„Ѕвездена лектира“ од Власта Цениќ за магични летни вечери

Драги наши читатели, ние знаеме за вас дека освен што секој вторник го читате „Колибри“, во текот на летото ги читате и задолжителните лектири, како и некои други книги што ви се допаѓаат. Затоа денес одлучивме за прочит да ви ја препорачаме новообјавената книга за тинејџери, насловена „Ѕвездена лектира“, од српскиот поет Власта Цениќ.
Станува збор за поезија инспирирана од тинејџерските години, која ги обликува во стих првовљубените погледи и воздишки од младите срца што забрзано чукаат и треперат.
Кога навлегуваме во богатиот свет на поетот Власта Н. Цениќ, се соочуваме со мошне прониклив, познат и признаен автор пред широката читателска публика, не само во Србија туку и надвор од неа. Притоа, уште со првата средба со неговите стихови се отвора широк дијапазон под суптилни теми што ќе го засегнат секого од кого ќе дојдат до прочит – пишува во поговорот кон оваа книга, македонскиот писател Горјан Петревски.

Книгата „Ѕвездена лектира“ е во издание на здружението за култура, наука и општествени дејности „Стари поток“ од Кочани, изборот и препевот ги направи поетот Филип Димкоски, лектурата е на Виолета Танчева Златева, а уредник е м-р Љупка Стојменова. Насловната страница и внатрешните илустрации се дело на академскиот сликар Владимир Здравески. Издавањето на оваа книга го помогна печатницата „Европа 92“ од Кочани.
Промоции на книгата се најавени за наесен, во неколку македонски града.

Ф.Д.

ЅВЕЗДЕНА ЛЕКТИРА

Таа кај мене дојде по лектира
(фала му на Бога и јас
нешто имам!).
Единствени сме во космосот –
таа чита, а јас со глава кимам.

Убава ми е како ружа
од крпата
што баба ја везела во младоста.
Во главата нешто чудно
ми свири,
химна на среќата или
ода на радоста.

Чита гласно, јас вртам
страница.
Ситно трепка синооката
кукличка.
Во неа гледам, вљубено
издишувам,
херој сум во романот
што сега го пишувам.

Тогаш вресна како кражба
да се случила.
„Глувче претрча!“
– свика полна страв.
Зошто се плашиш?
Глувци и мачки има
во куќата на секој сиромав.

Ко од синџир пуштена,
мојата мачка бесна
јурна по поганецот низ собата тесна.
А таа синоока убавица
со златеста коса
од страв врз мене скокна
кркуш да ја носам.

Нема од мене посреќен ат
ни поубав јавач што галопира!
Нејзините раце околу
мојот врат,
сега читаме ѕвездена лектира.

ПЛЕТЕНКИ

Леле, кога ја видов
без плетенки
ми се сврти цела галаксија!
Магла ми падна преку зеници,
сите цветови излетаа
од саксија!

Можела само некоја
рака камена
да ѝ ги тргне плетенките
жод рамена.
Да бев тука, жими мајка,
за плетенките, ќе летаа глави.

За две плетенки,
онолкави!

Препев од српски
на македонски:
Филип Димкоски