Пред некој ден, обидувајќи се да пронајдам една стара фотографија на која сакав да се потсетам, налетав на фотографии од моите денови поминати во АРМ. Се разбира, најмногу беа оние од полагањето на свечената обврска. Ние млади, убави, полни со себе, гордо застанати да го кажеме она што сите го посакуваат, заклетвата. Пицнати во новата маскирна униформа што ја добивме откако конечно се отарасивме од застарената „ес-ен-бе“ униформа на поранешната ЈНА, на пистата во касарната во Штип во еден глас грмевме дека се колнеме оти верно ќе ѝ служиме на Република Македонија, дека ќе го браниме нејзиниот територијален интегритет, не жалејќи дека ако е потребно за тоа да го дадеме и својот живот. И ден-денес паметам како едногласно одекнуваше она „се колнам“, како на сите ни трепереа срцата од возбуда, свесни дека во моментот преземаме обврска поинаква од обичните граѓани, да ја браниме својата татковина.
Откако командантот на касарната упати честитки до новите војници и даде команда „на место слободно“, следуваа честитки, гушкања со најблиските, со девојките, симпатиите и се разбира, потоа еден ден слободен излез во град во цивилка. Ама џабе цивилката, кога по исончаните лица и вратови, како и по неуредно потстрижената кратка коса сите знаеја дека тоа се млади војничиња, кои штотуку положиле свечена заклетва и по првите две-три недели поминати во касарна, конечно излегле малку во провод.
И на сето тоа се потсетив гледајќи ги фотографиите, не скролајќи по паметниот телефон, туку низ страниците на фотоалбумот, размислувајќи колку брзо лета времето. И навистина лета брзо. Тогаш нашата АРМ беше на самите почетоци, со застарена опрема од поранешната заедничка армија, но со желба да биде своја на своето и прва на браникот во одбраната на татковината. Ако нешто ја отсликуваше сплотеноста, тоа беше АРМ, каде што никој од нас не прашуваше кој која националност е, сите бевме заедно, браќа по оружје, помагајќи си во секоја ситуација, оти само како ефикасна единица можевме да ги исполниме задачите што ни ги поставуваа старешините. И го правевме тоа, без забушавање оти ако еден се извлекува, другите страдаат.
Денес оваа наша армија одбележува 34 години од формирањето, продолжувајќи го патот трасиран уште при формирањето на Првиот македонски народноослободителен баталјон „Мирче Ацев“ на Славеј Планина во 1943 година, што прави 83 години македонски армиски континуитет. АРМ е дел од НАТО, најмоќната воена алијанса во светот, остварувајќи ги клучните цели поставени при нејзиното формирање.
Но овие бурни времиња со кои се соочуваме како општество нè потсетуваат дека армијата не е нешто што треба да го гледаме само преку парадите, свеченостите и годишнините како оваа денес, мислејќи дека тоа таму се неколку илјади професионалци што си ја бркаат својата работа и ние нема што да се замараме со тоа. Напротив. Армијата е институција што во мир треба да биде подготвена за она што сите се надеваме дека никогаш нема да се случи. А подготвеноста не се создава прекуноќ, ниту со купување опрема кога веќе ќе стане доцна. Таа се гради со години, со обука, со дисциплина, со ред и со луѓе што знаат што значи одговорност. Одговорност што во оваа наша држава станува сè повеќе мисловна именка. Но армијата не е важна само поради оружјето и воената сила што ја поседува.
Таа има и една друга, можеби помалку видлива, но многу важна улога што секој што служел воен рок ја увидел, а тоа е создавањето навики кај младите луѓе. Кога млад човек ќе научи да станува рано, да си ја намести постелата, да го одржува својот простор, да изведува утринска гимнастика, да има ред во јадењето, да го почитува времето и да ја завршува зададената задача, тој стекнува навики што можат да му користат цел живот. Кога ќе научи дека не може секогаш да го прави само она што му се сака, туку мора да заврши и нешто што не му се допаѓа, тогаш учи што значи одговорност. Кога ќе сфати дека успехот на целата единица зависи и од неговата работа, тогаш разбира што значи тим и колектив. Тоа се вредности што денес, во време кога индивидуализмот често се претставува како најголема доблест, не смееме да ги заборавиме. Не велам дека секој млад човек мора да стане професионален војник, ниту дека војската е решение за сите проблеми во општеството, но сметам дека не треба целосно да се откажеме ниту од идејата младите на одредена возраст да поминат определен период во систем на основна воена обука.
Можеби не во форма на долгиот задолжителен воен рок што го памтат постарите генерации, туку во некоја современа, пократка и добро организирана форма. Неколку месеци во кои младите ќе научат основи на дисциплина, прва помош, снаоѓање во непредвидени ситуации, пожарникарски вештини, изградба на засолништа, преживување, тимска работа и одговорност не би биле изгубено време. Напротив, можеби би биле едно од оние искуства за кои човек подоцна ќе сфати дека му биле потребни. Можеби ќе сфатат и дека вештините не се стекнуваат преку видеоигри и тикток-предизвици.
Денес живееме во време во кое не знаеме што носи утрешниот ден. Војни повторно се водат на европскиот континент, безбедносните услови се менуваат, а природните катастрофи и големите кризи сè почесто бараат организирана реакција. Во такви услови државата мора да има армија што е обучена, опремена и подготвена, но и граѓани што знаат како да се однесуваат кога ќе дојде криза. Тука повторно доаѓаме до значењето на воената обука. Не за да создадеме генерации што ќе сакаат да војуваат, туку генерации што ќе знаат како да се однесуваат и како да помогнат кога е најпотребно.
Армијата, всушност, најмногу вреди тогаш кога не мора да пука, туку кога самото нејзино постоење претставува гаранција дека има кој да ја брани државата. И затоа јубилеите не треба да бидат само пригодни свечености на кои ќе се потсетуваме на минатото. Тие треба да бидат и можност да се запрашаме каква армија сакаме да им оставиме на идните генерации и какви граѓани сакаме да создадеме. Зашто татковината не се брани само со оружје туку и со чувство на припадност, со одговорност и со свест дека нешто што е наше не се зема здраво за готово. А токму тоа, барем јас, го научив во оние денови кога за првпат застанав во строј и со полн глас реков „се колнам“.


































