Претставниците на земјите членки на Организацијата на исламски држави (ОИС) и на Арапската лига во почетокот на неделава пристигнаа во дводневна официјална посета на Пекинг. По средбата на шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји со колегите од споменатите организации, портпаролката на Министерството за надворешни работи на Кина, Мао Нинг, на прес-конференцијата изјави дека „позициите на Кина и на арапските држави за палестинско-израелскиот конфликт се совпаѓаат“!
Имено, на пресот беа презентирани заеднички заклучоци од средбата, при што беше истакнато дека „од ескалацијата на актуелниот палестинско-израелски конфликт, Кина секогаш се залагала за прекин на огнот, за обезбедување на безбедноста на цивилите и за обезбедување хуманитарна помош“, како и дека „токму тој пристап на Кина одговара на позицијата на Организацијата на исламски држави, како и на Арапската лига“.
– Светот мора итно да дејствува за да му се стави крај на конфликтот во Газа – изјави шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји за време на состанокот со претставници од арапските и мнозинските муслимански земји.
Си-ен-ен: Пекинг е почетната точка на делегациите на Организацијата на
исламски држави и на Арапската лига
Пекинг ги засилува своите напори и начини во посредувањето за примирје во конфликтот меѓу Израел и Хамас. Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ги пречека колегите од Саудиска Арабија, Јордан, Египет, Палестинската национална управа и од Индонезија, како и шефот на Организацијата за исламска соработка, во дводневна посета на кинеската престолнина. Пекинг е почетната точка на овие делегации, кои планираат да обиколат неколку светски метрополи, наведува Си-ен-ен во својот обемен извештај.
Министрите што беа во посета упатија свои силни повици за прекин на конфликтот, а пораката на министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Фајсал бин Фархан ал Сауд, силно одекна од Пекинг кон целиот свет: „Пораката е јасна: војната мора веднаш да престане, мора веднаш да преминеме на прекин на огнот и производите за помош мора да пристигнат веднаш“.
Земјите претставени во делегациите на Организацијата на исламски држави и на Арапската лига се надеваат дека динамично ќе соработуваат со Кина и со „сите земји што се одговорни и ја разбираат сериозноста на ситуацијата“ како што тоа го разбира Кина.