Вода, вода, нема свет без вода!

Едно истражување во неколку европски града и села во 1976 година, наменето за подготвување кампања за прочистување и обновување на водните ресурси, дошло до заклучок дека сите испитаници ја осознавале водата како исконски животен елемент, извор на живот. Нема вода, нема живот. Исто би било кога би го снемало сонцето, показ што говори за еднаквото значење и заемната врска меѓу сонцето и водата за живиот свет на планетата. Истите истражувачи, борејќи се за чисти води дошле до заклучок дека загаденоста е рак на водата, еднакво на она што е рак во човековото тело. Така споредиле, така дефинирале. И дека бара долготрајно, трпеливо лекување, односно многу мерки за прочистување.
Симболичните значења на водата може да се сведат на три доминантни теми: извор на животот, средство за прочистување, средиште на обновувањето. Истовремено ги содржат сите ветувања за развој, но и сите закани за исчезнување. Донесуваат живот, сила, регенерирање, прочистување како на духовен така и на телесен план. Нурнете во некоја вода и ќе ги почувствувате споменатите димензии.
Меѓутоа водата, како впрочем сите симболи, може да се разгледува на две строго спротивни рамништа – таа е извор на животот, но и извор на смртта, творец и разурнувач. За Евреите во Библијата, бунарите во пустината се места на радост и на чуда. Покрај нив се одржувале значајни средби, се раѓала љубов, се правеле венчавки. Во нивна близина се јавил самиот Господ. Кога тој го слушнал крикот на својот слуга испратил силни дождови да се наполнат бунарите и изворите, да се спаси народот што патувал од Египет до ветената земја, до земјата Ханаан. Од тие времиња е обичајот гостопримливоста да се покажува на тој начин што на посетителот прво му се понудува свежа вода и му се мијат нозете. Ова второто долго време било обичај во традиционални македонски семејства како почит кон гостите и кон постарите луѓе. Особено кон свештените лица.
Целиот Стар завет ја слави водата. Новиот завет ќе го прими ова наследство и ќе знае да го примени. Најзначајниот, најголемиот и највлијателен чин во светската нова историја е крштевањето на Исус Христос со потопување во водите на реката Јордан.
Водата уште од почетокот се јавува како совршена, плодна и едноставна сосема проѕирна материја. Сама по себе поседува прочистувачка моќ и поради таа причина се смета за духовно света. Оттука и нејзината примена при ритуалните капења, со своите својства таа го брише секој прекршок и секој срам, го измива сторениот грев. Прочистувањето се прави само еднаш, зашто со тој чин човекот се пренесува во друга состојба, го отфрла од себе поранешниот, а го прима новиот човек. Подоцна ќе се види дека крштевката на Исус, всушност, означи крај на една епоха во човековата цивилизација и почнување на нова, која трае до денес.
Но и пред Исуса водите биле причина за епохални промени. За тоа сведочи легендата за потопот и за улогата на Ное во тие настани.

Светото писмо кажува дека со текот на времето, од Адам и Ева натаму, луѓето се намножиле, а гревот и злобата брзо се рашириле на Земјата. Енох, кој во тоа време веројатно бил единствениот пророк, предупредувал дека еден ден Бог ќе ги уништи безбожниците. Сепак, луѓето не слушале и злото сe повеќе се ширело.
Во тоа време живеел и Ное. Тој и неговото семејство се труделе да го прават она што е исправно во божји очи. Кога решил да ги уништи злобните луѓе во тогашно време, Бог сакал да ги заштити Ное и животинскиот свет. Затоа му рекол на Ное да изгради арка – еден огромен ковчег со правоаголен облик. Во арката требало да влезат Ное, неговото семејство и многуте животински видови за да го преживеат претстојниот потоп. Ное го послушал Бог. Со децении ја градел арката, ги предупредувал луѓето дека ќе има потоп, но тие не му обрнувале внимание. Конечно дошол денот кога Ное, неговото семејство и животните влегле во арката. Бог ја затворил вратата и набрзо потоа почнало да врне дожд.

Дождот истурал 40 дена и 40 ноќи, се додека целото копно на Земјата не се нашло под вода. Злите луѓе биле уништени. Неколку месеци подоцна, водата почнала да се повлекува, а арката застанала на планината Арарат (денешна Турција). По цела година помината во арката, Ное, неговото семејство и сите животни можеле да излезат од неа.
Во знак на благодарност, Ное принел жртва. Тогаш Бог им ветил нему и на неговото семејство дека никогаш повеќе нема да го уништи животот на Земјата со потоп. Како видлив знак дека сигурно ќе го исполни ова утешно ветување го ставил виножитото во облаците. Откако завршил потопот, Бог им дал на луѓето некои нови заповеди. Им дозволил да јадат месо од животни, но им забранил да јадат крв. Исто така, им заповедал на потомците на Ное да ја населат целата Земја, што и се случило.
Ете така „прошетавме“ од потопот на Дедо Ное, па да стигнеме до хаваријата со водата во македонскиот град Гостивар. Од чистата вода дадена од Бога до водата загадена од човекот, од човечки фактор.