Меѓу ѕвездите на фестивалот е наградуваниот илустратор од Хрватска Доминик Вуковиќ, кој се потпиша на визуелниот идентитет на фестивалот
Од 23 до 27 мај во Музејот на градот Скопје
Под мотото „Свет со љубов“, од 23 до 27 мај, во Музејот на градот Скопје ќе се одржи петтото издание на меѓународниот фестивал на литература и илустрација за деца „Литера 2023“. Во петте фестивалски дена ќе има богата програма за специјализирана публика, но и низа настани наменети за сите заинтересирани посетители на различна возраст. Меѓу ѕвездите на фестивалот е познатиот илустратор од Хрватска Доминик Вуковиќ, кој работеше на визуелниот идентитет на „Литера 2023“. Неговата визија за „Свет со љубов“ ќе провејува низ целиот фестивал.
Годинава ќе учествуваат повеќе гости од Хрватска и од Македонија, а планирани се многу настани: мастеркласови, работилници за професионални илустратори, промоции на книги, детски работилници за литература и илустрација, читања сликовници итн. Во рамките на фестивалот ќе бидат отворени три изложби на автори од Хрватска, како и изложбата „Свет со љубов“, во која ќе бидат изложени дела на млади македонски илустратори што учествуваа на конкурсот што го организираше фестивалот.
Централен настан на фестивалот ќе биде конференцијата на која ќе гостуваат реномирани професионалци од областа на детската литература и илустрацијата. Неизоставен дел се наградите „Литера 2023“, кои ќе бидат соопштени и врачени на затворањето на фестивалот.
– Визијата на „Литера“ е голема, со тимот работиме многу посветено и внимателно.„ Литера“ е повеќе од значајна за нашето општество, но најмногу за новите генерации. Преку квалитетна илустрација за деца се развива визуелната култура на децата. Будно ја следиме домашната сцена и важно ни е на „Литера“ да се промовираат најдобрите наслови за од ден на ден да имаме што повеќе македонски сликовници што ќе се преведуваат низ светот. Петтото издание на фестивалот за нас е мал но значаен јубилеј, бидејќи е потврда дека чекориме по вистинскиот пат. Годинава ќе биде празник за младите илустратори од Македонија, кои ќе имаат можност да бидат дел од работилници водени од значајни хрватски автори. Ќе се потрудиме да им бидеме ветар во грбот на младите автори и илустратори – вели Софија Семенпеева од тимот на „Литера“.