Пред сѐ пишувам за моите внучиња, кои се шест на број. Секое од нив бара да создадам по нешто за него. За мене, нивната желба е заповед и се трудам да ја исполнам, вели Минкова

Поетесата Милка Минкова е плодна авторка од Кавадарци. Читателите на „Колибри“ првпат се запознаа со нејзиното творештво во 2019 година, а повод беше промоцијата на нејзината збирка поезија за деца со наслов „Плетенка од праменчиња“. Често учествува на домашни и меѓународни литературни конкурси, а членка е и на повеќе групи на социјалните мрежи каде што се негува поезијата. И покрај домашните обврски, како и обврските кон нејзините внучиња, наоѓа време да напише понекоја песна и да учествува на конкурсите, како кај нас така и во светот.

Поезијата е она што ме смирува, ме надградува, дополнува. Нешто што ме привлекува и што со љубов го работам. Првите мои стихови беа излеани од срце и душа уште на осумгодишна возраст, со песничка за мојата мајка. Творбите ги испраќав во тогашните списанија за деца „Наш свет“ и „Развигорче“. Годините поминуваа, а јас, еве, сѐ уште пишувам за деца. Пред сѐ зашто ги сакам, зашто тие се нашиот подмладок и нашата иднина. Но сега имам уште поголема инспирација, пред сѐ од моите внучиња, кои се шест на број. Секое од нив бара да напишам по нешто за него. За мене, нивната желба е заповед и се трудам да ја исполнам = вели Милка Минкова.
Таа, освен поезија, пишува и проза, кратки раскази за деца, но и поезија за возрасни. Нејзините песни се со најразлична тематика, но најмногу е застапена љубовта кон животот.

– Имам неколку збирки за деца што чекаат вистинско време да бидат отпечатени, нивните наслови се: „Мојата слатка примадона“, „Пчелките и Златка“, „Раскази за деца“, басната „Борба за опстанок“. „Пишуваме и броиме, од А до Ш“ беше второнаградено дело на меѓународниот конкурс на „Дата песнопој“. Кога станува збор за децата, каде и да се завртиш таму ќе ме најдеш. Имено јас сум членка во специјалната група за деца „Еври чајлдс офишл“, каде што секогаш пишувам песни на зададена тема. Оваа група е поддржана и е во соработка со УНИЦЕФ и ООН, пред сѐ за децата од целиот свет, деца без родители, градење училишта, домови за деца и друга помош што им е потребна. Во стиховите ја искажувам мојата хуманост, борбата за мир во светот, без разлика на вера, боја и националност, бидејќи секое дете има право да има безбедно детство – вели Милка Минкова.

Кога станува збор за признанијата што ги добила досега, можеме да кажеме дека ги има многу, поточно околу 3.000 за 4 години. Лани од академијата „Гуџарат Сахитја“ поетесата Милка Минкова е наградена за нејзиниот посебен придонес во светската литература по повод одбележувањето на 75-от Ден на независноста на Индија. Оваа награда ја доделува најактивниот форум на писатели во светот „Мотивејшн стрипс“. Неодамна исто така ја доби наградата „Рабиндранат Тагоре“ за нејзината книга „Плетенка од праменчиња“. Со свои песни е застапена во збирката „Стихувалки“, а наедно на последните два фестивала „Радика фест“, композиторот Зинче Мимидиновск напиша музика за три нејзини песни што беа испеани на фестивалот.
Последните две години, за време на пандемијата на ковид-19, за поетесата Милка Минкова беа најплодни. По повод 75-годишнината од владеењето на кралицата Елизабета, таа доби сертификат за ширење на заедништвото и љубовта меѓу народот преку нејзината поезија. Поголемиот дел нејзини песни се преведени на англиски, шпански, португалски, а интересно е да е спомене дека таа лично на „Радио Крисол“ во Мексико учествуваше со претставување своја песна, наедно промовирајќи го и македонскиот јазик.


Моите внучиња

Шест внучиња си имам,
Кое од кое помило ми е,
За мене најсветло сонце
се тие

Кога бабо, ќе ми речат,
Од усните медовини
им течат,
А баба со нив се гордее
И песнички им пее.

Цветанка-Цеца е најстара
од сите деца,
Со кроткоста своја,
Ноемвриско цветче е во
градината моја.

Мила, втора по ред,
Јануарски бабин цвет,
Со својата пргавост
и живост,
Ја искажува својата милост.

Во истата година,
Во декември и Димитар
Пристигна,
На баба и дедо, прво машко,
А прва рожба на
Златка и Сашко.

И Димитар како Мила,
Што на ум, тоа на друм,
Не знаат да замолчат
По цел ден со прашања и зборови ќе те толчат.

Но баба како баба
Си нема мака, внучиња
ѝ се тие,
Па, од срце си ги сака.

Радоста на баба не
стивна тука,
По некоја година
Доби уште два внука.
Михаил и Јован со четири
дена разлика,
во година иста,
Ја продолжија бабината
листа,

Михаил како сестра
му Мила,
Пргав и жив, а и секаде сака, тој да е прв.
Многу сака фудбал да игра
Како Роналдо и Меси
да биде,
На тие светски терени
да се види.
Јован е навидум тивок,
мирен
А и тој бељи прави,
Кога ќе се налути,
Веѓите ги стиска,
Како некое глувче во
стапица фатено на сиот
глас писка.
А и ако нешто не е како
што тој сака
Веднаш се лути
И инает води,
Се додека лутината
не ја преброди.

Иван е најмалото
бабино сонце
На сите милениче, галениче.
Брз е како зајаче мало,
што во бегство се вдало.
Кога залет зема,
на една страна гледа
А на друга бега.
Тој најмал
Сѐ уште не зборува
А најмногу ме изморува.
На баба не ѝ е мака
Таа многу си го сака.

Ех, бабини внучиња,
Бабини сонциња сјајни
Миленичиња бескрајни
Љубови бабини најзначајни.