Светот се тркала мултиполарно, Европа учи да фаќа риби

  • Се чини дека историската лекција дека големите империи треба да бидат во пакт, а не да војуваат до истребување е применета во кинеско-американските разговори на највисоко ниво. Тоа е потврдено и за време на кинеско-рускиот дијалог, но сепак има некои јасни разлики. Меѓу Пекинг и Вашингтон постои една голема пречка – за САД, Кина сѐ уште е непријател број 1
  • Во овој мултиполарен вител, ЕУ е во потрага по својот нов идентитет. Проширувањето е задоцнет процес, а давањето статус на придружно членство за Украина, и најверојатно за Западниот Балкан, меѓу кои и Македонија, е геополитичка изнуда. Ова е уште една грутка сол во нашата отворена рана, дека држава (име) не се дава и затоа е добро што почнавме да покажуваме отпор за националните интереси и прашања

Да ги земеме како историски пример двете најмоќни империи на своето време и нивниот директен судир, кој бил неизбежен. Македонија и Рим. Претходно тоа биле Персија и Македонија, каде што победникот се војската и идејата на Александар Македонски. Мислам дека тоа е време кога било привилегија да се живее. Наука, математика, филозофија, архитектура, појавата на Исус, средба со странци од вселената… Дали тие војувајќи се уништиле? Не сосема, а за последен победник може да се смета Рим, стриктно во воена смисла, затоа што Македонија со своето искуство и духовен пресврт, кој се чувствува низ тогашниот свет, како што се архитектура, медицина, филозофија, оди чекор напред. Да, токму христијанството е новото во тоа време и тоа ново го носи Македонија. Доволно е да ги споменеме царот Константин или Јустинијан (кој ги покрстува Атињаните). Рим и Македонија се во пакт, па така и си ја делат империјата на Запад – Рим и на Исток – Македонија. Тој што на цел глас тврди дека тоа е Византија манипулира со историските факти. Не постои таква државна конструкција, но затоа, пак, постои Македонија и тоа трае до средниот век, кога полека ја снемува македонската конструкција, но и се претопува кралската лоза. Коренот секако дека останува, но на Македонците им е обврска да го бараат. И својата лоза кралска да ја бараат. И ако ја бараат ќе ја најдат. Ако ме бараш ќе ме најдеш, ако ме повикаш ќе дојдам!
Овој 21 век не мора да биде само век на вируси (еболата тропа на врата како глобална пандемија и најверојатно како нов проект), може, а секако дека и ќе биде, и век на чуда. Затоа треба и мора да си кажеме и да им кажеме – тука сме!
Денес постојат две големи империи, Кина и САД, а како трета се смета и Русија по својот простор и воена способност, но, сепак, економски е зад првите две. Дали Кина и САД ќе се уништат или ќе го следат примерот на двете антички империи? Можат да се уништат или сериозно да си наштетат, но историјата вели дека тоа треба да се избегне. Ако бараме некој автентичен глас што го разбрал ова, но и го зборувал, тоа секако е Хенри Кисинџер. Се добива впечаток дека Доналд Трамп оди по таа линија на реалполитиката – не навредувај ја или не предизвикувај ја на лош начин Кина, туку почитувај ја. Ова има и религиозна димензија, па за Трамп не е тешко да влезе во таа матрица.
По средбата во Пекинг меѓу лидерите на НР Кина и на САД, јасно е дека е направен голем чекор во билатералните односи, дека е фрлен нов малтер на старата куќа во надградба, но далеку сме од некаков пакт или историски договор. Многу далеку. Она во што е добра американската администрација е што ги отвори каналите на комуникација со Пекинг и Москва на највисоко ниво и тоа дава надеж. Но Кина и Америка можат да зборуваат за трговија, за купување „боинзи“ (па кој може да нарача 200 авиони, ако не Кина), но кога се во прашање светскиот поредокот и мирот и безбедноста двете страни се уште доста далеку.

За чудо, Си Џинпинг му подаде цврста рака на Трамп, па дури и даде збор дека ќе купува американска нафта, но голем дел од светските медиуми се нафрлија со тезите дека тоа е начин да се купат Американците, кои треба да мижат за Тајван. Но Тајван, како што се согласила и Америка, е составен дел на Кина и прашање на време е кога тамошните Кинези ќе се обединат со своите браќа и сестри. Проблемот е наречен голема стратегиска пречка, затоа што Кина сѐ уште во најновите стратегиски документи и доктрини на Вашингтон е непријател број 1. Така што во моментов може да се зборува за чекор напред, но не и за историски исчекор, атрибути дадени со поттекст – Русија останува со куси ракави. Дали?
Не паметиме дека вакво нешто се случило во последниве децении – во Пекинг доаѓа Трамп, а само неколку дена подоцна и Владимир Путин, претседателот на Руската Федерација. Кога вакви средби се случуваат во кусо време, во само неколку дена, светот знае дека влегува во големи и најверојатно брзи промени. Русија и Кина со потпишување четириесетина договори и неколку меморандуми ја зацврстија соработката, но и потврдија дека се во цврст пакт. И ова е големата разлика што мораме да ја забележиме. Тој е новиот моќен пол што го има зборот во светската сила наречена Азија. Како ќе се развива овој мултилатерализам е неизвесно, но може да се развива во насока на формирање нови регионални структури и институции, пред сѐ од Америка, која веќе излезе од десетици светски организации и институции. Пример е Советот за мир во Газа.

Ги чекаме првите опипливи резултати. Контурите на некакви мини Обединети Нации се видливи и добро изгледаат. БРИКС, пак, има сосема поинаква структура, но е дел од новиот свет, доказ дека Југот се кренал. Се очекуваат и подлабоки реформи во ОН, кои со децении чекаат на реформски ветар, но и реформаторски. Шанса за Африка, која во моментов е најголемиот прашалник, но се очекува токму Африка да биде светскиот дијамант. Решение за светот од права, до економија и наука. Новиот светски поредок ќе го тестира Африка.
Дали Европската Унија се најде во магла без џи-пи-ес систем во овој ризичен мултиполарен свет? Полека но сигурно таа сфаќа дека Америка нема да ѝ дава риби, туку ќе мора самата да ги фаќа. Ќе треба да се почека да се види како ќе одат работите со големите договори што ги постигна со Кина, со САД, со дел од земјите на Латинска Америка (МЕРКОСУР), се ферментира договор со Австралија. ЕУ влегува и во фаза на метла за илегалните имигранти, нешто што токму Трамп ѝ го сугерираше. Но тоа нема да биде едноставен процес, затоа што се очекува жилава борба со вклучување на правните механизми за заштита на правата на азилантите. Сепак, Брисел и тука интервенираше. Европа се менува! Таа е во потрага по својот нов идентитет и по цена да го избрише идентитетот на некои нации. Дали тоа е патот по кој ќе тргне? Сосема е можно. ЕУ не може да издржи вака конструирана.
За нас и за дел од Балканот. Да потсетиме дека еден Емануел Макрон не толку одамна потенцираше дека ЕУ едвај функционира со 27 членки, па како ли ќе биде со 30 и повеќе? Дали дилемата сега е решена со тоа што на земјите со кандидатски статус ќе им даде утешна награда со некакво придружно членство? Ова е изнуден потег, затоа што европската стратегија на проширување е престигната од геополитиката, а Брисел го преспа тоа. Ова инстант решение е најмногу заради Украина, како таа да се вмрежи во системот на ЕУ и да им се испрати пораката на Русите – еве успеавме. Но предлогот на германскиот канцелар Мерц, Украина да добие статус на придружна членка е скокање преку рамката на Макрон и легитимно е прашањето – а што со француско-германскиот пакт, еден од темелите на ЕУ? Еден од одговорите би можел да биде – некој треба да ја влече Европа и тоа да се случува забрзано. Кој не ако не Германија?!
За нас оваа ситуација е поука дека држава не се дава, а без држава нема што да бараш и што многу да добиеш. Во ваква ситуација од тебе се очекува да даваш. Добро е што полека ја менуваат перцепцијата за нас, затоа што оваа власт покажува суверенистички инстинкти и вели дека нема да даваме, но тоа треба и да се формализира. Човекот смислил дека тие што не веруваат дека постои Господ, некој треба да им го нацрта, па така е и во политиката. Треба да им нацртаме, да им се нацртаме за да нѐ видат и за да не гледаат. Требаат видливи докази. Ако не сме подготвени за такво нешто, мултиполарниот свет за нас ќе биде црната дупка во која ќе се изгубиме. Сѐ дадовме и на крајот сѐ изгубивме. Како нова фреска – оплакување на Македонија.