Фото: МИА

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Македонија е домаќин на 37 состанок на Регионалниот Координативен Комитет на Југо и Југо – источна регионална иницијатива за природен гас („ 37th Regional Coordination Committee Meeting на GAS REGIONAL INITIATIVE – SOUTH SOUTH-EAST “).

Претставници од Агенцијата за соработка на енергетските регулатори – АЦЕР, Енергетската Заедница и регулаторни тела меѓу кои експерти за регулативата во секторот за природен гас од Хрватска, Италија, Словенија, Албанија, Грција дискутираа за мерките кои земјите ги преземаат во пресрет на зимата и ги презентираа плановите во однос на снабдувањето со гасот.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на учесниците им посака добредојде и потенцираше дека е чест што РКЕ е домаќини на состанок каде релевантни чинители разговараат за предизвиците и плановите со кои се соочува цела Европа во однос на обезбедувањето на енергенси – природен гас.

– Пред нас се бројни предизвици, национални и регионални кога станува збор за приклучувањето кон глобалната енергетска транзиција, инвестирање во нови технологии во обновливи извори, како и гасификација, кои за нас се неизбежни инвестициски процеси и кои ќе донесат бенефит на долг рок. Еден релевантен проект, кој е од голема важност е интерконекторот помеѓу Македонија и Грција како клучен енергетски инфраструктурен објект со кој ќе се обезбедува повисока конкурентност во снабдувањето со природен гас. С. Македонија и регионот се зависни од гасот што го снабдува од Гаспром и тие причини треба да се размислува на диверзификација. Интерконекторот за гас помеѓу Грција и С. Македонија ќе го диверзифицира снабдувањето со енергија за С. Македонија и регионот и истиот ќе претставува добар напор за соработка. – истакна Марко Бислимоски, во воведното обраќање.

Состанокот за Гасната регионална иницијатива се реализира благодарение на соработката со АЦЕР и Секретаријатот на Енергетската заедница, а нејзината интенција е интеграција на пазарите, обезбедување исти услови за пристап и правила на пазарот на гас во регионот, како и воспоставување на добро функционален, конкурентен, ликвиден и транспарентен пазар на гас.