Од денеска започнуваме со серијалот „Палавковците Влатко и Емче“, во вид на стрип-епизоди, кој редовно ќе биде објавуван во „Колибри“. Серијалот е инспириран од истоимената илустрирана книга за деца на Владо Јаневски, автор на текстот и на илустрациите, која излезе од печат деновиве, а беше промовирана и на Саемот на книгата во Скопје. Во отсуство на авторот, кој од далечната Австралија го очекуваме да пристигне во Скопје деновиве, книгата ја претстави професорот Владимир Мартиновски.
„Палавковците Влатко и Емче“ е илустрирана книга за сите непораснати и пораснати деца, која плени со ведрината на својата содржина. Низ кратки умно-хумористични епизоди го следиме растењето не само на Влатко и Емче туку и на нивните најблиски. Една од важните работи во развојот на секое дете, а која често сe заборава, е токму хуморот. Cмислата за хумор е добар показател за степенот на развиеност на когнитивните способности, особено на имагинацијата и користењето на јазикот. За да се постигне тоа, на децата им е потребна социјализација – општење и споделување искуства со други деца и возрасни, преку што учат и почнуваат да ги препознаваат логичките грешки и апсурдности.
Интересно е да се напомене дека деновиве од печат излезе уште една книга за деца од Владо Јаневски, тоа е сликовницата „Луѓето и змејовите“, во издание на „Арс ламина“ од Скопје. Тоа е илустрирана приказна за дамнешни времиња кога змејовите и луѓето живееле заедно. Илустрациите во „Луѓето и змејовите“ се на Ем Елефантски.