи материјали, кои се дури и забранети според законодавството на поранешна Југославија, кое сè уште е во сила во земјата, и кое е строго како и западното законодавство, но на крајот никој не го почитува. Се чини, а тоа ќе треба да го потврди и истрагата, дека дозволата за работа е издадена не за ноќен клуб туку за кабаре, и тоа со лажни документи, со вистински печати од Министерството за економија, но со лажни регистарски броеви. Што би значело дека некој можел да биде поткупен и дека поради тоа имало корупција во оваа афера. Но би отишол понатаму и сметам дека и Европската Унија има свој дел од одговорноста, бидејќи кога една земја чека од 2005 година на вратата на Европа иако ги исполнува условите за влез во Европската Унија, но не е примена, тие што се на власт мислат дека можат да прават што сакаат. Кога си во ЕУ, има многу повеќе контролни механизми. Мислам дека проблемот во целиот овој регион, не само во Македонија, е што не се спроведуваат законите.
Дел од интервјуто на Жан-Жак Режибие, вторник, 18 март 2025 година