Погребот на кралицата Елизабета ќе се одржи во Вестминстерската опатија, в понеделник. Церемонијата ќе започне со формирањето на погребната поворка, која ќе го пренесе ковчегот на кралицата од Вестминстерската сала, каде што таа беше положена за да ѝ се оддаде почит, до Вестминстерската опатија, која се наоѓа во нејзината близина.
Ковчегот на кралицата ќе го носи Воената поворка на кралската морнарица, која последен пат беше видена во 1979 година, за погребот на лордот Маунтбатен. Кочијата ќе ја влечат 98 морнари, користејќи јажиња, додека други 40 морнари зад кочијата ќе имаат улога на сопирачка.
Улогата на морнарицата во носењето на кочијата датира од погребот на кралицата Викторија, во 1901 година. Во една фаза за време на таа поворка, додека свечената погребна поворка се движеше кон замокот Виндзор, имаше несреќен случај со еден од коњите што ја влечеа кочијата, што се закануваше да ја наруши процесијата. Поради тоа, контингент од морнари што формираа почесна стража по должината на патеката беше брзо организиран за да ги замени коњите и, користејќи импровизирани јажиња, ја однесе кочијата со ковчегот на кралицата Викторија до капелата „Сент Џорџ“ во замокот Виндзор.
Кон крајот на богослужбата за кралицата Елизабета ќе се свири „Последната стража“, по што ќе следува национално двеминутно молчење. Завршувањето на државниот погреб, кое се очекува во 12 часот, ќе биде означено со елегија што ќе ја отсвири гајдаџијата на кралицата.
По службата во опатијата, ковчегот на кралицата ќе биде пренесен во понатамошна процесија до Велингтоновата капија, предводена од Кралската канадска коњичка полиција и членови на британското здравство (НХС). Потоа ковчегот ќе биде пренесен до Виндзор, по патот што води до капелата „Сент Џорџ“ во замокот.