Камери, локатори, безбедносни проверки, технологија што го мери секој ваш чекор, систем што точно знае во која било единица време каде се наоѓа кој било граѓанин во градот. Наративот што се продава од страна на системот е дека механизмите за проверки се димензионирани до совршено препознавање во името на безбедноста на граѓаните. Системот, имајќи информации за секој граѓанин, впрочем ги гарантира неговата безбедност, сигурност и превенира инциденти поврзани со насилство, грабежи или повреда на правото. Но што доколку потребата за безбедност се претвори во контрола и до која мера безбедноста е приоритетна, а во кој момент таа преминува во сурова контрола? Дали е точно определена границата меѓу добронамерната грижа за граѓанската безбедност и потребата да се контролира, да се предвиди, а потем и да се насочи секој чекор на граѓаните?
Главната критика во научнофантастичните сценарија е дека човекот ја нема слободата да „исчезне“ од системот по своја волја. Практично системот плете мрежа од информациска контрола за секој граѓанин поединечно, не оставајќи му друг избор, освен да се потпре целосно на системот. Во такви услови, човекот го губи правото да го преиспита системот и да се посомнева дека можеби постои свет во кој слободата да се живее поинаку е поубава средина од систем што е целосно безбеден, но истовремено крајно контролирачки. Човекот, освен што ја губи сопствената приватност и е целосно соголен пред системот, ја губи и способноста да расудува независно од диктатот на системот, да се потпира на своите инстинкти и да воспостави поинаква контрола на живеење. Во моментот кога човекот ја напушта својата соба, наидува на систем што постојано го набљудува и од него бара да се однесува по добро испланиран и воспоставен образец. Човекот во такво сценарио има само две опции, првата е да биде целосно послушен пред барањата на системот за тоа како да се однесува доблесно, да ги интернализира и да стане целосно програмиран од системот и втората опција е да го разбира притисокот на системските очекувања, но да одлучи лицемерно да ги следи поради страв од последиците.
Систем што контролира е систем што во името на превенцијата казнува и без човекот да стори конкретен акт. Според Томас Хобс, единствената потреба човекот да живее во систем базиран на општествен договор е стравот од насилна смрт. Со цел да се заштитат луѓето, се постигнува општествен договор да се живее во систем каде што насилната смрт ќе биде спречувана. Но, според Фуко, надзорот што го прави системот врз луѓето не е само безбедносна мерка, тој станува сурова дисциплина, надзорот врз човекот влијае врз одлуката уште пред тој да тргне некаде. Местата каде што човекот се движи стануваат сѐ поограничени, а камери се поставуваат дури и во домовите, како страв од провали, но и потсетник дека секое негативно вреднувано однесување, или однесување што потенцијално би наишло на осуда, не би се применувало. Човекот станува свесен за тоа дека постојано е следен, до ниво на параноја, или во стилот на Русо би одговориле дека тоа што сум параноичен не е доказ дека никој не ме следи. Паранојата станува заштитен знак на свесен човек за својата околина, последниот што упорно се труди да ја одржи својата слободна зона, бегајќи од очите на Големиот брат, на крајот завршува во бегство од самиот себе, од сопственото тело, растворен во милион стравови дека ќе биде осуден.
Во таков систем веќе не е важно што ќе направите, ниту дали нешто ќе се случи, станува важно само системот да не ја изгуби контролата и да ја демонстрира својата моќ над поединецот. Тој, пак, станува слаб до тој степен што бара помош во психијатриски болници, каде што е задушен со перница и сурово убиен од системот, кој е непогрешлив. Во тој систем правдата е условена од тоа дали нешто е направено во име на системот, доколку е, тогаш е исправно, доколку не е во името на системот, ништо нема смисла. Во градот во кој системот во секој миг знае каде сте, последниот чин на слобода е да прашате кој му дал право да знае.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов
































