Фото: ЕПА

Повод: Изјавата на Марта Кос за „Европа без граници“

„Еден ден цел Западен Балкан ќе биде дел од нашата Европа. Тогаш граничните точки и патиштата што ги споменав претходно повеќе нема да имаат исто значење, бидејќи ќе бидеме една Европа. Една Европа што работи заедно“. Овие зборови на европската комесарка за проширување Марта Кос не треба да се читаат само како уште една дипломатска порака за европската интеграција на Западен Балкан. Тие отвораат многу посуштинско прашање за тоа каква Европа се гради и какво место во неа ќе имаат малите европски држави и народи.
„Оптимистичката“ политичка формула „една Европа“ на еврокомесарката Марта Кос всушност реши една сериозна дилема во македонската јавност. Евроинтегрирањето со оваа изјава веќе сè повеќе значи и трансформација на ЕУ со постепено префрлање на клучните функции од државите кон наднационален центар. ЕУ во изјавата на Кос го идентификува концептот на актуелен Брисел и Европската комисија, кој значи сè повеќе централизација и концентрација на политичката моќ. Токму на оваа точка Македонија не смее да биде само набљудувач на промени, со единствена амбиција за приклучување на каква-таква ЕУ.

Од Европа на држави кон Европа на центар?

Европската Унија веќе одамна не е само зона на економска соработка. Таа е политичка и правна конструкција во која некои од националните надлежности се пренесени на европско ниво. Тоа само по себе не е ниту добро ниту лошо. Прашањето е каде е границата за тоа кога таквиот заеднички ентитет престанува да биде механизам за заедничко решавање на проблемите, а станува механизам за постепено намалување на просторот во кој националните демократии самостојно одлучуваат. Кој ја контролира таа концентрација на нова моќ и кој гарантира дека малата држава нема да стане само формално суверена, додека суштинските одлуки се носат на друго место?
Но во еден ваков политички контекст во кој се наоѓа Македонија најважно е и кој го гарантира идентитетскиот, политичкиот и територијалниот интегритет на малите европски народи во услови на сè подлабока интегративна централизација на ЕУ. Ова не се евроскептични прашања. Ова се легитимни демократски суверенистички прашања, произлезени токму како последица од специјалните услови на либералните бриселски елити во евроинтегративниот процес на Македонија во кој ѝ беа одземени перемпторните права на државава во замена за членство во ЕУ, кое сѐ уште го нема.

Што е тоа „без граници“?!

Кога политичарите зборуваат за Европа без граници, најчесто мислат на полесно движење на луѓе, стоки, капитал и услуги. И тоа е една од најголемите придобивки на европскиот проект. Но границата не е само рампа на патот. Границата е и линија на политичка одговорност. Од другата страна на границата започнуваат друга јурисдикција, друга политичка одговорност, друг демократски мандат и друга државна власт. Затоа, кога границите постепено го губат своето политичко значење, мора да се постави прашањето што се случува со суверенитетот што тие го симболизираат, тоа особено важи за оние држави што се под притисок да го редуцираат своето суверено право да се нарекуваат со своето историско име, им се редуцира сувереното право да се идентификуваат со своите историски симболи, да го декларираат својот мајчин јазик како свој и да имаат свој наратив за националната историја. И сето тоа да им биде политички инхибирано? Што со таквите земји кандидатки како што е Македонија?
Европската интеграција може да ги намалува физичките бариери без да ги укинува државите. Но ако паралелно со тоа продолжи пренесувањето на сè поголем број суштински надлежности кон европските институции, тогаш станува збор за нешто многу подлабоко од слободно движење. Станува збор за редефинирање на државноста. Таквиот концепт, токму во овој момент и овие наметнати околности, нам не ни одговара.

Проблемот не е само Брисел

Во една заедница од големи и мали држави, формалната еднаквост не значи автоматски и еднаква политичка моќ. Големите држави располагаат со поголеми економии, поголем демографски потенцијал, поголема дипломатска тежина и поголемо влијание врз европските политики. Оттука произлегува легитимниот страв дека создавањето сè посилна наднационална структура може парадоксално да создаде поцентрализирана Европа во која политичката тежина на најголемите држави ќе биде уште поголема. Тогаш малите држави би можеле да се најдат во чудна ситуација, божем формално еднакви, но реално ограничени во можноста да влијаат врз најважните стратешки одлуки. Тоа би било европско обединување без вистинска европска рамноправност. Засега концептот на Европската комисија покажува токму вакви индикатори, кои еврокомесарката Марта Кос ги најавува како памфлети. А токму тука Македонија мора да биде особено внимателна.

Македонија не смее да влезе во Европа како територија, туку како држава во полн капацитет и со прерогативи на суверена национална држава

Прерогатив на суверена национална држава значи Македонија да ги има сите права и овластувања самостојно да одлучува за својата иднина, без некој друг да ѝ ја наметнува волјата. Тоа подразбира да ги зачува својот суверенитет, територијалниот интегритет, националниот идентитет, јазикот и културата, како и самостојно да ги носи политичките одлуки и да ги уредува своите внатрешни работи. Со други зборови, пораката е дека Македонија треба да влезе во Европската Унија како рамноправна и суверена држава, со зачувани национални права и достоинство, а не како територија врз која другите ќе одлучуваат.
Македонскиот проблем е дополнително сложен затоа што прашањето за европската интеграција кај нас никогаш не било само економско или административно. Тоа е и прашање на идентитет, на историја, на јазик, на политичка самобитност, на државност и на способност сами да одлучуваме за сопствената иднина. Тоа е апсолутно природно и врховно право на државите. Меѓутоа, концептот на либерален Брисел за евроинтегрирањето наметна услови со кои овие „јус когенс“ права беа релативизирани. (?!)
Македонија не смее да прифати логика според која европската интеграција подразбира постепено разводнување на сите оние елементи што ја дефинираат како политички субјект. Напротив. Ако европскиот проект навистина се темели на демократски вредности, тогаш европската интеграција мора да го засили, а не да го поткопа правото на малите народи на политичка и културна самобитност. Македонија не бара привилегија. Бара гаранција дека нејзината европска перспектива нема да биде условена со постепено прифаќање туѓи толкувања за тоа кои сме.

Најопасна би била Европа во која малите народи ќе станат „административни категории“

Постои еден подлабок ризик за кој премалку се зборува. Во големи наднационални конструкции (каков што е концептот на либералните бриселски елити за реструктурирање на ЕУ) малите народи може да почнат да се третираат првенствено како административни единици, региони, пазари или статистички категории. А народот не е статистика. Државата не е само територија. Суверенитетот не е само право да се постави граничен премин. Суверенитетот е способност една политичка заедница да каже јасно и гласно дека ова се нашите интереси, ова се нашите институции, ова се нашите одлуки и ова е нашата демократска одговорност…!
Токму затоа европска Македонија мора да биде Македонија со јасна политичка субјективност. Не Македонија што ќе исчезне во Европа, туку Македонија што ќе придонесува за Европа.

Не ни треба изолација, нам ни треба рамноправна интеграција

Најлесно е секоја критика на европскиот централизам да се прогласи за антиевропска. Тоа е т.н. „интелектуална мрзливост“. Да се постави прашањето за границите на европската интеграција не значи да се отфрли Европа. Напротив, може да значи да се бара подемократска Европа. Европа во која Брисел нема да биде центар што управува со периферијата, туку заедничка институционална рамка во која државите имаат реално влијание. Европа на принципот на супсидијарност (принцип според кој одлуките треба да се носат на најниското ниво на власт што може ефикасно да го реши одредениот проблем). Имено, за Европа во која одлуката се носи што е можно поблиску до граѓанинот. Европа во која заедничките проблеми се решаваат заеднички, но она што може да го реши националната демократија не се одзема од неа без убедлива причина. Тоа е суштината на европскиот демократски баланс.

Македонија мора да знае што сака пред да праша дали ја сакаат

Најчестото прашање во Македонија во врска со ЕУ е: Кога ќе влеземе во ЕУ? Меѓутоа, треба да биде: Во каква ЕУ влегуваме?
Имено, во ЕУ што сега е во очигледен процес на транзиција треба да се прашаме за тоа каква ќе биде положбата на малите држави во новата ЕУ. Какви ќе бидат механизмите за заштита на националните интереси? Каде завршува европската, а каде започнува националната надлежност? Какви се гаранциите за културниот и јазичниот идентитет? Како ќе се спречи економската, политичката или демографската доминација на поголемите над помалите? И што се случува кога интересот на една мала држава ќе се судри со интересот на големите членки? На овие прашања не смее да се одговара со флоскули за „европските вредности“. Потребни се институционални гаранции!
Европскиот проект има смисла само ако успее да создаде нешто што европската историја ретко го препознава во последно време, а тоа е – заедница на различни народи без потреба еден народ да владее со друг. Ако наместо тоа се создаде структура во која политичката, економската и стратешката моќ постепено се концентрира во еден центар, тогаш Европа ризикува да произведе нова политичка географија на центар и периферија. А Македонија не смее да се согласи да биде периферија. Ниту политичка. Ниту економска. Ниту идентитетска. Ниту историска.

Нашиот одговор мора да биде — европска Македонија, но не Македонија без свој глас

Македонија има интерес да биде дел од европскиот простор. Но европеизацијата не смее да значи обезличување. Интеграцијата не смее да значи капитулација на политичката субјективност. Отворањето на границите не смее да значи исчезнување на државата. Споделувањето дел од суверенитетот не смее да значи негово безусловно предавање. А европската солидарност не смее да се претвори во механизам преку кој најсилните ќе ја дефинираат Европа, а најмалите само ќе ја следат.
Затоа, изјавата на Марта Кос треба да биде повод за сериозна македонска дебата. Но се разбира НЕ за дебата со тежиште „ЗА или ПРОТИВ Европа“, туку дебата за тоа каква Европа сакаме ние во Македонија.
Затоа што Европа без граници може да биде прекрасна цивилизациска идеја доколку границите што се отстрануваат се бариерите што постојат меѓу луѓето. Но ако под „Европа без граници“ постепено се подразбира и Европа без реален простор за политичка самостојност на малите држави, тогаш Македонија мора да се сепне навреме.
Нашата цел не треба да биде Македонија по секоја цена да влезе во Европа, а потоа таму „да се стопиме/претопиме“.
Нашата цел треба да биде Европа да стане поширока, без Македонија да стане обична европска „територија“, а токму тоа е разликата меѓу „интеграција“ и „асимилација“. Н.М.