Што сега?

Во ова време на опасност потребни ни се
силна Европска Унија и силно НАТО

Со масовната инвазија на Украина од страна на рускиот претседател Владимир Путин, со користење две третини од руската армија, од сложена ера влеговме во доба на опасност. Правилно беше да се направи обид за да се одговори со дипломатија на заканата што толку јасно се градеше во последните месеци, дури и ако некои од изјавите дадени во тој процес веројатно ќе изгледаат малку наивно во очите на историјата. Но времето за дипломатија заврши. Сега само со акција можеме да се соочиме со оваа доба на опасност.
Санкциите се очигледна мерка што треба да се користи и тие веќе се спроведуваат. Донесени се и одлуки. Можеби носителите на одлуки на масата во Брисел треба да запомнат дека оваа криза стана многу полоша отколку што повеќето од нив предвидуваа и веруваа дека е можно само пред неколку недели и треба соодветно да ги приспособат своите одлуки. Но санкциите и контрасанкциите ќе влијаат и на нас. Ниту една нација нема да ги избегне последиците од агресијата на рускиот претседател Владимир Путин. А, земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) треба веднаш привремено да ги отповикаат своите амбасадори во Москва.
Вистината е дека сето она што различни руски дипломатски претставници, од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и преостанатите во хиерархијата, го кажаа во последните недели дека „нема да има руска инвазија“ и дека „сето ова е само западна хистерија“ беше, всушност, неточно. Затоа, во оваа фаза, едноставно нема смисла да се разговара со руски функционери што или намерно лажат или немаат никаква моќ да одлучуваат, бидејќи не знаат ништо.
Мислам дека треба да ја прескокнеме фарсата на повикување руски амбасадори во министерствата за надворешни работи. Тие можат да видат што мислиме на телевизија. Не треба да им се дава можност на нашите претставници да им кажуваат нови лаги или да поставуваат прашања за тоа што ќе правиме. Според моето мислење, секоја земја-членка на ЕУ треба да го протера целиот персонал на руската амбасада што е идентификуван дека им припаѓа на руските безбедносни или разузнавачки служби. Ова не е уште еден протест, туку неопходна заштитна мерка.

Овие таканаречени агенции сега имаат задача во Украина да го бараат, апсат или на друг начин да го неутрализираат секој што стои на патот на целта на Путин. Сите што се борат за демократската структура на Украина ќе бидат опишани како „фашисти“ и ќе бидат предмет на она што Путин го нарекува „денацификација“. Пред нас се ужасни денови.
Но постои секоја причина да се верува дека мисијата на овие агенции ќе се прошири и во нашите земји. И овде тие ќе имаат задача да идентификуваат, да се спротивстават, да се закануваат или да интервенираат против луѓето за кои сметаат дека ја поддржуваат Украина, која го возвраќа ударот.
Путин покажа дека е подготвен дури и да убива луѓе во другите европски земји. Протерувањето на персоналот од руската амбасада е неопходна заштита за нас. Не смееме повеќе да бидеме наивни. Целта на Путин е да воспостави марионетски режим во Киев што тој целосно ќе го контролира. Некои квислинзи, секако, може да се регрутираат. Но ние треба да се однесуваме кон таква влада на ист начин како што се однесуваме кон талибанскиот режим во Кабул. И нашите дипломатски односи треба да ги поддржат легитимните лидери на Украина колку што е можно подолго, внатре или надвор од земјата. На крајот на краиштата, овие лидери се претставниците со кои сакаме да продолжиме да се среќаваме во Обединетите нации и на други меѓународни форуми. Во овој поглед, Европската Унија во иднина ќе се соочи со различни тешки прашања. Затоа, сега треба внимателно да се подготвиме за оваа дискусија.
Се подразбира дека мора да ги примиме оние што сега се принудени да ја напуштат својата земја и сакаат да бараат засолниште во Шведска. Во однос на ова прашање, не можеме да тапкаме во место. Нашиот сигнал мора да биде јасен. Не се сомневам дека огромното мнозинство во Шведска го поддржува ова. Онаму каде што е можно, во Украина или во близината на нејзината граница, мора да обезбедиме хуманитарна помош. Имаме хуманитарни организации што можат брзо да стигнат до различни делови на светот за да им помогнат на луѓето на кои помошта им е најпотребна. На западните соседи на Украина можеби ќе им треба нашата помош.

Фактот дека сега треба дополнително да ја зајакнеме сопствената одбрана не треба да биде предмет на дискусија. Јасно е дека има воени недостатоци што мора веднаш да се решат. И одлуките за ова може да се донесат брзо. Но, исто така, треба да се направи голем преглед на лекциите од оваа криза. Руската демонстрација на воени капацитети и политичка волја го надминува она што повеќето од нас претходно го знаеја. НАТО го засилува своето присуство во Естонија, Летонија и Литванија. Ова е важно за нивната одбрана, но се работи и за заштита на Шведска. Присуството на НАТО, со неговата јасна врска со моќта на САД, е токму тоа што го сакаат овие земји. Но ако биде побарано и од Шведска да учествува, ние ќе го сториме тоа.
Нашата безбедност ја градиме на идејата дека и САД и НАТО ќе ни помогнат. Значи, што и да побараат од нас во оваа критична ситуација, ние треба да кажеме „да“. Солидарноста никогаш не треба да биде еднострана. Во оваа доба на опасност ќе ни требаат силна ЕУ и силно НАТО. И, освен подобрувањето на нашите сопствени одбранбени капацитети, нашите придонеси за ова се најважното нешто што можеме да го направиме сега за нашата сопствена безбедност.
Со инвазијата на Путин на Украина, многу од соништа за Европа каква што сакавме да ја изградиме, сега се уништени. Но да не заборавиме дека и ние сонувавме за демократска Русија во отворена соработка со Европа.
Трагедијата е голема, но, за жал, ова е реалноста со која се соочуваме. Добата на опасност ќе постави нови барања пред нас.

Карл Билт aвторот е поранешен премиер и министер за надворешни работи на Шведска