Повеќе години Европејците беа заведени од мислењето дека мирот и просперитетот од периодот веднаш по Студената војна ќе можат сами да се одржуваат. Но по две децении во 21 век, јасно е дека Стариот Континент погрешно процени и сега мора да ја стигне дигиталната револуција

Првите две децении од 21 век почнуваат да фрлаат долга сенка врз западниот свет. Помина доста време од почетокот на новиот век, кога луѓето насекаде, а особено во Европа, силно го поддржаа „крајот на историјата“. Според тоа илузорно мислење, победата на Западот во Студената војна – последната од трите големи војни во 20 век – доведе до подем на глобалниот поредок за кој не би можело да има алтернативи. Поради тоа, се мислеше дека светската историја сигурно ќе маршира кон универзалност на демократијата од западен вид и пазарната економија. Новиот век би бил само продолжување на претходниот, а триумфирачкиот Запад ќе ја проширува својата доминација.

Но светот е помудар сега. Мрежата на сојузи и институции што ја одржуваа западната доминација покажува дека се производ на 20 век, а нивната иднина сега е доведена во прашање. Глобалниот поредок сега поминува низ фундаментални промени, додека центарот на гравитација се поместува од Северниот Атлантик кон Пацификот и Источна Азија. Кина е на добар пат да стане светска сила и единствен предизвикувач на актуелниот хегемон – САД.

Во исто време, САД сѐ повеќе се заморуваат од својата глобална лидерска улога. Почнаа да се повлекуваат во мандатот на претседателот Барак Обама, но со Доналд Трамп повлекувањето забрза, и тоа на хаотичен и опасен начин. Американското напуштање на лидерската улога претставува закана за самото постоење на трансатлантскиот Запад, кој се темели на столбовите на заеднички вредности и политички институции. Во отсуство на какви било разумни алтернативи, структурата се распаѓа.

Во меѓувреме, Русија се соочува со иднината додека гледа кон своето минато од 20 век. Како и Советскиот Сојуз, таа сите карти ги фрла само на нуклеарното оружје. Сепак, во 21 век, моќта нема да биде детерминирана од нуклеарниот арсенал на некоја земја, туку од поширок спектар на технолошки способности, засновани врз дигитализацијата. Оние што не се напред на фронтот на вештачката интелигенција несомнено ќе станат зависни и, на крајот, контролирани од другите сили. Овие работи, а не нуклеарниот арсенал, ќе ја детерминираат глобалната дистрибуција на моќ и богатство во овој век. А во отворените општества, истите фактори ќе ја одредат иднината на демократијата.

Што се однесува до Европа, Стариот Континент влезе во новиот век во не толку оптимална форма. Живеејќи во удобните постисториски илузии за вечен мир, Европската Унија не успеа да го заврши проектот на интеграција. Имплицитното повлекување на американските безбедносни гаранции од Трамп, ја погоди Европа како гром од ведро небо. Истото тоа би можело да се каже и за дигиталната револуција. Првата фаза од дигитализацијата – платформи фокусирани кон потрошувачите – речиси целосно беше предводена од САД и Кина. Нема конкурентни европски фирми со платформи, ниту пак има европски компјутерски компании што можат да го држат чекорот со гигантите од Силиконската долина и Кина.

Затоа, најважното прашање со кое се соочува новата еврокомисија е европскиот недостиг од дигитален суверенитет. Европејците мора да одлучат кој ќе ги поседува податоците што се потребни за постигнување на дигиталниот суверенитет и во какви услови ќе се користи таа колекција.

Овие прашања ќе ја детерминираат судбината на демократијата во Европа и дали иднината на Стариот Континент ќе биде напредок или пропаѓање. Тие прашања мора да бидат одговорни на европско ниво, а не од одделни земји. Еднакво е важно овие прашања сега да бидат одговорени. Европа треба да ја заигра дигиталната топка или ќе биде прегазена од неа.

Во годините што доаѓаат, автомобилскиот дизајн и производство, механичкиот инженеринг, медицината, одбраната, енергијата и домаќинствата ќе бидат потресени од дигиталните технологии. Податоците генерирани од овие сектори ќе бидат процесирани низ т.н. клауд-технологија, што значи контролата врз овие технологии ќе биде витална за долгорочните економски и стратегиски шанси на државите. За да го чува својот дигитален суверенитет, Европа ќе мора да направи големи инвестиции во таквите компјутерски технологии и другите физички ресурси што се двигатели на дигиталната револуција. Европа досега беше пребавна и многу неодлучна за ова прашање. Нејзиниот предизвик е сега да ги стигне САД и Кина, или засекогаш ќе заостанува зад нив.

Европејците не треба да имаат никакви илузии дека приватниот сектор сам ќе ги реши работите. Европскиот конкурентски недостаток бара фундаментална промена во стратегијата на највисоко ниво. Институциите на ЕУ ќе треба да го имаат главниот збор во поставувањето регулативни и, заедно со земјите-членки, да ги обезбедуваат неопходните финансии. Но за обезбедувањето на дигиталниот суверенитет на Европа ќе биде потребен многу поширок напор, вклучувајќи ги бизнисите, научниците и политичарите.

По неодамнешното одбележување на 50-годишнината од првото слетување на Месечината, во медиумите се разви голема дискусија за потенцијалните летови до Марс. За Европа, сепак, вселенското патување може да почека. Највисок приоритет мора да бидат воспоставувањето и зачувувањето на дигиталниот суверенитет и да се преземе сѐ што е неопходно за справувањето со сопственото опаѓање и заштитата на демократијата. Добро или лошо, 21 век веќе одамна е почнат.