Нордистан е протекторат без лиценца

Не, не ми требаат факинг информации за војната. Барам факти за Јуриј Гагарин. Читам понатаму и конечно, еве, ги насловите… Јуриј Гагарин, руска лажна вест стара 60 години… Кој навистина прв полета во вселената?… Шокантна вест: вонбрачното дете на дедото на Илон Маск и бабата на Зеленски е првиот човек што полета во вселената, Јуриј Гагарин е руското подметнато кукавичино јајце…

На 12 април, Русија славеше јубилеј, иако требаше и светот да слави. Полетувањето на Јуриј Гагарин во вселената. Руската амбасада во Нордистан ја објави таа информација. Мене ми стигна како фејсбук-нотификација. И наеднаш обичното стана крајно необично. Под објавата на руската амбасада се појави генериран текст од „политбирото“ на Фејсбук. Како што под секоја објава на претседателот Доналд Трамп, пред Фејсбук да му ја укине страната, се појавуваше онаа глупа информација дека можеби се работи за лажна вест. Ете и сега. Под објавата за летот на Гагарин во вселената, Фејсбук ми соопшти дека информацијата е сомнителна затоа што можеби е под контрола на руската влада.

Хмм, крајно конспиративно. Затоа се одлучив на детективски пристап во истражувањето. Дали една руска амбасада може да биде под контрола на Владата на Русија? Многу сомнително. Морав да спроведам компаративна анализа. Дали американската амбасада во Нордистан е под контрола на официјален Вашингтон? Многумина што ги прашав ми рекоа дека тоа е совршено логично, секоја амбасада е делегирана од државата на која ѝ припаѓа, но јас сум убеден, според тоа како американската амбасада функционира, дека е невладина филијала на фондацијата „Отворено општество“. Тоа значи дека е отворена, прогресивна, слободоумна и полна со граѓанство луѓенца од океанот убавина. Ако е така со американската амбасада, тогаш руската автоматски е под контрола на Кремљ, значи путинистичка, ем режимска, плус сигурно се залага за денацификација што е антипрогресивно и надвор од западните трендови.

Мојот детективски компаративен пристап даде плод. Руската амбасада е сомнителна. Следствено на тоа информациите што доаѓаат од неа се сомнителни. Како онаа за некојси Јуриј Гагарин што прв летал во вселената. Одлучив да ја откријам вистината. Фатив да ги читам западните слободоумни медиуми, како и нивните нордистански реплики. Тешко одеше. Поради војната што Русија ја губи од голоракиот украински народ и неговите наципрогресивни баталјони и левичарски невладини организации како „Десен сектор“, насловите во медиумите беа преполни со информации од теренот.
Читам наслови… Кремљ во паника… Заврши руската воена приказна, еве кое смртоносно оружје Западот ќе му го даде на Зеленски… Путин во тешка психотична состојба… Интервју со украинската бабичка, која по грешка ја потопи руската вселенска станица… Досега убиени 15.000 руски војници, западните експерти знаат дека уште 150.000 припадници на руската армија наскоро ќе загинат… Санкциите од Западот дадоа плод, Русија остана без храна, Русите ги јадат домашните миленици… Врвни нобеловци, западни миротворци и невладините активисти од СС „Азов“ се опколени од руските антинацистички фашистички единици, кои умираат еден по еден од отровното зло што го носат во срцата…

Не, не ми требаат факинг информации за војната. Барам факти за Јуриј Гагарин. Читам понатаму и конечно, еве, ги насловите… Јуриј Гагарин, руска лажна вест стара 60 години… Кој навистина прв полета во вселената?… Шокантна вест: вонбрачното дете на дедото на Илон Маск и бабата на Зеленски е првиот човек што полета во вселената, Јуриј Гагарин е руското подметнато кукавичино јајце…

ЕУрека! Јајце, него како! Подметнато и кукавичино. Мене одамна ми беше сомнително дека некојси Јуриј Гагарин од Русија летал во вселената. Како, бе, заостанатите Руси направиле вселенско летало? Ама си молчев, тоа сепак беа официјално прифатени информации и си чекав, некој „вистиномер“ да ја открие вистинската вистина. И, ете, почна со сомнеж од официјален Фејсбук дека веста за Гагарин и амбасадата што го објави се под контрола на руската влада што автоматски значи фејкњуз. И почнаа да излегуваат докази дека Гагарин е фејк, а прв човек во космосот е дете на американско украинска љубов. Чичко на Илон Маск и золва на Зеленски. Сега чекам да излезе и вистината за Менделеев, оти крајно е нелогично Русин да биде еден од најважните луѓе за светската наука.

Да, знам, многу цинизам. Но во моментов не гледам друг начин како да го читам хистеричниот Запад, освен преку лупата на цинизмот. Само во западните медиуми не може да се забележи огромното присуство нацистичка идеологија кај голем број украински баталјони, полкови и сектори. Западот полека се претвора во хистеричен наци-таблоид. Со примеси на брутален советски комунизам. Тоа особено го докажува фактот дека сè што не е на линијата на западната русофобија бива забрането, цензурирано, блокирано на Фејсбук, симнато од Јутјуб. А додека Западот со сите сили се труди бесконечноста на вселената да ја направи конечна, оти, нели, завршија и со историјата, Нордистан како моќна НАТО-членка, со најмногу добиени ЕУ-датуми, полека ја дефинира бесконечноста на својата морбидна глупост.
Во модуларна болница изгореа живи луѓе. На јавноста брзо ѝ стана јасно дека болницата била чист фушерај. Којзнае дали имале соодветни лиценци и сертификати за безбедност. Државата го обвини продолжниот кабел. Изгореа живи луѓе во патнички автобус. Брзо дознавме дека фирмата немала лиценца за работа. Државата ги обвини патниците зашто не провериле пред да се качат во автобус, дали фирмата има лиценца. Смрт на ракометар по брутален физички напад. Десетина сведоци немо гледаат. Никој не помага, никој не повикува полиција и брза помош. Пред дискотека што нема лиценца за работа. Заклучок: Нордистан е западен зомби-протекторат без лиценца и еден ден ќе изгори сам од себе потпален од зло и лицемерство, кои му се погон, моќ на која се одржува во живот.

Во меѓувреме „У Шведској проблеми… здраво!“. Македонка магистрирала на шведски правен факултет. Тема, настаните од 27 април, обвинението и пресудата, кршење човекови права, монтирани обвиненија, бесмислени драконски пресуди. За оние што заборавиле, Шведска веќе се вмеша во приказната за 27 април. Еден од обвинетите побегна таму, а Врховниот суд му додели политички азил. И уште му напомена дека е опасно да се враќа во Нордистан, зашто читајќи ги обвинението и пресудата, шведските судии сфатиле дека станува збор за политичко-полициски монтиран случај без докази, со лажни сведоштва, вербален деликт како обвинение за тероризам. И додека кај нас скапуваат по затвори невини луѓе поради омразата на моќта кон македонскиот патриотизам, срамното лице на нордистанското судство во кое, според американската амбасадорка веруваат само осум проценти граѓани, почна да се појавува во правни научни трудови низ светот како лош приказ за една октроирана хибридна диктатура.