Фото: ЕПА

Израелската армија денеска објави дека влегла во комплексот Ал Шифа, најголемата болница во Газа, повикувајќи ги милитантите на Хамас да се предадат. Д-р Мунир ал Бурш, генерален директор на Министерството за здравство на Газа, изјави за Ал Џезира дека израелските сили влегле во западниот дел на здравствениот комплекс.

– Се слушаат големи експлозии, а прашина доаѓа до областа каде што се наоѓаме. Веруваме дека експлозија се случила во самата болница –  рече Бурш. Неколку часа подоцна, портпаролот на министерството, Ашраф ал-Кидра, изјави дека „окупациската војска сега е во подрумот и пребарува“.

Тој рече дека израелските сили, исто така, извршиле рација во одделот за хирургија и итна помош на болничкиот комплекс. Тој додаде дека пукале кон луѓето кои се обиделе да ја напуштат болницата преку коридор кој претходно бил окарактеризиран како безбеден излез.

– Ниту еден куршум не беше испукан од внатрешноста на болницата за време на нападот на окупаторските сили врз комплексот –  рече Ал Бурш.

– Тие се во комплексот, пукаат и гранатираат. Израелските сили првично ги нападнаа одделите за хирургија и за прием на итни случаи – рече Мохамед Закут од Министерството за здравство.

Израелските војници пребаруваат соба по соба, ходник по ходник, испрашувајќи ги лекарите и медицинскиот персонал поединечно.

Изговорот е тврдењето на израелската војска дека раководството или членовите на Хамас ја користат болницата Ал-Шифа како команден центар за извршување на нивните операции – иако засега нема конкретни докази.

Израелската војска постави контролни пунктови низ кои мора да поминат медицинските тимови, пациентите и повредените пред тие конечно да бидат официјално испрашани од израелската војска.

Во изминатите денови има се повеќе повици од меѓународната заедница за хуманитарен прекин на огнот, а судбината на таа болница е во центарот на светското внимание поради влошените услови таму. Во болницата се сместени илјадници пациенти, членови на медицински персонал и бегалци.

Палестинското движење Хамас соопшти дека претседателот на САД Џо Бајден е одговорен за тековната израелска операција во болницата „Aл Шифа“ во Газа.

– Ние ја сметаме окупацијата на Израел и претседателот Бајден целосно одговорни за нападот на израелската армија врз медицинскиот комплекс Ал Шифа“, се вели во соопштението на Хамас на арапски јазик.

– Предупредуваме дека може да се случи масовно убиство во болницата – соопшти Министерството на Хамас.
Израел тврди дека милитантното движење Хамас има команден центар под Ал Шифа.