Влијанието на климатизацијата врз здравјето во летниот период

Летниот период со себе носи високи температури, кои значително влијаат на секојдневното функционирање, работната способност и на здравјето на населението. Притоа, примената на уредите за климатизација ни станува неопходност. Соодветното разладување овозможува полесно поднесување на високите температури, подобар сон и го намалува ризикот од топлотен удар и дехидратација.
Сепак, неправилната употреба и несоодветното одржување на уредите за климатизација може да имаат и негативни последици врз здравјето. Постарите лица, пациентите со кардиоваскуларни болести, пациентите со хронични заболувања, децата и бремените жени се најчувствителни на нагли температурни промени. Ненадејниот премин од ладна и климатизирана просторија во надворешна и топла средина може да ги оптовари компензаторните механизми и да предизвика кардиоваскуларен стрес. Ваквите нагли температурни промени може да предизвикаат симптоми како вртоглавица, тахикардија, варијации во крвниот притисок и чувство на општа слабост и малаксаност.
Особено се значајни редовното одржување и чистењето на клима-уредите. Нечистите филтри претставуваат погодна средина за акумулација и размножување на микроорганизмите – бактерии и габи, но и а акумулација на алергени, кои понатаму со воздухот се распространуваат низ просторијата и можат да бидат причина за развој на респираторни инфекции и алергиски реакции. Контаминираните клима-уреди може да предизвикаат симптоми на кашлица, кивање, иритација на назалната слузница и очите, воспаление на синусите и други респираторни проблеми. Особено се чувствителни лицата со хронични респираторни заболувања. Потребно е да се избегнува долготрајното директно изложување на сув и ладен воздух бидејќи истото тоа може да предизвика иритација и спазам на дишните патишта, поради што редовното проветрување и одржувањето оптимална влажност на воздухот се важни, особено за оваа група пациенти. Особено внимание треба да се обрне доколку се појават симптоми на интензивирана кашлица, свирење во градите, отежнато дишење и чувство на стегање во градите. При појава на вакви симптоми, пациентите задолжително да се јават на преглед и да побараат лекарска помош.
Климатизацијата има значајна улога во обезбедувањето пријатни услови за живот и работа во летниот период. Одговорната примена и следењето на здравствените препораки – редовното чистење, одржување, дезинфекција и сервисирање на клима-уредите, особено пред почетокот на летната сезона, може да го подобрат квалитетот на животот во летниот период и притоа да се избегнат штетните ефекти врз здравјето на луѓето.
Д-р Андреј Начески, Прима-мед при Ре-Медика