Според најновиот извештај на Стокхолмскиот меѓународен истражувачки институт за мир (СИПРИ), светските трошоци во одбраната се зголемија на нешто под две илјади милијарди долари лани, што е реално зголемување за 2,6 отсто во однос на 2019 година. Растот се случи во година кога светскиот БДП се намали за 4,4 отсто поради пандемијата на ковид-19. Пет држави сочинуваат околу 62 отсто од вкупните воени трошоци лани, а САД се на првото место со 778 милијарди долари.
Заедно со 2020 година, САД три години во низа бележат пораст на воените трошоци откако претходно седум години имаа пад во нив. Од другите делови на светот, Кина е на второто место со 252 милијарди долари за воени трошоци, кои растат 26 години во низа. Индија е веднаш зад неа на третото место со потрошени 72,9 милијарди долари во одбраната, а по неа следува Русија со 61,7 милијарда долари.