Издавачката куќа „Македоника литера“ деновиве ја објави најновата книга на познатиот македонски писател Киро Донев, „Тајни незнајни“, која содржи седумдесетина стихувани и римувани прозни текстови, поделени во четири циклуси. Првиот циклус, со наслов „Азбучна криенка“, е посветен на македонската азбука, при што за секоја буква од македонската кирилица има кратка песна придружена со соодветен цртеж. Во оваа т.н. букварка, најмладите читатели, преку игра на зборови и асоцијации, се поведуваат во учењето на буквите.
Другите три циклуса содржат четириесетина кратки раскази составени како поезија во проза, во кои на најмладите читатели им се откриваат тајните на природата и на животинскиот свет. Расказите во оваа книга се раскажани со јазик и стил лесно прифатлив за децата и препознатлив за Киро Донев, учејќи ги децата што е добро и убаво и што се крие во природата и општеството. Книгата е илустрирана со седумдесетина цртежи на Мирослав Георгиевски–Миро.
Најновата книга на Киро Донев ја имаше првата промоција во петокот, во домот за деца и млади „Благој Мучето“ во Струмица, каде што авторот се сретна со ученици од струмичките основни училишта.