Надежта на антикапиталистичката десница е да ги обедини националните и општествените елементи во едно движење

Во многу европски земји се појавија левичарски и десничарски популистички движења, кои и покрај нивните разлики се обединети во нивното противење на економскиот либерализам и капитализам, вели Рајнер Зителман за „Нешенел интерест“

Повторно будење на национализмот и на социјализмот во делови од Европа

Во многу европски земји се појавија левичарски и десничарски популистички движења, кои и покрај сите нивни разлики ги обединува нивното противење на економскиот либерализам и капитализмот. Во некои случаи, десничарските популистички партии започнаа со промовирање барем делумно либерални економски политики, пред да се трансформираат во антикапиталистички партии.
Токму тоа се случи во Германија, каде што АФД (Алтернатива за Германија) првично беше основана во 2013 година како партија со економски либерална програма. Постепено, членовите на пропазарната економија ја напуштија партијата, а десничарските антикапиталисти го зголемија своето влијание. Оваа тенденција е особено силна во источна Германија, каде што се базира на поимот „социјален патриотизам“ и на тој начин придобива многу гласачи што претходно гласаа за екстремната Левица („Линке“). Сепак, десничарскиот антикапитализам има и теоретска основа благодарение на авторите како што се Бенедикт Кајзер и Гец Кубичек од десничарскиот Институт за државна политика. Критиката на антикапиталистичката десница на капитализмот и нејзините економски политики се разликува само малку од оние на левицата.

Дали левичарите и големите бизниси се меѓусебно тајно поврзани?

Основната теза на десничарските германски антикапиталисти е дека левичарските мултикултурни идеолози и големите бизниси се тајно поврзани. Тие тврдат дека оние што навистина имаат корист од масовното доселување се капиталистите, кои имаат огромен пристап до евтина работна сила. Левичарските идеолози што бараат „отворени граници“, според аргументот, всушност, водат политика во интерес на капиталот. Сепак, неразбирливо е зошто масовната имиграција треба да биде во најдобар интерес на „големите бизниси“. Точно е дека тие сакаат квалификуваните работници да се преселат во Германија. Но ова не е само во интерес на компаниите туку и на општеството како целина. Доселувањето на квалификувани работници, на кое постојано повикуваат деловните лидери, се соочува со многу пречки во Германија. Меѓутоа, пред квалификуваните работници се испречуваат низа бирократски пречки, додека доселувањето е релативно полесно за оние што сакаат да добијат социјални придобивки, а сè што е потребно е да се каже зборот „азил“ на границата. Поради оваа причина, во Германија со години се случува масовно доселување на луѓе што само сакаат да го искористат системот за благосостојба, што, секако, не е во интерес на „големите бизниси“, ниту на работниците, а исто така е нешто што мнозинството во Германија не го одобруваат, според истражувањата.
Всушност, масовното доселување од страна на луѓе што само сакаат да го искористат системот за благосостојба го отежнува потребниот влез на квалификувани работници, бидејќи културните проблеми што произлегуваат го намалуваат прифаќањето на доселениците кај населението како целина. Како што открива овој пример, тезата дека левичарските мултикултурни идеолози и „големите бизниси“ наводно споделуваат исти цели е апсурдна бидејќи не прави разлика помеѓу видот на доселувањето. Несомнено е дека корпоративните лидери денес често се приклонуваат кон левичарскиот/зелениот дух на времето, но ова е знак на опортунизам, а не доказ дека тие се вистинската движечка сила зад промената кон левицата.

Поддршка на хартија за приватната сопственост

Исто како што левичарските антикапиталисти во Германија се посветени на „социјалната пазарна економија“, десничарските антикапиталисти велат дека се против капитализмот, но и против пазарната економија. Нивната посветеност на пазарната економија не може да се сфати сериозно, бидејќи целосно се отфрлени главните карактеристики на пазарната економија, како што е приватната сопственост. Левичарските и десничарските антикапиталисти денес често на хартија ја поддржуваат приватната сопственост, но според „приматот на политиката“, тие сакаат државата да постави многу тесни граници на сопственоста.
Гец Кубичек, еден од главните теоретичари од антикапиталистичката десница, смета дека „државата треба да обезбеди основни услуги во областа на транспортот, банкарството, комуникациите, образованието, здравството, енергијата, домувањето, културата и безбедноста, а не само регулаторна рамка за приватните провајдери, кои првенствено се занимаваат со отстранување на најпрофитабилните сектори“. Затоа, според Кубичек, задачата е да се „национализира и истовремено да се намали бирократијата“, иако се чини дека тој не признава дека колку повеќе државата се меша во економијата, толку повеќе бирократијата неизбежно се размножува. Кајзер се залага да се размисли за национализација на сите сектори од економијата што се клучни за развојот на земјата, на пример, тешката индустрија, хемикалиите и транспортот. Тој, исто така, не гледа оправдување за приватно управувани електрични постројки и водоводи итн. Од друга страна, тој великодушно признава дека лесната и индустријата за широка потрошувачка би можеле да останат „поле на активност за кооперативна и приватна капиталистичка иницијатива“.

Социјалните политики ги одразуваат оние на левицата

Во сите други аспекти, овие предлози за социјална политика се тесно усогласени со оние на германските левичарски партии. Богатите треба да бидат оптоварени повеќе во секој поглед, на пример, со зголемување на даноците на доход на оние што најмногу заработуваат и со повторно воведување на данокот на богатство, кој во Германија не се наплаќа од 1996 година. Надежта на антикапиталистичката десница е да ги обедини националните и општествените елементи во едно движење.
Важно е да не се потценуваат десничарските антикапиталисти, бидејќи тие веќе се доближија до остварување на својата цел. Синтезата на национализмот и социјализмот предизвикува силна привлечност кај гласачите. Ова не е докажано само со неодамнешните движења во Франција, туку е и јасно од германската историја, која покажува колку експлозивна може да стане оваа мешавина на национализам и социјализам. Ова не значи дека новите десничарски антикапиталисти се националсоцијалисти во традиционална смисла, но нивното движење, секако, ги комбинира идеологиите на национализмот и на социјализмот.

Подготвиле: Марјан Велевски, Билјана Здравковска