Инвентивна акција во Прилеп за поттикнување на локалната економија
Прилепската чаршија се подготвува за еден од најголемите настани што ќе се реализира првпат, „Прилеп аутлет викенд“, планиран за 17 и 18 февруари. Во шопинг-настанот ќе се вклучат над 200 продавници од прилепската чаршија: бутици за облека и обувки, детски бутици, парфимерии, кафетерии, продавници за бела техника… Целта со оваа оригинална акција е да се поттикне економијата во градот.
– Идејата е Прилеп да претставува голем шопинг-центар, шопинг-мол на отворено, каде што купувачите од сите градови на Македонија ќе уживаат во шопинг-попустите до 70 отсто, кои ќе ги понудат трговците, со интересни забавни содржини што ќе се случуваат во старата прилепска чаршија, кај Саатот, на плоштадот „Методија Андонов–Ченто“ и на плоштадот „Итар Пејо“, а за најсреќните купувачи ќе следуваат и вредни награди – велат од Општина Прилеп.
Со цел купувачите да знаат каде да пазарат, продавниците што ќе бидат дел од настанот ќе бидат обележани со посебен ознака, велат организаторите.
– Нашиот амблем е „мајмунче“. Знаменцето со „мајмунче на шопинг“ и постер ќе ги краси нашите продавници и тоа ќе биде препознатлив знак. А за муштериите ќе има попусти на секој агол – велат прилепските трговци.
Настанот „Прилеп аутлет викенд“ е поддржан од локалната самоуправа на Општина Прилеп. Во интерес на посетителите и купувачите, градот ќе обезбедува паркинг-простор за сите што ќе пристигнат во Прилеп со своите автомобили, по цена на дневен билет за паркинг од 50 денари.
Градот и прилепската чаршија предвидуваат и други изненадувања за сите посетители и купувачи што на 17 и 18 февруари ќе го посетат „Прилеп аутлет викенд“, а со акцијата планираат да ја заживеат некогаш надалеку познатата прилепска чаршија. Ка.М.