Библиотеката „Борка Талески“ во Прилеп им додели награди на книжевните таленти
Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, по повод месецот на книгата ги реализира традиционалните литературни манифестации: избор на најдобар рецитатор, најдобар автор на литературна творба и најдобар автор на краснопис. Кај прилепските ученици од основните и средните училишта натпреварите предизвикаа голем интерес, па така, во сите категории учествуваа над 300 ученици, од кои најмногубројни беа најмладите.
Од библиотеката, задоволни од интересот, велат дека комисиите имале тешка задача да изберат кој ќе биде најдобар, затоа што децата покажале одлични вештини во пишување односно краснопис, за рецитаторство и за пишување лични творби.
– Основната задача на секоја библиотека е да ја доближи книгата до најмладите и да ги поттикне да имаат други активности тесно поврзани со литературата – вели Андриана Ристеска, директорка на ГБ „Борка Талески“.
Доделувањето на наградите помина во убава пријатна атмосфера, дополнета со музички точки на ученици од ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“. И од година на година манифестациите се сѐ помасовни, а библиотеката како организатор го подобрува квалитетот на манифестациите, критериумите и компетентноста во оценувањето.
За најдобар млад рецитатор беше прогласен Стефан Иваноски.
Тој има десет години и е ученик во петто одделение во ОУ „Климент Охридски“ во Прилеп. Рецитирањето на песната „Цветови“ на Славко Јаневски му го донесе првото место за рецитација на општинскиот натпревар по рецитирање за ученици до петто одделение.
Признанието за најдобар го извојува во силна конкуренција, со поддршка на менторката, наставничката Наташа Колеска. Примајќи ја наградата, пред полната сала тој повторно ја рецитираше „Цветови“.
Стефан често другарува со книгите, а омилени му се: „Зоки Поки“, „Малиот Принц“, „Доктор Офболи“… Омилени предмети на училиште му се историја и општество. Тој посетува и часови по музика во ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“, каде што неодамна почна да свири хармоника. Исто така игра кошарка.
Стефан им порачува на своите врсници да читаат книги и да учат, да се натпреваруваат, да бидат љубопитни и да истражуваат.
Негова желба е Дедо Мраз за Нова година на сите дечиња да им донесе здравје и радост.
Ка.М.
Победници по категории
Првото место на натпреварот за најдобра рецитација, категорија од трето до петто одделение го освои Стефан Иваноски, петто одделение во ООУ „Климент Охридски“-Прилеп. Менторка: Наташа Колеска
Во категоријата од шесто до деветто одделение победи Исидора Мирческа, осмо одд. во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп. Менторка: Сузана Николоска
Во категоријата средни училишта првото место ѝ припадна на Евгенија Димитриовска од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“-Прилеп. Ментор: Филип Ристески
Во категоријата најдобра лична творба, од трето до петто одделение, победи Косара Настоска, 5-4 одд. во ООУ „Климент Охридски“-Прилеп, со песната „Ајде да се здружиме ние децата“. Менторка: Верче Велеска
Во категоријата од шесто до деветто одделение првото место го освои Ана Марија Шашеска, седмо одд. во ООУ Блаже Конески“-Прилеп, со песната „Порака“. Менторка: Катерина Димкоски
Во категоријата средни училишта првото место ѝ припадна на Марија Илијеска, I-4 одделение во СОУ „Орде Чопела“-Прилеп, за песната „Ѕвезден пат“. Менторка: Лидија Тошеска
Прво место во категоријата најдобар краснопис за ученици од трето до петто одделение освои Јана Котеска од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“-Прилеп. Менторка: Марија Николоска