Фото: Н.П.

Креативно лето(6)

  • Драги читатели, долгото топло лето е пред вас. Знаеме дека ќе имате доволно време за игри во природа, за дружба, забава и за уживање. Бидејќи „Колибри“ цело лето ќе другарува со вас, подготвивме нова рубрика за да ви бидеме привлечни и летово. Во „Креативно лето“, во секој број, со интересни активности ќе ве изненадува психологот Нина Попадинова. Нашето катче е наменето и за родителите и за децата и сигурни сме дека ќе пронајдете заедничко задоволство и уживање. Потребно е да ги следите упатствата и лесно да ја реализирате предложената игра

За реализација на активноста се потребни пластични чаши, кои можат да бидат нумерирани или ненумерирани, во зависност од степенот на тежината на вежбата што сакаме да го поставиме, како и пластично шише прицврстено со конец.
Едно лице го придвижува шишето лево и десно, создавајќи подвижна пречка. Детето има задача истовремено да го насочува вниманието кон чашите и да го следи движењето на шишето, со цел да ја земе соодветната чаша без да ја допре или удри подвижната пречка. На тој начин, активноста претставува интересен и динамичен предизвик што бара брза реакција, прецизност и континуирано насочено внимание.
Преку активноста се поттикнуваат селективното и поделено внимание, визуомоторната координација, брзината на реакција, моторното планирање, координацијата око–рака, како и способноста за инхибиција на импулсивните движења.
Дополнително, детето се поттикнува да ја проценува ситуацијата, да го планира и контролира своето движење и да реагира внимателно и прецизно во услови на динамични промени. Активноста може да се адаптира во согласност со возраста и индивидуалните способности на детето.
Степенот на тежина може постепено да се зголемува или намалува преку контролирање на брзината и насоката на движење на шишето, како и преку воведување различни задачи и правила. На пример, детето може да има задача: да ги зема чашите по редослед на броеви; прво да ги земе парните, а потоа непарните броеви; да ја земе чашата што ќе му биде посочена во моментот; да ги зема чашите според боја, број или друга зададена карактеристика. Откако ќе ги собере сите чаши, може да му се зададе дополнителен предизвик – да ги врати на нивните првобитни места, повторно избегнувајќи го подвижното шише. На овој начин, активноста дополнително ги поттикнува моторното планирање, работната меморија, визуелното следење и контролата на движењето.

пишува: Нина Попадинова, психолог