Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски, „Антево перо“, како организатор на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, изразува благодарност до сите учесници што учествуваа на конкурсот за седмото доделување на наградата „Антево перо“ за најдобра необјавена стихозбирка на македонски јазик. На конкурсот пристигнаа 75 поетски збирки, кои имаат разноликост, креативност и особена автентичност и уникатност во поетскиот израз, од автори од Македонија, Италија, Австралија, Србија, Германија, Грција и Канада.
– Она што е особено значајна придобивка и на што сме многу горди и среќни е тоа што наградата „Антево перо“ и името и творештвото на Анте Поповски годинава беа провокација да учествуваат и автори од албанската, ромската и другите етнички заедници, што е за поздравување. Комисијата, во состав Весна Мојсова Чепишевска (претседателка), Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), во изминатиот период темелно ги разгледуваше и анализираше пристигнатите збирки. На својот прв состанок по завршувањето на конкурсот, по плодната дискусија, комисијата издвои 12 поетски збирки во поширок избор за наградата „Антево перо“: „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ од Тони Попов; „Акростихови“ од Борче Грозданов; „На каменот“ под шифрата И камен и цвет; „Собрани остатоци од светот“ од Пепи Стамков; „Сивка: геометрија на болката“ од Ирена Бабамова Стојчева; „Музеј на заборавот“ од Сашо Димоски; „Збирка“ од Елизабета Тодороска; „Царски рез на небото“ од Даниела Андоновска Трајковска; „Скршена тишина“ под шифрата Цреша; „Анатомија на скриената болка“ под шифрата Суштина; „Каде што се раѓаат сенките“ од Агрон Усеини; и „Парченца Македоноверзум“ од Емилија Матаничкова – велат од здружението.
Како и минатите години, и годинава комисијата со особено задоволство го проследи учеството на младите автори, кои со своите поетски квалитети создадоа мошне силна и голема конкуренција. Во поширок избор за наградата „Антев часовник“, која му се доделува на млад автор за поетско творештво на македонски јазик со забележителни поетски квалитети, жирито издвои 11 збирки поезија: „Бодликави мисли“ од Бунјамил Мефаил; „Птиците заминуваат на исток“ од Софија Тодороска; „Полет“ од Ива Пуовиќ; „Преписки“ од Емануела Ковачевска Китановска; „Пијавици“ од Мартина Костадиноска; „Индиго солзи“ од Нино Наумовски; „Патот на соништата“ од Матеја Талеска; „Зад пердето на јазикот“ од Марија Филоска; „Заемно проникнување“ од Дарио Постоловски; „Потрага“ од Евгенија Узунова; и „Ќумур смоквин млеч“ од Стефан Спасовски. На следниот состанок комисијата ќе го стесни изборот за наградите.