Премиерот сигурно знае дека Али Ахмети има тесни врски со зелените и зеленото. Пред да одлучи Али да се определи за политичар или лидер на партија, извесен период дејствуваше во Швајцарија, а таа земја секогаш е зелена и можеби оттаму Али се стекна со наклоност кон зеленото. Кога ја облече униформата на командант за „,човекови права“, таа исто така беше шарено зелена, а и шумите во поголем дел од годината се зелени. Престојувајќи и дејствувајќи Ахмети во таков зелен амбиент уште повеќе, наклоноста кон таа боја длабоко се впи во него и можеби поради тоа во еден период Ахмети ја прогласи својата партија за зелена, не каква било зелена туку еколошки зелена, нешто што е тренд во времето во кое живееме, особено кога имаме силни аспирации кон ЕУ

Колумна на Коле Манев

Понекогаш е тешко да се најде пригодна тема за да се напише колумна, особено за човек како мене, кој не е од професијата на зборот, не дека нема теми, теми има колку сакаш, проблемот е во изборот односно која од нив да се земе за обработка! На пример како сиже, скица за тема може да биде премиерот Ковачевски, кој секогаш кога ќе му се постави прашање, за состојбите во државава, одговара со „зелени“. Можеби на премиерот таков му е стилот на изразување, така си кажува бидејќи така и си мисли! Друго оправдување не можам да најдам, впрочем ниту е моја работа да трагам по туѓи однесувања на кои јас треба да им најдам соодветно место. Ова го кажувам во интерес на текстот за колумната, немам намера некого да анализирам зошто вака, а не поинаку, особено кога станува збор за личност што е на висока политичка функција.
Од друга страна, има работи што не можеме да ги премолчиме или да ги скриеме, во овој случај принуден сум да кажам дека однесувањето на премиерот изгледа како да се сместил во некаков политички оклоп и за ништо на светов не се помрднува оттаму, одвреме-навреме ќе ја подизвади малку главата и толку. Тоа го прави ако некој му каже, инаку си останува во неговата статична положба.
Како и да е, Ковачевски е наш премиер и до наредните избори ќе мора да го трпиме, без разлика како се однесува и што кажува. Можеби премиерот неговите зелени ги третира како да се „зрели“ и затоа толку лесно си ги употребува или станува збор за нешто друго. Кога велам нешто друго, не мислам на нешто лошо, туку можеби на премиерот тоа му е начинот или стилот кога сака да се пошегува и гласно да се насмее. Секој си има свој табиет, Ковачевски има право да го изразува својот личен табиет, се разбира сѐ си има своја цена.

На пример на прашање од новинар што мисли Ковачевски како премиер за создавањето музеј на УЧК во месноста Сопот и што ќе преземе околу тој настан, особено што неговиот коалициски партнер Али Ахмети на тој зелен настан зборуваше многу емотивно, трипати удри по постолјето што се наоѓаше пред него, па во еден момент се доби впечаток дека Али сака повисоко да ја подигне десната рака и силно да изговори: Хеј Ахмети. Ама Али не го направи тоа, што е повеќе од добро. Плус зад Ахмети се наоѓаше гранитна плоча на која беше исцртана картата на голема Албанија.
Според Ковачевски, излегува дека содржината не е важна, со тоа и картата на голема Албанија пред која стоеше Али е споредна и небитна. За премиерот тоа што треба да нѐ интересира е политичката соработка меѓу лидерите и партиите што се на власт.
Чудно е тоа што Ковачевски и на вакви зелени собири и исто толку зелени пораки одговара зелено и вели: Знаете, музејот е на приватно земјиште и нема за што да се разговара! Премиерот Ковачески знае да оди многу далеку со зелени и ако се следи неговата мисла дека тоа се случило на приватно земјиште, во таков случај што ако некому му текне на свое приватно земјиште да изгради првокласен бордел или работилница за преработка на марихуана или кокаин, или во краен случај на свој приватен имот да си направи скица за некаков логор, што во таков случај? Ковачевски исто така ќе ни шутне една таква зелена како ова за Сопот, за Ахмети и за картата на голема Албанија?!

Премиерот сигурно знае дека Али Ахмети има тесни врски со зелените и зеленото. Пред да се одлучи Али да се определи за политичар или лидер на партија, извесен период дејствуваше во Швајцарија, а таа земја секогаш е зелена и можеби оттаму Али се стекна со наклоност кон зеленото. Кога ја облече униформата на командант за „човекови права“, таа исто беше шарено зелена, а и шумите во поголем дел од годината се зелени. Престојувајќи и дејствувајќи Ахмети во таков зелен амбиент уште повеќе, наклоноста кон таа боја длабоко се впи во него и можеби поради тоа во еден период Ахмети ја прогласи својата партија за зелена, не каква било зелена туку еколошки зелена, нешто што е тренд во времето во кое живееме, особено кога имаме силни аспирации кон ЕУ.

И во зелениот свет се случуваат интересни нешта, би рекол чуда. Истата вечер гранитната плоча со картата на голема Албанија исчезна од зелениот музеј! Кој ја тргна, кому му пречеше, дали воопшто некому му пречеше, можеби привремено е отстранета или можеби некој забележал дека во Сопот направил, изградил темнозелена и плочата со картата на голема Албанија ,,оп“ ја снема, како ништо да не се случило и работите си тргнаа по вообичаениот пат, мирно море! Од друга страна, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, потврди дека земјиштето на кое е изграден музеј на УЧК не е приватно туку државно земјиште, на што премиерот Ковачевски остана нем, немаше каква било зелена да изрече, туку си замолче.
Насекаде во светов за ваков националистички зелен инцидент премиерот ќе побараше одговорност од соодветните министри или самиот ќе поднесеше оставка, ама од сето тоа ништо. Како да побара одговорност од министрите, кога тие му даваат отчет само на својот лидер, кон Ковачевски ниту за жива зелена не би го направиле тоа. Не само министрите туку и премиерот не смее да зуцне, ако спомене некоја повратна зелена, ќе добие закани од кои на Ковачевски ќе му се потресе скафандерот во кој обично се наоѓа. Такви се состојбите во зелената политика. И сега што? Како што? Се разбира дека ништо, ова не се први зелени што се случуваат во нашата мултиетничка и бескрајно зелена држава Македонија.

Сите замолкнаа, освен еден, кој се смета за похрабар или позелен (еколошки зелен), а тоа е господинот Бујар Османи, министер за надворешни работи на Република Македонија. Имено Бујар, дали некој го повика да го објасни случајот во Сопот или тој самиот се пријави, тоа не е толку битно, важно е дека ни раскажа една навистина ама ептен зелена приказна. Според кажувањата на Османи, музејот во Сопот не е изграден за УЧК туку семејството или „фондацијата“ што стои зад тој објект самоволно го изградила во чест на некои немили настани, кои, според Бујар Османи, се случиле во далечната 1944 година, значи за време од Втората светска војна! И Али Ахмети и цела влада присуствувале во Сопот сосема случајно, бидејќи биле поканети од семејствата чии нивни блиски биле жртви од воените настани што се случиле во тоа време.
Ајде сега нека се јави некој и нека каже дека не може да верува во приказната што ни ја раскажа Османи, која личи како тие од илјада и една ноќ. Така е во политиката, особено во таа мултиетничка, помалку националистичка, но целата обоено со зелена патина. И како за „среќен“ крај, од Европската комисија го добивме извештајот за нашиот напредок, кој со содржината нѐ тресна во лице, од што Сопот, сите закони, цела влада заедно со толку посакуваната држава Македонија, сите се разбудивме не во зелена туку во розова боја.