Осудителни пресуди за четворицата поранешни водачи на УЧК
Поранешниот лидер на УЧК (ОВК) и претседател на Косово, Хашим Тачи, е прогласен за виновен и од судот во Хаг е осуден на единствена казна од 25 години затвор за злосторствата извршени во Косово. Јакуп Красниќи доби идентична казна од 25 години затвор, додека Кадри Весели е осуден на единствена казна од 18 години. Реџеп Селими доби 13 години затвор. На сите обвинети во изречените казни ќе им биде пресметано и времето поминато во притвор, во кој се наоѓаат од 2020 година.
Хашим Тачи е прогласен за виновен по точката три од обвинението – незаконско или произволно апсење и лишување од слобода, како воено злосторство, како и за суров третман, исто така како воено злосторство. Виновен е и по точката 7, за тортура како воено злосторство, и по точката 9, за убиство како воено злосторство.
Советот, на чело со судијата Чарлс Смит III, заклучи дека Тачи значително придонел за спроведувањето на заедничката казнива цел. Поконкретно, судскиот совет утврдил дека Хашим Тачи, како член на Генералштабот и началник на Дирекцијата за политички прашања, одиграл клучна улога во формулирањето и спроведувањето на заедничката казнива цел.
– Хашим Тачи, заедно со другите обвинети, назначувал лојални лица на клучни командни позиции, благодарение на што цело време имале контрола врз ОВК и биле сигурни дека нивниот план е целосно и ефикасно спроведен по линија на командниот синџир. Многу од тие лојални лица, кои биле назначени или избрани од обвинетите, извршиле кривични дела или знаеле дека се извршуваат кривични дела во согласност со заедничка цел – рече претседавачот на судот на Специјализираните комори.
Тачи лично учествувал во апсења и испрашувања
Во излагањето беше нагласено дека Тачи лично учествувал во кривични дела, вклучувајќи ги и апсењето, затворањето и испрашувањето на 13 пратеници во Чирез и Бањица. Како примери беа посочени Бехајдин Алачи, чие убиство, според судот, било прикриено како „маченичка смрт“, како и убиството на Шабан Шалија.
– И покрај ова сознание, Хашим Тачи не презел никакви мерки за да ги спречи или истражи овие злосторства, односно да ги казни нивните сторители. Напротив, Тачи активно учествувал во злосторствата и ги охрабрувал. Покрај тоа, Тачи ширел односно го олеснил ширењето лажни информации за затворениците и жртвите на злосторствата извршени од припадниците на ОВК, дал лажни гаранции дека ОВК се придржува до меѓународното хуманитарно право и придонел за политиката на неказнивост кога станува збор за сторителите на злосторства против противниците и демонстрирал безмилосна способност за отстранување и елиминирање на политичките пречки за да се обезбеди единствена контрола врз водењето на војната – рече претседателот на судот Смит.
При одмерувањето на казната, како што беше наведено, релевантни се повеќе фактори. На прво место е тежината на кривичното дело и неговите последици, потоа природата и степенот на учеството на обвинетото лице, личните околности, како и постоењето други отежнувачки или олеснителни околности.
– Кога станува збор за тежината на злосторствата, панелот беше на мислење дека извршените злосторства биле од големи размери и од многу сериозна природа. Поточно, распространетоста на злосторствата се одразува во фактот дека членовите на ОВК ги извршиле во 14 општини во Косово, како и на одредени локации во две области во северна Албанија. Членовите на ОВК ги апселе и произволно ги лишиле од слобода, ги подложиле на суров и нечовечки третман и тортура, па ги убиле. Сите овие злосторства се сериозни по својата природа, бидејќи произволното лишување од слобода повлекува и дополнителни повреди на човековите права на жртвите. Суровото постапување и тортурата претставуваат сериозен напад врз човековото достоинство, менталното и физичкото здравје, а убиството е едно од најсериозните злосторства само по себе – рече тој.
Судот утврдил најмалку 96 жртви на убиства
Врз основа на вкупните достапни докази, панелот заклучи дека во периодот од април 1998 година до 20 јуни 1999 година во 12 општини во Косово и на одредена локација во една област во северна Албанија припадници на ОВК намерно извршиле дејства и пропусти што предизвикале смрт на најмалку 96 лица што не учествувале активно во непријателствата.
На различни локации во Косово и северна Албанија, кои биле под контрола на припадници на ОВК, жртвите биле убивани со огнено оружје, додека други починале како последица на тешки тепања. Телата на многу од жртвите биле пронајдени во состојба што укажувала и на дополнително кршење на нивното лично достоинство.
– На пример, еден сведок чиј близок роднина бил затворен од ОВК во Ликовац, а подоцна префрлен на друга локација, изјави дека семејството дознало за неговата смрт од медиумите. Како што изјави истиот сведок, кога членовите на семејството отишле да го земат телото на жртвата, кое било оставено покрај патот, раката му била скршена, имал рани на стомакот и модринки, како и исеченици на рацете, а го пронашле во облеката што не ја носел кога заминал – рече претседателот на судот.
Телата на некои од убиените никогаш не биле пронајдени, што дополнително ја зголемило болката на нивните семејства. Советот заклучил дека единствениот разумен заклучок што може да се извлече од достапните докази е дека најмалку дел од припадниците на ОВК имале намера да ги убијат 96-те лица.
Затоа, панелот заклучил дека во периодот од април 1998 година до 20 јуни 1999 година во 12 општини во Косово и на одредена локација во една област во северна Албанија, членовите на ОВК намерно извршиле дејства и пропусти што предизвикале смрт на најмалку 96 лица што не учествувале активно во непријателствата. Поради овие причини, панелот заклучил дека обвинителството докажало надвор од разумно сомнение дека е извршено военото злосторство убиство од точката 9 од обвинението.
УЧК воспоставила систем за активности и поведенија што Хаг ги квалификува
како тешки кривични дела
Јакуп Красниќи го охрабрувал извршувањето кривични дела против лица што биле сметани за „противници“, што, според претседавачот, претставувало посебна работа предводена од ОВК.
– Красниќи, заедно со другите обвинети, назначувал лојални лица на клучни позиции и на тој начин воспоставил систем и органи, како што се воена полиција, разузнавачки и контраразузнавачки служби и специјални единици задолжени за спроведување политики насочени против противниците. Во предметниот период Красниќи имал сознанија за голем број кривични дела извршени против противниците, поточно за нивно нелегално апсење, лишување од слобода, злоупотреба и убиства. И покрај ова сознание, Красниќи не презел никакви ефикасни мерки за спречување или истрага на овие злосторства, односно за казнување на нивните сторители. Напротив, во обид да негира дека овие злосторства се извршени, тој се обидел да ја прикаже ОВК како армија што дејствува во согласност со меѓународното хуманитарно право. Тој ги негираше конкретните обвинувања дека некои членови на ОВК извршиле кривични дела, а на состаноците со претставници на меѓународната заедница ја негираше или минимизираше важноста на ваквите инциденти – рече претседавачот.
Обвинителството побара затворски казни од 45 години за секој, а обвинетите претходно негираа секаква вина. Судот заклучи дека обвинителството не докажало постоење на широко распространет напад насочен против цивилното население, што беше неопходен законски услов за пресуда за злосторства против човештвото. Затоа, четворицата обвинети беа прогласени за невини по шест точки од обвинението за злосторства против човештвото – прогон, затворање, други нехумани дела, тортура, убиства и присилни исчезнувања. С.Т.
Реакции од косовските и албански политичари на пресудите од Хаг
Се најавуваат жалби
Албанскиот премиер Еди Рама е првиот политичар што реагираше по изрекувањето на пресудите на водачите на Ослободителна војска на Косово во Специјализираните комори во Хаг. Рама објави фотографија на социјалните мрежи и напиша само еден збор со црвена боја: „Срам“.
Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај ја опиша одлуката како „неприфатлива и неправедна“, велејќи дека битката за правда мора да продолжи во втор степен.
– Денешната одлука со која водачите на ОВК се осудени во име на народот на Косово е неприфатлива и неправедна. Битката за правда мора да продолжи, оваа битка мора да се добие во втор степен – рече Харадинај во видео објавено на социјалните мрежи.
Тој ги повика граѓаните да останат смирени и рече дека оштетувањето на јавниот имот и животите на граѓаните не му служи на Косово.
Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Гљаук Коњуфца, ја оцени пресудата против четворицата поранешни водачи на ОВК како „тажна и неправедна“.
– Тоа е навистина тажна, неправедна и незаслужена одлука за четворицата водачи на ОВК – рече Коњуфца веднаш по напуштањето на судницата во Хаг.
Во меѓувреме, братот на Хашим Тачи, Гани Тачи, рече дека семејството останува убедено во невиноста на поранешниот претседател на Косово и дека чека жалбена постапка. Ќерката на Јакуп Красниќи, Греса Красниќи, ја опиша одлуката како неправедна, изразувајќи ја својата верба во невиноста на нејзиниот татко и кообвинетите Тачи, Весели и Селими.
Реакција имаше и од лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Ардијан Ѓини, кој ги опиша казните против Тачи, Красниќи, Весели и Селими како шокантни. Претседателот на Демократската партија на Косово, Бедри Хамза, уште пред објавувањето на пресудата изјави дека Косово ќе се спротивстави на секоја одлука што ја смета за неправедна.
Во Косово приговори на судскиот процес и одлука изрази и Организацијата на воени ветерани на ОВК. Поддржувачите на осудените поранешни водачи на ОВК организираа протестна прошетка низ улиците на Приштина по изрекувањето на пресудите. Некои од нив го нападнаа седиштето на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС) во Приштина. Во Косово моментално е зголемено присуството на полицијата и меѓународните сили како дел од КФОР. П.Р.
Нарушување на јавниот ред и мир во Хаг по пресудите за воените злосторници, лидери на ОВК
Ситуацијата во Хаг ескалираше по изрекувањето на пресудите за извршени воени злосторства од страна на Хашим Тачи и уште тројца поранешни команданти на ОВК.
Поддржувачи на осудените се собраа вчера на плоштадот „Маливелд“, протестирајќи против одлуките на Специјализираните совети на Косово. Од снимките објавени од местото се гледаат инциденти, во кои некои од демонстрантите се однесуваат насилно, а се забележува и зголемено полициско присуство. Според локалните и регионалните медиуми, на протестот дошло до судири меѓу дел од демонстрантите и полицијата, при што има и приведени лица. Демонстрациите се одржуваат во близината на институциите во кои се водеше судскиот процес против Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Холандските власти уште пред протестите ги засилија безбедносните мерки поради најавеното собирање на поддржувачите.
Тензиите почнаа да растат веднаш по објавувањето на пресудите. Хашим Тачи е осуден на 25 години затвор, додека и Весели, Селими и Красниќи беа прогласени за виновни и добија повеќегодишни затворски казни.
Судот ги прогласи четворицата за виновни за воени злосторства, меѓу кои убиства, незаконско лишување од слобода, тортура и сурово постапување. За делот од обвиненијата што се однесува на злосторства против човештвото, тие беа ослободени поради недостиг од доволно докази. П.Р.
































