Европските авиопревозници обезбедија државна поддршка вредна милијарди евра од почетокот на пандемијата на коронавирусот. Германска „Луфтханза“, четвртата најголема авиокомпанија во светот, доби поддршка од девет милијарди евра, што е најголем германски корпоративен спасувачки пакет предизвикан од ковид-19.
Но тоа не е единствениот пример. На 26 јуни, Холандија ги објави деталите за својата финансиска поддршка за КЛМ, со пакет финансиска помош вредна 3,4 милијарди евра.

Претходно, Франција најави поддршка за „Ер Франс“ вредна седум милијарди евра.
Оваа поддршка, сепак, ги обврзува авиокомпаниите на зелена политика, бидејќи повеќето европски влади додаваат услови за заштита на животната средина кон нивната финансиска поддршка.

Тоа е така затоа што емисиите на стакленички гасови во авиосекторот продолжија да растат до 2020 година, барем до почетокот на пандемијата. На пример, во периодот помеѓу јануари и јуни 2019 година, емисиите на јаглероден диоксид ослободени за време на летовите од Австрија и од Финска се зголемија за 19 отсто и за осум отсто.