Шведска не се затвори како повеќето други држави од светот

Андерс Тегнел, главен епидемиолог од Шведска, призна дека премногу луѓе починале во земјата поради ковид-19. Тегнел беше клучен во развивањето полабава стратегија во Шведска, во која баровите, продавниците, кафулињата и спортски сали останаа отворени, додека остатокот на Европа се затвораше, за што тој тврдеше дека е „неодржливо“. Некои ограничувања сепак беа воведени во Шведска, како на пример затворање на училиштата за децата над 16 години, но на јавноста главно ѝ се веруваше дека ќе биде одговорна и ќе ги почитува мерките на физичко дистанцирање без интервенции од Владата.

Во радиоинтервју, Тегнел рече дека ако „повторно би се соочиле со истата болест, знаејќи го тоа што го знаеме денес, веројатно би се решиле да сториме нешто меѓу тоа што го направи Шведска и остатокот од светот“. Неговите коментари доаѓаат во момент кога бројките покажуваат дека стапката на смртност (жртви на ковид-19 на 100.000 жители) во Шведска e меѓу највисоките во светот, а во еден момент беше и највисока. По притисок од опозицијата, Владата соопшти оти ќе почне истрага за начинот на справување со ковид-19.

Како се споредува полабавиот пристап на Шведска кон пандемијата со соседните земји? Податоците од универзитетот „Џонс Хопкинс“ покажуваат дека до 3 јуни, Шведска имала 43,88 смртни случаи на 100.000 население. За споредба, Данска имала десет смртни случаи на 100.000 жители, Финска – 5,8, а Норвешка – 4,46. Данска и Норвешка минатата недела соопштија дека ќе го отворат туризмот меѓу нивните земји од 15 јуни, додека Шведска ќе продолжи да се соочува со ограничувања.