И покрај тоа што вториот бран беснее во неговата држава, индискиот премиер Нарендра Моди и натаму важи за политичар со највисок рејтинг меѓу избраните светски лидери во анкетата на „Морнинг консалт“. Сепак, неговиот рејтинг бележи пад од 20 отсто во однос на јануари годинава и над 30 отсто во однос на мај лани.
Со одолжувањето на корона-кризата настрадаа и рејтинзите на светските лидери во 2021 година. Но Моди не е единствениот политичар што има добар рејтинг и покрај високите бројки на заразени. Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор на крајот на април имаше рејтинг од 27 отсто, иако тоа е пад за 11 отсто, додека државата се наоѓа на четвртото место во светот по смртност од ковид-19. Британскиот премиер Борис Џонсон е исклучок од правилото, бидејќи неговиот рејтинг се зголеми за 17 отсто по силниот трет бран на ширење на британската мутација на вирусот и успешната вакцинациска програма. Германската канцеларка Ангела Меркел се наоѓа пред Џонсон, иако нејзиниот рејтинг опаѓа додека постепено се смирува третиот бран на пандемијата во нејзината земја. Американскиот претседател Џо Бајден има подобар рејтинг од 19 отсто за разлика од неговиот претходник Доналд Трамп. Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро и јапонскиот премиер Јошихиде Суга бележат најлош рејтинг во анкетата, а нема знаци дека францускиот претседател Емануел Макрон може да го подобри својот рејтинг од -25 отсто.