Домување
Кога станува збор за највалканите места во домот, повеќето луѓе прво помислуваат на тоалетната школка. Меѓутоа, има уште многу места што забораваме да ги исчистиме, а кои се полни со бактерии.
Дали некогаш сте помислиле дека треба да ја исчистите штицата за сечење? Бактериите како што се ешерихија коли и салмонела лесно може да се рашират на неа од неизмиениот зеленчук, како и од суровото месо. Споменатите бактерии можат да предизвикаат стомачни проблеми, па дури и труење од храна.
Често забораваме да исчистиме некои „мали“ кујнски предмети и елементи. Тука спаѓаат теглите со зачини, рачките на електричниот бокал, отворачите за конзерви, славините итн. На нив може да се најде бактеријата стафилокок ауреус, која исто така предизвикува стомачни проблеми.
Капачињата на производите за шминка и четките за шминка се исто така место за размножување на бактериите, кои можат да предизвикаат инфекции на очите и кожата, пишува „Хелтлајн“.
Истражувањето од 2020 година покажа дека далечинските управувачи се дури 20 пати повалкани од тоалетните шолји. Исто така, забораваме дека и облеката може да биде извор на бактерии. Имено, оставањето влажна облека во машината за перење алишта дури и накратко може да има негативен ефект. Ако облеката стои влажна повеќе од 30 минути, извршете уште еден циклус на перење.