Кина ќе испрати нов пар џиновски панди во зоолошката градина во Сан Диего
Кинеското здружение за заштита на дивиот свет неодамна потпиша договори за соработка со зоолошките градини во Сан Диего и во Мадрид, главниот град на Шпанија, и е во преговори со зоолошките градини во Вашингтон и во Виена, објави „Хсинхуа“, опишувајќи ги договорите како нова рунда соработка за заштита на пандите.
Претставниците на зоолошката градина во Сан Диего јавно го изразија задоволството дека очекуваат две панди, мажјак и женка, да пристигнат кон крајот на летото доколку се исполнат сите дозволи и други услови, околу пет години откако зоолошката градина ги вратила последните панди во Кина.
– Многу сме возбудени и со надеж – рече Меган Овен од Алијансата за диви животни на зоолошката градина во Сан Диего.
Во ноември, кинескиот претседател Си Џинпинг изрази надеж дека неговата земја ќе продолжи да испраќа панди во САД откако тој и американскиот претседател Џозеф Бајден се сретнаа во Калифорнија за првпат по една година и ветија дека ќе се обидат да ги намалат тензиите.
Кина размислува да испрати пар што вклучува женско потомство на Баи Јун и Гао Гао, двајца поранешни жители на зоолошката градина, рече Овен, експерт за однесување на пандите што работел во Сан Диего и во Кина.
Црно-белите панди долго време се знак на кинеската добра волја за воспоставување соработка и симбол на американско-кинеското пријателство откако Пекинг ѝ донираше пар панди на Националната зоолошка градина во Вашингтон во 1972 година, пред нормализацијата на билатералните односи.
Кина подоцна повторно подаде рака и ги позајми пандите во зоолошките градини за да помогне во одгледувањето на младенчињата и зголемувањето на популацијата на животните. САД, Шпанија и Австрија беа првите земји што соработуваа со Кина за зачувување на пандите, а во тие земји се родени 28 панди, според извештајот на „Хсинхуа“. Најновата соработка ќе опфати истражување за превенција од болести и заштита на живеалиштата и ќе придонесе за изградба на кинескиот национален парк за панди.