Македонско-бугарски договор – одамна го видовме касапскиот нож

Зошто Бујар Османи одбива да ги соопшти клучните поенти од новиот договор со Бугарија? Завчера министерот за надворешни работи ѝ соопшти на македонската јавност дека има документ, како основа за договор со Бугарија што е прифатлив за македонската страна. Понатаму тој вели: „Има еден таков документ којшто сме спремни да го прифатиме, меѓутоа сѐ додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Република Бугарија сметам дека не се созреани предусловите за да можам да ги информирам пратениците и јавноста. Тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно“. Има ли подобар доказ од оваа изјава на министерот дека Македонија повторно се движи кон нова национална катастрофа и кон целосно разградување на секоја можна позиција врз која државата е градена од 1944 година, па сè до денес. Касапот нежно го гали по главата кроткото јагне, умилно му зборува и го смирува пред најбрутално да го убие со страшниот месарски нож, скриен зад грб. Ете, тоа ѝ го прават повторно на Македонија. Доколку касапот му го покаже монструозниот нож на јагнето, тоа ќе се обиде да избега, па дури и да го нападне својот џелат. Штом никој од нив нема ниту трошка храброст да излезе барем на затворена седница на Комисијата за надворешна политика на Собранието и да информира што договориле со Софија, тогаш јасно е што ни се подготвува – застрашувачки месарски сатар. Кукавичлакот на актуелната влада е толкав што никој од нив не се осмелува да излезе храбро пред јавност и да каже јасно и гласно кои се деталите на новиот договор со Бугарија. Новиот договор е толку лош, штетен и разорувачки за Македонија што самото објавување на нацртот ќе ја возбуди македонската јавност, ќе предизвика излив на потиснатиот гнев и ќе го оневозможи продолжувањето на натамошниот преговарачки процес со Бугарија. Затоа ништо не смее да објави во македонската јавност.

Првиот чин на актуелната влада во надворешна политика, потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, се одигра на 1 август 2017 година во Скопје. Залудни беа тогашните предупредувања да не оди „со грло во јагоди“ затоа што прифаќањето на бугарските позиции по сите спорни точки од договорот ѝ овозможува на Бугарија да се меша во внатрешните работи на Македонија. Претпазливите познавачи велеа и дека Бугарија не го чита договорот на ист начин како и еуфоричната дружина. Онаму каде што на Зоран Заев му се причинуваше пат кон Европа, официјална Софија гледаше инструмент за (повторна) бугаризација на Македонија. За волја на вистината и тие во тогашните „ѕвездени моменти“ летаа во облаците, па веруваа на приказните дека официјална Софија нема да се осмели да ја блокира Македонија кон НАТО и кон Европската Унија затоа што „телефонски повик од секретарката на американскиот амбасадор во Софија ќе биде доволен да се вразумат Бугарите“. Поминаа безмалку пет години од потпишувањето на тој договор, но веројатно американскиот амбасадор има многу неспособна секретарка во Софија, па таа не умее да ги пронајде броевите на тамошниот претседател, премиер и министер за надворешни работи за да им ги истегне ушите и да ги вразуми. Тука, инаку, не претерувам… оваа приказна за секретарката сум ја слушал и од најистакнатите членови на дружината на Заев, но и од највисоки западни дипломатски претставници во Скопје.

Заев и неговите гледаа во договорот еден маневар, дипломатска порака кон светот и кон Грција дека земјата е подготвена за компромиси, вклучувајќи го и најтешкиот за името. Тие не веруваа дека е можно бугарско вето. Всушност, добро знаеја дека во секој миг ќе им помогне „секретарката на американскиот амбасадор во Софија“.
Дека ѓаволот ја однел шегата беше јасно уште од првите состаноци на Комисијата за историја, а мошне тешко беше приземјувањето и мамурно беше будењето на актуелните властодршци кога во 2019 година пристигнаа декларацијата на бугарското собрание и рамковната позиција на бугарскиот министерски совет. Победата на грчкиот шовинизам и наметнувањето на новото име на земјата, со потврда дека Македонија и сè што е македонско ѝ припаѓа исклучиво на Грција, го воскресна бугарскиот шовинизам кон Македонија. Ако на Грците им успеа да ја злоупотребат стратегиската цел за европската интеграција на Македонија, тогаш што ги попречува Бугарите да посегнат по истиот метод и за остварување на своите чудовишни цели кон земјава? Посебно кога е јасно дека во македонскиот случај на Европската Унија ѝ се значајни нејзините сопствени вредности и принципи колку и ланскиот снег. Никој не мрдна со прст кога Грците го покажаа касапскиот нож уште во 1991 година, па зошто сега кој било би се потресол кога и Бугарите ќе го извадат ’рѓосаниот бајонет од футролата?

Меѓутоа, преговорите помеѓу Македонија и Бугарија продолжија дури и откако веќе е совршено јасно дека целта е целосна бугаризација на Македонија. Говорот на омраза кон Македонија и кон македонскиот идентитет е официјална надворешна политика на Бугарија иако тие гласно обвинуваат за некаков антибугарски „говор на омраза“ во македонската јавност. Ако министерката за надворешни работи Захариева јасно и гласно каже дека „не постои македонски јазик на телевизија“ и притоа жизнерадосно се смее затоа што водителот ја нарекол Македонија „немирното дете на Бугарија“, тоа не е говор на омраза. Исмевањето на Крали Марко и Итар Пејо на национална телевизија во непристојни скечеви, исто така, не е говор на омраза. Но ако јас кажам дека сум Македонец, дека моите предци биле Македонци и дека мојот македонски јазик е различен од бугарскиот, тогаш тоа е „говор на омраза“.
И сега наместо да зборува за мерки за градење доверба, за дијалог помеѓу двете општества и создавање услови за нормализација на заемните односи, вчудовидувачки во една ваква вжештена атмосфера македонската влада избира да си подигрува со некаков нов договор. За разлика од нашата домашна јавност каде што власта и нејзиниот придружен оркестар пуштаат некакви помирливи тонови, во Бугарија катадневно се поткрева температурата, ескалираат барањата и се вжештува реториката. Па така, сега се оспоруваат изборните резултати од локалните избори, каде што отворено пробугарската партија, обилно медиумски, логистички и финансиски поддржувана од Софија, не освои гласови, иако беше обвиткана во некаква граѓанска обланда. „Резултатите“ од срамниот попис добија нагласено внимание во Софија, а не помогнаа ни сите официјални закани кон носителите на бугарски пасоши, ни антимакедонската кампања, а ни манипулациите на Државната пописна комисија.

Сега слушам измислуваат некакви крипто–Бугари што чувале бугарски знамиња во подрумите и на таваните, а кои биле неверојатни 800 илјади граѓани на Македонија. Не знам што ќе биде следното, но сигурно ќе биде уште поголема измислица и далеку тешка будалаштина што повторно ќе трае два–три дена додека не им спласне адреналинот. Наместо тоа, ќе беше многу подобро и покорисно барем некој бугарски општественик да посакаше искрено да ни пријде и изворно да се запознае со нас, Македонците. Но за такво нешто треба голема храброст. Лесно е да си дел од стадото, но тешко е да си поединец што држи до својот интегритет.
Нејсе, веќе се исцртува стратегијата на актуелната влада. Очајот да дојдат до тој долго посакуван датум, за да прикажат каков-таков успех, во услови кога доаѓа цехот за оваа петгодишна лумперајка, ги води кон ново национално предавство и прифаќање на срамните услови на официјална Софија. Тие ќе се обидат бомбастично да го најават договорот и потоа да следува вистинска канонада на поддршка за спогодбата од Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон и од другите центри. На крајот, ќе се прибегне кон замолчување на сета опозиција кон договорот во Македонија, преку навредување, омаловажување и оцрнување на отпорот, како некаква антизападна, антиевропска и проруска збирштина на губитници, луѓе што не умеат да го прочитаат духот на времето и како „оние од погрешната страна на историјата“. Добро ќе дојдеа дури и физички терор, закани со затвор и други методи на присила, но сега е 2022 година, па одамна испари амбиентот од 27 април 2017 година.

Еве, јас отворено велам, без воопшто да го видам договореното – новиот договор со Бугарија е штетен за Македонија, води кон бугаризација на земјата, ги загрозува внатрешната стабилност на Македонија и мирот во земјата, предизвикува меѓуетнички тензии и дополнително ја ослабува македонската држава. Преговарале за идентитетот, преговарале за македонскиот јазик и го нагрдиле со некаква налудничава дефиниција, а оставиле доволно простор за натамошно вмешување на Бугарија во образованието, културата и внатрешната политика на Македонија, во текот на преговарачкиот процес. Секако, договориле и промена на македонскиот устав, но не за вклучување на бугарското малцинство во Уставот, туку за проектирање на целиот македонски народ како бугарски. Исто така, јавно се обврзувам дека ќе ја поддржам секоја граѓанска иницијатива за искажување отпор против договореното, од пишувањето петиции и создавањето дополнителна гласност во македонската јавност, па сè до масовни протести пред Собранието и пред Министерството за надворешни работи.
Дами и господа, одамна го видовме касапскиот нож… Нема да одиме немо во нова национална катастрофа!

Автор: Ивица Боцевски