Старите демони во ново европско руво

Додека Македонија цело време прави отстапки во име на европската иднина, во соседните земји и понатаму се негуваат политики што го оспоруваат македонскиот идентитет, а враќањето на неофашистичките структури на грчката политичка сцена е предупредување дека Балканот сè уште не расчистил со своите најмрачни идеологии. Очигледно има нешто длабоко погрешно во европската слика за Балканот кога една држава треба постојано да докажува дека е посветена на добрососедството, додека нејзините соседи, кои веќе одамна се полноправни членки на Европската Унија, и понатаму можат да негираат цели народи, нивните јазици и нивното право на самоопределување. Повторното активирање на неофашистичките кругови околу Златна зора во Грција е уште еден аларм дека Европа не ги надминала сите идеологии за кои веруваше дека одамна ги испратила во историјата.
Стотици приврзаници на Илијас Касидијарис, поранешен истакнат функционер на Златна зора, неодамна се собраа на митинг во Солун, од каде што беше испратена порака дека ова политичко движење повторно се враќа на сцената. Според некои процени, политичката поддршка за оваа формација би можела да надмине пет проценти, што би ѝ отворило пат и до парламентарна застапеност. Особено е загрижувачко што дел од младите во Грција почнуваат да гледаат решение за своите проблеми во радикалните и авторитарните политички концепти. Златна зора беше судски прогласена за криминална организација во 2020 година, а во март 2026 година Апелацискиот суд ги потврди клучните осудителни пресуди. Но судскиот пораз на една организација не значи и конечен пораз на идеологијата што ја создала. Таа може да ги промени симболите, реториката и организациската форма, да се претстави како движење за одбрана на националните интереси и повторно да бара политичка поддршка. Токму тоа е опасноста што не смее да се потцени.
За Македонија ова не е само прашање на грчката внатрешна политика. Историски гледано, токму ваквите ултранационалистички кругови го користеа македонското прашање како средство за политичка мобилизација, негирајќи го постоењето на Македонците и оспорувајќи го нивното право на сопствен јазик и културно изразување. Зарем треба да заборавиме дека припадници на неонацистичките структури во Грција упаднаа на изложба на македонскиот сликар Сергеј Андреевски во Солун, дека македонскиот јазик беше причина за судски и институционални пречки при функционирањето на Центарот за македонски јазик во Грција или дека локалните власти интервенираа за да спречат културни и народни манифестации на кои се слушаат македонски песни? Тоа не се слики од некое далечно минато, туку настани што покажуваат колку во соседството малку е променета атмосферата кон македонското културно самоизразување.

А Македонија во меѓувреме направи огромни отстапки. Во име на помирувањето и европската перспектива го потпиша Преспанскиот договор и го промени сопственото државно име. Потпиша и договор со Бугарија, очекувајќи дека со тоа ќе се отвори ново поглавје во меѓусебните односи. Но наместо вистинско добрососедство, добивме нови условувања, оспорувања и политички притисоци. Како да не беше доволно што една држава направи историски отстапки, па сега треба да се откажува и од правото на сопствено историско и национално саморазбирање.
Во Бугарија, пак, негирањето на македонскиот народ, јазик, историја и култура одамна не е само став на поединечни националистички групи. Тоа е позиција што се провлекува низ официјалната политика, без оглед на тоа која политичка гарнитура е на власт. Паралелно со тоа, дејствуваат и радикални политички формации што застапуваат крајно националистички и нетолерантни позиции кон малцинствата. Кога цел еден народ се прогласува за вештачка творба, а неговиот јазик за некаква политичка конструкција, тогаш веќе не зборуваме за историски несогласувања, туку за негирање на едно основно човеково право – правото на самоопределување.
И тука доаѓаме до прашањето што Европа не може бесконечно да го избегнува. Како е можно Европската Унија, која толку многу инсистира на владеење на правото, почитување на човековите права и заштита на различностите, да останува толку воздржана кога ваквите појави доаѓаат од нејзини членки? Зарем европските вредности се задолжителни само за земјите што чекаат да станат членки, а за оние што веќе се внатре постојат поинакви мерила?
Македонија мора да престане да ги третира овие прашања исклучиво како билатерални недоразбирања со Атина и Софија. Ова е прашање за Европа, за нејзиниот демократски кредибилитет и за вредностите врз кои е изградена. Наместо постојано да се објаснуваме пред европските институции зошто заслужуваме да напредуваме кон членство, треба да почнеме поотворено да ги поставуваме и прашањата за состојбите во соседните земји. Да бараме почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, заштита на малцинските права и еднакви демократски стандарди за сите членки.

Не треба да се создава паника дека секое повторно појавување на радикалната десница автоматски значи враќање на насилството од минатото. Но уште помалку смееме да се однесуваме како да не гледаме што се случува. Историјата покажа дека најопасните идеологии не се враќаат секогаш со истите униформи и симболи, туку понекогаш се враќаат преку изборни програми, националистички пароли и политички ветувања за враќање на некаква наводно загрозена национална гордост.
Затоа Македонија треба да испрати јасна порака до Европа, но и до Атина и Софија дека секој народ има право да постои, да се самоидентификува како што сака, да говори на сопствениот јазик, да ги негува својата историја, култура и традиција. Ниту еден договор за добрососедство не може да биде оправдување за ограничување на тие права, ниту, пак, европската интеграција може да се претвори во процес во кој едната страна постојано треба да прави отстапки, а другата да ги зголемува своите барања.
Европа еднаш веќе се бореше против фашизмот и неонацизмот и плати огромна цена за победата над тие идеологии. Затоа денес не смее да дозволи нивно повторно нормализирање, особено не во рамките на сопственото политичко семејство. Македонија не бара привилегии, ниту бара некој да ги прифаќа нејзините ставови без разговор. Го бара само она што е основа на секое демократско општество, правото на еден народ да биде тоа што е. Зашто вистинското добрососедство не се мери според бројот на потпишани договори, туку според почитта што соседите ја покажуваат едни кон други. А ако таа почит ја нема, тогаш проблемот не е во Македонија што не направила доволно, туку во Европа што одбива да го види она што се случува во нејзиниот двор.