Посета на висока црковна делегација на Македонската православна црква-Охридска архиепископија-Јустинијана Прима на Руската православна црква
- Средба со историска димензија, македонски архијереи како делегати на МПЦ-ОА во својство на помесна црква со законска автокефалност
Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Руската православна црква (РПЦ) ги продолжуваат и продлабочуваат меѓусебните црковни контакти, што беше потврдено и со неодамнешната посета на македонска црковна делегација на Москва, по повод 80-годишнината од раѓањето на рускиот патријарх Кирил. По тој повод, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан упати официјална честитка до патријархот Кирил, со молитвени желби за добро здравје, мир, духовна радост и сили за продолжување на неговото патријаршиско служење.
Во чест на јубилејот, во Москва престојуваше делегација на МПЦ-ОА, предводена од митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј, во придружба на епископот хераклејски г. Климент. Македонските архијереи учествуваа во свечената Божествена литургија во храмот „Христос Спасител“, заедно со поглавари и претставници на други помесни православни цркви.
Она што е значајно да се издвои е фактот што на 21 ноември делегацијата на МПЦ-ОА беше примена од патријархот Кирил во Патријаршиската и синодална резиденција во Даниловиот манастир во Москва. На средбата рускиот патријарх изрази особена радост од присуството на претставниците на МПЦ-ОА, истакнувајќи ги кирилометодиевската традиција и духовните врски што ги поврзуваат двата православни народи.
– Многу нешта нè поврзуваат уште од самото тоа што сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и се разбираме меѓусебно – истакна патријархот Кирил.
Особено значајна беше неговата оценка дека оваа средба има историска димензија, бидејќи македонските архијереи првпат учествуваат како делегати на Македонската црква во својство на помесна црква со законска автокефалност.
Патријархот Кирил нагласи и дека односите меѓу Московската патријаршија и МПЦ-ОА активно се развиваат, посочувајќи ги соработката во областа на богословското образование и можностите за реализација на заеднички проекти.
Митрополитот Георгиј, од своја страна, ги пренесе личните честитки и благослови од архиепископот Стефан, изразувајќи благодарност за поддршката што Руската православна црква ја давала во процесот на решавање на црковниот статус на МПЦ-ОА.
Тој потсети и на долгогодишната образовна соработка, во чии рамки македонски богослови се школувале во руските духовни институции, а денес некои од нив се професори и носители на одговорни црковни функции во Македонија.
На средбата биле разменети и пригодни подароци. Македонската делегација му подари на патријархот Кирил икона на светите рамноапостолни Кирил и Климент Охридски, додека рускиот патријарх испрати посебни архијерејски дарови за архиепископот Стефан, митрополитот Георгиј и епископот Климент.
Посетата и пораките разменети по повод јубилејот претставуваат нов поттик за развојот на меѓуправославните односи и продолжување на духовната, богословската и институционалната соработка меѓу двете цркви. Н.М.
































