Чешкото Здружение за социјална одговорност соопшти дека продажбата на половни производи се зголеми за трипати на национално ниво од минатата година, пренесува Дејвид Хат за „Јуроњуз“

Чесите почесто купуваат половна облека и апарати на старо

За Чесите, купувањето користени стоки вообичаено е табу-тема. Но економското влијание на пандемијата на ковид-19 и последователното вртоглаво зголемување на инфлацијата и цените на енергентите, го поттикнаа масовното купување производи од „втора рака“. Продажбата на половни производи се зголеми за трипати на национално ниво од минатата година, соопшти чешкото Здружение за социјална одговорност. Инфлацијата во Чешка почна да расте од почетокот на оваа година. Таа достигна до 17,2 отсто во јуни, што е највисоко ниво досега забележано во државата. Економистите предвидуваат дека таа може уште да се зголемува. Во исто време, цените на енергијата исто така растат и постои широко распространето чувство дека работите ќе станат многу полоши како што се приближува зимата. Од јуни, Чесите станаа песимисти како што беа повеќе од една деценија во однос за иднината на потрошувачката и штедењето на домаќинствата, според индексот на доверба на потрошувачите на ОЕЦД.
Повеќе потрошувачи се свртеа кон половни стоки, бидејќи на тој начин заштедуваат од потрошувачката на домаќинствата. Цените на облеката моментално се зголемени за 19,9 отсто, а на обувките за 15,4 отсто, во споредба со минатата година, според најновите податоци на чешкиот завод за статистика. Лукаш Кованда, главен економист во банката Тринити, вели дека Чесите сè повеќе се загрижени за нивната финансиска состојба, обидувајќи се да заштедат на сè, особено ограничувајќи го трошењето на несуштински предмети, како облека или чевли. Кованда очекува овој тренд да биде уште поизразен во наредните месеци и квартали, бидејќи целокупната економска состојба во Чешка дополнително се влошува, што веројатно ќе доведе до значителен пораст на стапката на невработеност следната година.
Традиционалните продавачи на нова и брендирана облека исто така се појавуваат на пазарот за „втора рака“. Набавката, исто така, го поттикнува бумот на пазарот за половни производи. Во некои случаи се донираат стоки, како на пример во добротворните продавници. Сега онлајн платформите сè повеќе им олеснуваат на луѓето да ги продаваат своите користени стоки на други купувачи, искористувајќи го брзорастечкиот пазар на е-трговијата во Чешка, кој забележа скок од 14 отсто минатата година и вреди околу 9,1 милијарди евра, според „Хеурека груп“, една од најголемите европски веб-страници за споредба на цените. Во 2019 година, чешките претприемачи ја започнаа „Книхобот“, платформа за е-трговија, која им овозможува на луѓето да купуваат и да продаваат користени книги. Минатата година оствари приход од над три милиони евра, а според извештаите на медиумите се очекува годинава да заработи 12 милиони евра.
Економистите го нарекуваат ова „повторна трговија“. Инфлацијата и зголемените трошоци на домаќинствата не само што создаваат повеќе ловци на зделки туку тие исто така притискаат повеќе луѓе да ги продаваат своите производи. „Винтед“, онлајн пазар со седиште во Литванија за купување, продажба и размена на стоки, има околу еден милион регистрирани членови што ја користат чешката платформа, што би било околу една десетина од населението во земјата. „Винтед“ неодамна ги поврза клиентите во Чешка и во Полска, што значи дека луѓето во двете земји сега можат да си ги купуваат и да си ги продаваат своите половни производи едни на други. Исто така, беа додадени и категории за нега и забава за домашни миленици, давајќи им на луѓето повеќе шанси да продаваат и да купуваат.