Изборната победа на Џонсон во Британија покажува дека партиите денес се само украсна хартија за пакување на политичките личности што ги предводат

Од многуте лекции за современата европска политика што може да се извлечат од големата победа на Борис Џонсон, можеби најважната е и најочигледна, а тоа е дека личноста има огромно значење. Изборната кампања уште еднаш покажа дека поделбите за брегзит се длабоки во Британија, но една работа за која повеќето гласачи се чини можат да се согласат е дека Џонсон генерално им се допаѓа. Анкетите за време на изборите постојано покажуваа дека на гласачите повеќе им се допаѓа премиерот отколку опозиционерот Џереми Корбин.

Допадливоста секогаш била фактор при изборот на гласачите. Но во минатото харизматичните политичари во Европа (барем оние демократските) пред сè беа претставници на еден идеал, политичка програма или на една партија составена од истомисленици. Со други зборови, тие се залагаа за повеќе од едно прашање, без разлика дали тоа е брегзит или имиграцијата. Помислете на Маргарет Тачер, Франсоа Митеран, Хелмут Кол или на Вили Брант.

Во сегашната политичка средина, во која идеологијата и принципите се заменети од прагматизам и суров опортунизам, партиите често претставуваат само украсна хартија за пакување на личностите што ги предводат. Еден пример за тоа е токму Џонсон, кој своевремено напиша две верзии на своја колумна за брегзит, една „за“ и една „против“, трасирајќи си го патот кон власта.

Приматот на личноста над идеологијата денес се одразува дури и врз јазикот. Помина долг период од деновите на Челичната Дама, прекар за страхопочит на Маргарет Тачер. Новите политички ѕвезди во Европа повеќе звучат како членови на некој бенд, па, така, Борис Џонсон е Боџо, Себастијан Курц е Басти, а Емануел Макрон е Ману. Германскиот аналитичар Јозеф Јанинг смета дека причина за подемот на таквите ѕвезди е институционалниот пад на традиционалните политички партии. Неуспехот на водечките партии да се справат со грижите на гласачите за прашањата, како што се глобализацијата, технологијата и миграцијата, создадоа нов јаз. Новите политички ѕвезди брзо го искористија, претставувајќи се како уривачи на традицијата што сакаат да предизвикаат големи промени. Наместо на вредности, нивната политика е заснована на фокус-групи, анкети и социјални медиуми. Тие често се држат до еден главен проблем, како брегзит (Џонсон) или имиграцијата (Курц).

На пример, Џонсон ја употреби успешната формула на претседателот на САД, Доналд Трамп, се сврте кон митологијата и го „продаваше“ брегзит како начин за враќање на Британија кон славното минато, претставувајќи се себеси како современ Винстон Черчил. Не толку одамна, прашањата за приватниот живот и моралот сигурно веднаш ќе ги елиминираа Џонсон или Трамп како политички лидери. Но денес луѓето ги игнорираат таквите прашања. Со децении, партиите во Европа функционираа како компании што ги регрутираат најдобрите и најпаметните луѓе, а потоа постепено ги промовираат на највисоки позиции. Во повеќето случаи, застанувањето на чело на владата беше кулминација на повеќедецениска политичка кариера. Но повеќе не е така.

Харизматичните европски политичари во минатото главно беа претставници на еден идеал, политичка програма или на една партија истомисленици

Прашањето сега е каде ќе оди европската политика предводена од култот кон политичките личности. Повоена Европа и претходно беше сведок на политичари што со сета помпа и харизма доаѓаа на власт (на пример, Силвио Берлускони), но никогаш ги немаше во толкав број, барем не во развиените западни демократии. Некои набљудувачи стравуваат дека ако разурнатиот политички естаблишмент не биде заменет од нешто ново, политичкиот пејзаж на Европа би можел да личи на тој на Латинска Америка, кој е исполнет од корумпирани, популистички политичари.

Германија, под будното око на Ангела Меркел, можеби се чини дека е имуна на површноста на политиката во која големо значење му се придава на култот кон личноста. Меркел често се смета за лек на болеста што ја зафати европската политика. Сепак, повнимателна анализа покажува дека таа не само што е лидерка што претставува олицетворение на европската ера во која примат има личноста туку е и своевидна пионерка. Меркел уште од почетокот на политичката кариера внимателно го градеше јавниот имиџ.

За разлика од Италија и САД, каде што гласачите ценат одредена динамичност на своите политичари, Германците очекуваат трезвеност и смиреност, квалитети што Меркел ги има во огромна мера. Но не прашувајте за што се залага таа. Како и нејзините машки колеги, Меркел никогаш не била обременета од идеолошки ограничувања. Во 2003 година, додека сѐ уште беше во опозиција, а Германија се сметаше за европски пациент, таа повика на низа радикални „неолиберални“ пазарно ориентирани економски реформи. Кога идеите не поминаа добро, таа брзо ги напушти.

Во 2009 година, Меркел водеше кампања за продолжување на животот на германските нуклеарни централи. Плашејќи се од јавни реакции по катастрофата во Фукушима, таа веднаш го промени курсот и го забрза повлекувањето на Германија од атомската енергија. Сепак, наспроти низата изборни проблеми за нејзините демохристијани, Меркел е најпопуларната политичарка во земјата и е единствената што ужива најголема доверба да биде канцелар. Додека остатокот од Европа и од светот минува низ турбуленции, Германците се спокојни зашто Мама е на власт. Но иронијата е дека универзалната привлечност на Меркел, која таа ја постигна со бришење на традиционалните политички граници во германската политика, придонесе за падот на традиционалните партии во земјата, вклучувајќи ја и нејзината. Гласачите сега ги идентификуваат партиите од „големата коалиција“ на Меркел, демохристијаните и социјалдемократите, а политичкиот вакуум полека го пополнуваат ултрадесничарите и зелените и нивните лидери.

Конечно, што и да се случи со новите политички ѕвезди, европскиот култ кон политичката личност нема наскоро да исчезне. Промената можеби изгледа ненадејна, но таа е кулминација на подлабока трансформација во политичката клима на Стариот Континент.