Македонскиот јазик го освојува светот

Македонскиот јазик и македонистиката се изучуваат и живеат во Полска, Словенија, Франција, Русија, Турција, Англија, Романија… Македонскиот јазик со децении се простира и далеку од границите на државата. Странски студенти во континуитет и со години се љубопитни да навлезат во дамарите на македонскиот јазик, да му се доближат, да го научат. Македонистиката е инспирација и на многу научници и професори низ светот, кои се зафаќаат со нејзино толкување, истражување…

Македонистиката, македонскиот јазик, историјата на македонското писмо, зачувувањето на нашето лингвистичко наследство и богатство е повеќе од актуелна тема деновиве. Голем интерес и мноштво реакции во јавноста предизвика едностраната изјава на Македонија приложена кон записникот од првата меѓувладина конференција со ЕУ, во која се изоставени некои значајни факти за просторниот и временскиот континуитет на македонскиот јазик низ вековите. Својот глас го кренаа и научната јавност, младите македонисти, слависти, македонски научни институции, кои се чувствуваат должни да застанат во одбрана на научната вистина и на македонистиката… А вистината за големината и распространетоста на македонскиот јазик во и надвор од државата
се шири и се потврдува и преку многубројните лекторати, катедрите за македонистика и за славистика на факултети и универзитети низ Европа и светот на кои се изучува македонскиот јазик, кој се почитува и побудува интерес за истражување, подлабоко осознавање… Македонистиката живее во Полска, Словенија, Франција, Русија, Турција, Англија, Романија… Македонскиот јазик се простира далеку и од границите на македонската територија. Странски студенти во континуитет и со години се љубопитни да навлезат во дамарите на македонскиот јазик, да му се доближат, да го научат.
Една таква значајна катедра е Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, која почнува со работа во учебната 1961/62 година. Годинава со гордост се одбележаа 60 години од поставувањето на темелите. Изминативе дваесет години катедрата ја води проф. д-р Намита Субиото. Денес, Универзитетот во Љубљана е еден од универзитетските центри во овој дел на Европа на кои има најголем интерес за македонистиката, и тоа не само историографски туку и за најактуелните теми и прашања во македонската лингвистика, книжевност и култура, за што сведочат и многубројните научни трудови, но и книжевни преводи.

Таа со својот тим безрезервно се труди да ја зачува постигнатата позиција на македонистиката на нашиот факултет и настојува да мотивира што повеќе студенти да ги изучуваат македонскиот јазик и литература…
Словенечките студенти се фасцинирани од македонскиот јазик. Ги интересираат различни сегменти од македонската граматика, пред сѐ балканските (несловенски) карактеристики; ги интересираат знаците на традицијата и историјата, инкорпорирани во современата литература и култура, ги интригираат преведувачки постапки на релацијата македонски – словенечки и обратно, посочува Субиото.
„Годинава одржав предавање за мотив на метаморфоза и за необични средби во расказот ’Винска мушичка‘ од Венко Андоновски на две словенечки гимназии и видов дека и кај средношколците постои интерес за интересни теми од македонската култура и уметност, иако македонскиот јазик не е вклучен во средношколските програми (освен на две меѓународни гимназии)“, споделува таа.
Пред две недели, Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец, Полска, одбележи 35 години македонистика на Шлезискиот универзитет во Катовице. Во моментов лекторската настава ја изведува Никола Илиевски. Овој јубилеј е конкретен показател и за повеќедецениската соработка на Шлезискиот универзитет и УКИМ, важна и за македонистиката и за полонистиката.
Полските студенти исто така се восхитени од автентичноста на македонскиот јазик. Најголема импресија претставува македонското писмо. За полските македонисти вечна инспирација претставува поезијата на Блаже Конески. Студентите ја обожаваат современата литература. Ја читаат Лидија Димковска на полски и во оригинал. Драмите на Стефановски се сеприсутни во нивниот книжевен орман.
Македонскиот јазик, литература и култура веќе 46 години се изучуваат на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“.
Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК) минатата година одбележи 35 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет.

Во изминатите години се постигнати значајни резултати во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката во Франција, на реномираниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз. Месецов на реномираниот ИНАЛКО во Париз, македонистиката доби статус со кој е гарантирана нејзината заштита и зачувување, но и нејзината самостојност – со неможност да се спои со други студии. Лекторатот по македонски јазик работи од 1973 година, а во моментот лекторската настава ја изведува Ѓоко Здравески.
Британци се воодушевени од македонскиот јазик и го изучуваат на одделен курс на кој подетално се пренесуваат знаења и за македонската литература и култура. На Школата за словенски и источноевропски студии на престижниот Лондонски глобален универзитет се одржува курс по македонски јазик, во соработка со МСМЈЛК при УКИМ.
Младите во светот што го изучуваат нашиот мајчин јазик се наши промотори и амбасадори и потребна е поголема поддршка за тоа што ги изучуваат нашата култура, историја, писмо. Потребно е гласно да ги поздравиме и охрабриме и студентите и професорите за афирмацијата и промоцијата на нашиот јазик. Нашите кадри во светот заслужуваат поголемо внимание и признание. Голем број лица низ планетава читаат на македонски, преведуваат македонска поезија, обожаватели се на нашите писатели, фасцинирани се од македонскиот јазик, граматика, писмо, пеат на македонски јазик… Ванг Јинглонг од Пекинг го обожава Тоше Проески. Ги пее неговите песни, воодушевен е од гласот на Тоше и вели дека сака и другите негови сожители да ги почувствуваат емоциите што извираат од песните на Тоше и македонскиот јазик.
Македонистиката е инспирација на многу научници и професори низ светот, кои се зафаќаат со нејзино толкување, истражување…
Потребен ни е масовен проглас за уште поголема афирмација на македонскиот јазик и книжевност и на македонистиката. Потребен ни е силен глас против политичките обиди со кои се врши атака врз македонскиот идентитет и врз државата и севкупната македонска култура.

Минатата година, кога се одбележуваа 100 години од раѓањето на Блаже Конески, многупати, вклучувајќи и во политичките говори, се цитираше неговата мисла: „Јазикот е единствената комплетна татковина“.
„Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“, своевремено апелирал Конески.
Според енциклопедијата на професорот и македонист Виктор Фридман, македонскиот јазик има од два до 3,5 милиони говорители, заеднички да ја насочиме бројката кон уште поголеми височини.