Граѓаните на Аргентина ги пренесуваат своите искуства за тоа како се справуваат со брзото менување на цените и зголемените трошоци за живот. Секој од нив раскажува сопствена стратегија за да ја „победи“ високата инфлација
Како да се преживее високата инфлација во Аргентина
Стапката на инфлација во Аргентина на годишнo ниво се искачи над 100 отсто и влијаеше на животот на Аргентинците, кои мораат секојдневно да се приспособуваат на порастот на цените на производите за широка потрошувачка. Оваа латиноамериканска држава помина низ многу финансиски кризи во изминатите децении, но високата годишна инфлација и намалувањето на вредноста на аргентинската валута принудија многумина Аргентинци да наоѓаат најразлични начини за да можат со ниските и обезвреднети плати да го поминат месецот. Репортерката Би-би-си разговараше со неколку граѓани, кои ги пренесоа своите искуства за тоа како се справуваат со брзото менување на цените и зголемените трошоци за живот. Секој од нив раскажа сопствена стратегија за да ја „победи“ високата инфлација.
Плаќање на рати или размена на производи
Дваесет и седумгодишната Моника, која е дигитална уметница од Буенос Аирес, го применува пристапот „купи сега – плати подоцна“. Таа ги користи можностите за кредитирање без камата што ги нудат многу супермаркети и продавници за облека.
– Купувам сè на рати и без камата. Плаќањето за купената стока се распоредува на три или повеќе месеци. Ако немам пари да купам чевли што чинат 20.000 пезоси, тогаш се одлучувам да ги платам на четири рати од по пет илјади пезоси. Ако чекам да ги соберам потребните 20.000 пезоси, а купувањето го одложам за подоцна, тогаш ризикувам да ги платам многу поскапо. Но ако не можам да си дозволам да платам и на рати, тогаш нема да го купам производот – објаснува таа.
Бидејќи цените растат брзо, на некои Аргентинци им снемува готовина на крајот на месецот и тие не можат да си ги дозволат ниту основните работи. Тереза, која е чистачка од градот Мар дел Плата, најголем дел од приходите троши на кирија. Другиот поголем издаток се трошоците за превоз за да може да стигне до домовите што ги чисти. Оваа девојка нема многу опции за да заштеди од својата плата.
– Кога ќе останам без пари, користам автостоп или пешачам. Со мојата работа се среќавам со многу луѓе што се во слична материјална состојба. Тоа ми помага да се обезбедам со други продукти што ми се потребни, а без да давам пари. Се приклучив на клуб каде што луѓето си менуваат предмети. Минатата недела пар чевли што еден од моите клиенти ми ги даде за мојата работа заменив за млеко, паста за заби, леб и други прехранбени производи – вели Тереза.
Купувај веднаш и купувај долари
Големата инфлација им ги подјадува заштедите и на оние граѓани што на крајот од месецот можат да остават некој пезос на банкарските сметки. Но, бидејќи каматната стапка е пониска од стапката на инфлација, заштедените пари ќе вредат помалку отколку пред една година. Затоа, Аргентинците се обидуваат да купат што повеќе производи што можат да траат подолго.
– Купувам нерасипливи производи, кои се барани од луѓето, како кафе и тоалетна хартија. Купувам на големо за да го спречам обезвреднувањето на мојата плата – вели Ноира, медицинска сестра од градот Мендоза.
Таа ги чува тие предмети во соба во нејзиниот стан и се обидува да го продаде „вишокот“ што самата не може го користи. Најчесто купувачи ѝ се пријателите и колегите. Со нестабилниот курс на пезосот, размената на производи претставува една од опциите за заштита на животниот стандард на граѓаните. Иако пезосот е национална валута на Аргентина, многу Аргентинци како Ноира претпочитаат да ги претворат сите заштедени пезоси во долари. Така, на американската валута – доларот – се гледа како на многу побезбедна инвестиција. Поради поголемата побарувачка, доларот брзо добива на вредност во однос на пезосот. Минатата година се случи во еден ден вредноста на доларот да порасне за седум отсто.
Многу од жителите имаат мала доверба во аргентинските банки и затоа претпочитаат своите девизни заштеди во долари да ги чуваат дома. Нивната недоверба во банкарскиот систем е вкоренета по искуството од аргентинската криза во 2001 година, кога владата во тоа време постави ограничувања на готовината што Аргентинците можеа да ја подигнат од своите банкарски сметки. Некои од банките пропаднаа, а засекогаш пропаднаа и животните заштеди на луѓето. Повеќе од 20 години подоцна многу Аргентинци се повнимателни за да им ги доверат своите заштеди на банките.
– Премногу се плашам да ги ставам парите во банка, па купувам американски долари со сите непотрошени пари што ми остануваат – вели студентот Хорхе.
Но, купувањето долари во Аргентина не е едноставна трансакција. Владата го ограничи износот на долари што Аргентинците можат да ги купат во банките или официјалните берзи на валути на 200 долари месечно, за да не се исцрпат нејзините ограничени депозити во долари. Тоа доведе до појава на неформален пазар на долари, каде што американската валута се продава по многу повисок курс. Но купувањето на американскиот долар е недостапно за осиромашените граѓани, поради големата разлика меѓу вредноста на доларот на неформалниот пазар и курсот одреден од централната банка на Аргентина.
– Не можам да си дозволам да купувам долари, а пезосите девалвираат во моите раце – вели 25-годишната продавачка Роберта.
Затоа, наместо да гледа како нејзината готовина губи вредност, таа троши „колку што може побрзо“. Со зголемување на цените за 6-10 отсто месечно, таа по секоја добиена плата може да купува помалку производи во однос на претходниот месец.