Јас сум дипломирана конзерваторка и реставраторка и имам реставрирано повеќе икони од македонските манастири. Коренот на мојата љубов кон сликањето икони е токму задачата да насликам велигденско јајце што ја добив како средношколка

Велигден отсекогаш бил инспирација за уметниците со духовните пораки што ги носи. Младата уметница Славица Танеска (23) уште во средното уметничко училиште имала можност да наслика едно велигденско јајце и одлучила на него да го нацрта ликот на Исус Христос.
– Кога бев прва година во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје беше организирана една многу убава велигденска изложба во Музејот на македонската борба. Настанот беше многу посетен, а јас тогаш одлучив на јајцето да го насликам ликот на Исус Христос. Тоа ми беше прва можност да сликам икона, и тоа на јајце, подлога што не е рамна, што беше дополнителен предизвик за мене. Ова мое дело денес се чува во просториите на уметничкото училиште, на влезот, каде што има еден застаклен дел и таму се наоѓаат најубавите јајца од таа изложба. Подоцна, кога веќе бев студентка на Ликовната академија, насликав на велигденско јајце крст со шари, што исто така беше забележано од професорите – вели Славица Танеска.

Таа ни откри дека токму ова нејзино искуство за неа претставувало поттик да почне да слика икони, кои ги изработува и денес.
– Јас сум дипломирана конзерваторка и реставраторка и имам реставрирано повеќе икони од македонските манастири. Коренот на мојата љубов кон сликањето икони е токму таа велигденска задача што ја добив како средношколка. Велигден значи победа на животот над смртта и лично за мене надеж дека ќе ги победам сите предизвици во животот со верба во Бог. За сѐ што почнувам, секогаш велам со Господ напред и успева – ни рече оваа млада талентирана и амбициозна сликарка.
Славица Танеска лани дипломира на Ликовната академија во Скопје, и тоа прва во генерацијата, а веќе се запиша и на постдипломски студии и работи на магистерскиот испит. Освен тоа, континуирано подготвува и одржува изложби, па, така, минатата година ја заокружи со својата шеста самостојна изложба, која ѝ ја овозможи факултетот, бидејќи е добитничка на наградата „Четирите мајстори на модернизмот“. Последната групна изложба на која учествуваше е „Денот на пролетта – деновите на екологијата“, во салонот „Ко-Ра“ во Скопје.

М.Т.