Вие ни јавувате

ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје и годинава, 12. пат едноподруго, учествуваше на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија, на кој досега има освоено три награди (2015, 2016 и минатата 2021 година).
Натпреварот е во организација на УНЕСКО и на фондацијата ГОИ од Токио и се одржува во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“ во главниот град на Јапонија. Овој глобален проект се реализира од 2020 до 2030 година и во него активно се вклучени сите земји-членки на УНЕСКО.
Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.
Годинава на овој реномиран натпревар, на кој учествуваа 19.986 учесници од 152 земји со свои лични творби, напишани во форма на есеј на темата „Моите вредности“, училиштето го претставуваа тројца ученици: Лара Станчева, Тамара Ѓоќеска и Атанас Стаматовски, под менторство на предметниот наставник по германски јазик Стефан Симовски.

На учесниците на натпреварот им се обрати Јанаги Такаши, заменик-министер за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија, кој меѓу другото рече: „Свесен сум дека годинава на натпреварот пристигнаа голем број прекрасни есеи. Благодарејќи на ваквата иницијатива, се надевам дека младите од целиот свет, идни лидери, ќе знаат меѓусебно да соработуваат и на тој начин ќе дадат придонес за мирот во светот“.
Повеќе информации во врска со натпреварот и наградените млади автори може да најдете на веб-страницата на организаторите www.goipeace.or.jp
Учесниците од целиот свет, како и нивните ментори независно од конечниот пласман во согласност со одлуката на стручното жири добиваат соодветни признанија.

Стефан Симовски, наставник по германски јазик во ООУ „Лазо Трповски“