МАКЕДОНЦИТЕ – НАРОД ШТО ТРЕБАШЕ ДА ВЛЕЗЕ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА НА НЕЈЗИНИОТ ПОСЛЕДЕН РАБОТЕН ДЕН!?
На германскиот филозоф Артур Шопенхауер му се припишува една мисла што совршено ја опишува европската политичка психологија: „Повеќе се сака сигурната заблуда отколку суровата вистина“. Ако Шопенхауер беше жив денес, веројатно немаше да има потреба да пишува ново филозофско дело. Доволно ќе беше да присуствува на една прес-конференција во Брисел посветена на европската перспектива на Македонија. Таму ќе ја откриеше најсовршената политичка заблуда на современа Европа: држава што повеќе од две децении е кандидат за членство, Унија што постојано ги уверува оваа држава и народ дека нивната иднина е европска, а државата и народот се борат да ја докажат својата европска зрелост преку постојано отстапување од сопственото историско и национално достоинство.
Добре дојдовте во Брисел! Градот во кој ветувањата немаат рок на траење, критериумите имаат право на размножување, а зборот „наскоро“ претставува посебна единица за мерење на историското време. Во оваа необична европска балска сала Македонија и Македонците танцуваат веќе со децении. На почетокот ни рекоа дека за танго се потребни двајца. Потоа се појави третиот, кој побара да ги смени името и знамето. Кога тоа беше сторено, пристигна четвртиот, кој побара да се преработи историјата. Во меѓувреме, диригентот од Брисел постојано повторува дека музиката е прекрасна, напредокот е охрабрувачки, а следниот танц е речиси сигурен, но непознат.
Само што Македонија никогаш не стигна до главната сала. Најпрвин требаше да докажеме дека сме мирољубиви. Потоа дека сме демократски. Потоа дека сме добри соседи. Потоа дека нашето име не е опасно за европската безбедност. Потоа дека нашиот јазик не претставува историска провокација. И конечно, дека нашиот Устав мора повторно да биде приспособен на потребите на европската интеграција, иако Венецијанската комисија побара од Бугарија таа да го смени уставот!?
И додека ние Македонците ја учевме оваа необична лекција по европска демократија, генерации Македонци старееја чекајќи да станеме членка на Унијата. Некои починаа верувајќи дека ќе влеземе. Други се родија додека преговаравме. Трети, не сакајќи повеќе да чекаат, едноставно си заминаа од Македонија.
И тука се крие најголемата иронија: Македонците (со туѓи пасоши) веќе влегуваат во Европската Унија, само Македонија останува пред вратата. Но што ако во меѓувреме заврши балот? Што ако музиката престане, светлата се изгаснат, а келнерите почнат да ги собираат чашите? Што ако Македонија, по сите отстапки, конечно ја добие поканата токму во мигот кога европскиот клуб ќе почне да се расправа дали воопшто може да продолжи да постои во сегашната форма?
Тогаш последното танго во Брисел нема да биде европска романса. Ќе биде трагикомедија за еден мал народ што цел живот го убедувале дека мора да се промени за да биде примен во клубот, за на крајот да открие дека клубот самиот не знае што сака да биде.
ОД СУЛТАНСКИОТ ФЕРМАН ДО ЛИСАБОНСКАТА ДЕКЛАРАЦИЈА – 89 ГОДИНИ ЕВРОПСКА ИРОНИЈА
Во април 1903 година османлискиот султан Абдул Хамид II наредил името „Македонија“ да не се употребува во официјалната административна преписка. Наместо Македонија, требало да се пишува Солунски, Битолски и Косовски Вилает. Осумдесет и девет години подоцна, на 27 јуни 1992 година, во Лисабон, Европскиот совет изразил подготвеност да ја признае независната македонска држава, но под име што нема да го содржи зборот „Македонија“. Каков величествен историски напредок!
Во 1903 година името Македонија му пречело на османлискиот султан. Во 1992 година името Македонија им пречело на европските демократски владетели. Султанот имал ферман. Европскиот совет имал декларација. Султанот имал царски печат. Брисел имал дванаесет европски држави и цела административна машинерија.
Но за Македонецот останало истото прашање: зошто неговото име претставува проблем? И тука историската иронија станува неподнослива. Османлискиот султан не се повикувал на европските вредности. Европските лидери, пак, токму во нивно име граделе нов политички поредок.
Султанот барем не ни ветувал европска демократија. А Брисел? Брисел ни ветуваше Европа, но во Лисабон се обиде да ни ја отвори нејзината врата под услов на таблата да не пишува Македонија. Се смениле империите, се смениле вековите, се смениле печатите. Само барањето Македонецот да се откаже од своето име и потекло преживеало.
ОД ПИРИНЕИТЕ ДО ПИРИН: ГЕОГРАФИЈАТА НА ЕВРОПСКОТО ЛИЦЕМЕРСТВО
Пред речиси четири века, францускиот филозоф Блез Паскал предупреди дека она што е вистина од едната страна на Пиринеите, од другата станува заблуда. Четири века подоцна, Европа успеа да ја пресели оваа филозофска противречност од Пиринеите на Пирин. Она што Брисел го бара како уставно право на Бугарите во Македонија, во Бугарија останува предмет на судски спорови кога истото право го бараат Македонците.
Паскал зборуваше за географијата на правдата. Брисел ни ја демонстрира географијата на двојните стандарди. И тука започнува вториот чин од нашето последно танго во Брисел. На едната страна од Пирин, признавањето на идентитетот е европски услов. На другата, здружувањето заради признавање на истиот вид идентитет станува предмет на судски забрани, одбивања и пресуди. А меѓу двете страни стои Европа, со Европската конвенција за човекови права во едната рака и преговарачката рамка во другата. За да биде апсурдот целосен, ова не е само политичка полемика. Постојат пресуди. Постојат правосилни одлуки на Европскиот суд за човекови права. Постојат повторувани барања за нивно извршување.
Но токму таа правна разлика ја прави политичката противречност уште поочигледна.
Од Македонија се бара да го измени Уставот за да ги вклучи граѓаните што се дел од бугарскиот народ. Во исто време, во Бугарија македонските здруженија со години водат постапки за остварување на својата слобода на здружување.
И токму затоа се поставува прашањето што Брисел не може вечно да го избегнува. Како е можно заштитата на идентитетот од едната страна на Пирин да биде услов за европска интеграција, а од другата страна на Пирин спроведувањето на пресудите за слободата на здружување да останува долгогодишен проблем?
Можеби Паскал, кога би бил жив денес, би ја дополнил својата максима: „Вистина од едната страна на Пирин, заблуда од другата – а меѓу нив Брисел, кој ги одобрува двете толкувања“. И така, господа од Брисел, пред да побарате уште една уставна измена, можеби би било корисно да погледнете кон Стразбур. Таму не се пишуваат политички препораки. Таму се донесуваат пресуди. Зашто вистината можеби се менува од едната до другата страна на Пиринеите, но човековите права не смеат да престануваат да важат на Пирин.
ЌЕ НÈ ПРИМАТ ВО УНИЈАТА КОГА ЌЕ ИМ СЕ СТОПАТ КРИЛЈАТА!?
Во старогрчката митологија, Икар се обидел да го освои небото со крилја направени од пердуви и восок. Неговиот татко Дедал го предупредил да не лета премногу блиску до сонцето, но опиен од сопствената височина, Икар го заборавил предупредувањето. Восокот се стопил, крилјата се распаднале, а летот завршил во морето. Можеби токму оваа античка приказна е најсоодветната метафора за современите европски противречности. Во критичките анализи објавувани во американското списание „Егзекјутив интелиџенс ривју“ (Executive Intelligence Review), европскиот монетарен систем со години бил претставуван како конструкција со сериозни внатрешни слабости. Особено е впечатлива метафората што ја сумира таа критика: „Еврото ќе падне како Икар“.
Но што ако вистинскиот Икар не е само еврото? Што ако тоа е самата политичка самоувереност на Европа, која толку долго ги поучуваше другите како треба да изгледаат, што во меѓувреме мораше повторно да се запраша како треба да изгледа самата? Не станува збор за тврдење дека Европската Унија утре ќе се распадне. Нејзините институции, економија и политичка тежина се реалност што не може да се избрише со една метафора. Но токму затоа противречноста е толку впечатлива.
Со децении Македонија ја подготвуваат за членство во европски клуб чии правила, институционална архитектура и механизми за одлучување постојано се преиспитуваат. Од нас се бара стабилност. Од нас се бара предвидливост. Од нас се бара институционална зрелост. А во меѓувреме, самата Европска Унија расправа како да го приспособи сопствениот систем за да може да функционира со повеќе членки.
И ете ја најновата сцена од бриселскиот бал. На 6 октомври 2026 година Европската комисија претстави пакет предлози за подготовка на Унијата за идното проширување.
Меѓу предложените механизми се и посебни заштитни клаузули за идните членки, вклучувајќи ја и можноста, при сериозно прекршување на основните европски вредности, привремено да им се суспендираат одредени членски права, па дури и правото на глас во Советот на Европската Унија. Според објавените детали, се разгледува посебен заштитен период од петнаесет години.
Петнаесет години! Македонија повеќе од дваесет години е кандидат за членство, а сега се отвора можноста новите членки, и по приемот, уште петнаесет години да бидат под посебен надзор. Каква прекрасна бирократска бесконечност!
Прво чекате да ве примат. Потоа, ако ве примат, следува период во кој мора дополнително да докажувате дека сте достојни за довербата. Во Брисел, изгледа, полнолетството на една држава не започнува со приемот во клубот, туку со истекувањето на дополнителниот пробен рок. Се разбира, Европската комисија ги образложува ваквите предлози со потребата да се спречи демократско назадување, да се заштити владеењето на правото и да се обезбеди функционирањето на Унијата. Тоа се легитимни цели.
Но за Македонија, која веќе помина низ повеќе децении политички условувања, самата можност за нови посебни ограничувања отвора едно непријатно прашање: Кога конечно ќе станеме членка, ќе бидеме ли навистина рамноправни или повторно ќе мора да докажуваме дека сме доволно Европејци?
Иронијата станува уште поголема кога ќе се погледне причината за новите механизми. Европската Унија сака да спречи идните членки да го користат членството за блокирање на проширувањето поради билатерални спорови.
Токму она што Македонија со децении го искусуваше! Значи, по долгата историја на грчките и бугарските блокади, Брисел конечно размислува за механизми со кои идните членки би биле ограничени во можноста да го повторуваат истиот модел.
Но Македонија останува со историското прашање: Зошто оваа европска мудрост пристигнува дури откако ние ја плативме цената на нејзиното отсуство?
Можеби тоа е најголемиот парадокс на европската интеграција: правилата што можеле да спречат некои од нашите блокади се разгледуваат дури кога штетата веќе е направена.
И додека Европа размислува како да го спречи идното злоупотребување на билатералните спорови, Македонија останува сведоштво за последиците од нивната досегашна употреба. Ние сме државата што ја учеше лекцијата пред да биде напишан учебникот. Ние сме кандидатот што го полагаше испитот додека професорите сè уште ги договараа критериумите. И ние сме народот од кој со децении се бараше да се менува за да стане дел од унија што сега самата мора да се менува. Затоа европскиот Икар не е нужно приказна за неизбежен пад. Тој е предупредување за опасноста од политичка самоувереност. Зашто восокот што ги држи крилјата на една политичка заедница не се состои само од договори, институции, заедничка валута и економски интереси. Тој се состои и од доверба. А довербата се топи секогаш кога принципите се применуваат селективно, ветувањата се одложуваат, а рамноправноста се претвора во предмет на преговори.
Можеби Македонија е мала држава за да ја промени судбината на Европската Унија. Но нејзината историја на европско пристапување е доволно голема за да ги разоткрие противречностите на тој процес. И затоа, господа од Брисел, продолжете да ни ја подготвувате поканата. Само внимавајте додека ги договарате новите услови, новите заштитни клаузули и новите пробни рокови. Да не се случи Македонија конечно да пристигне на европскиот бал токму во моментот кога диригентот ќе објави дека оркестарот мора да се реорганизира. Зашто најголемата иронија не би била Македонија да остане надвор од Европската Унија. Најголемата иронија би била да нè примат токму кога самата Европа ќе почне да се прашува што останало од клубот во кој толку долго нè убедуваше да влеземе.
И на крајот, за да нема недоразбирање, нашиот наслов „Последното танго во Брисел“ нема никаква суштинска врска со славниот филм на Бернардо Бертолучи, „Последното танго во Париз“, со Марлон Брандо во главната улога. Тоа е филмско уметничко дело за човечката страст, осаменоста, интимноста и трагедијата, колку и да е контроверзно. Нашето танго е нешто сосема спротивно. Во Париз се танцуваше поради човечките страсти, а во Брисел се танцува врз достоинството на еден народ. Во Париз трагедијата беше лична, во Брисел е национална. Во Париз се губеше љубовта, во Брисел се губат генерации. И додека филмот на Бертолучи одамна заврши, нашето танго сè уште трае, со истите партнери, со нови услови и со една сурова иронија: Македонија постојано ја плаќа музиката, а Брисел никогаш не ѝ дозволува да го избере танцот.
Тони Менкиноски
































