Дали Охридскиот рамковен договор веќе е истрошен политички проект што си ја одигра својата историска улога? Настаните што го обележаа јубилејот на четвртина век од неговото потпишување воопшто не успеаја да го привлечат вниманието на јавноста, а веројатно никој и не ги прочита здодевните осврти со веќе излитени фрази на очекуваните коментатори. За жал, четвртина век потоа, Македонија е премногу далеку од создавањето обединето граѓанско општество отколку што беше пред избувнувањето на непотребниот воен конфликт во 2001 година. Една од најголемите жртви на воениот судир беше и целата историја на внатрешно демократско усогласување од почетоците на македонската демократизација. Искуството од сиот овој период ни укажува дека Охридскиот рамковен договор не беше никаков исчекор кон граѓанска Македонија, туку стравично враќање кон етничкото.
Суштинското прашање што Охридскиот рамковен договор не го одговори беше прашањето за граѓанството, односно кој е граѓанин на Македонија, кои права му припаѓаат, но и како и дали може да ги оствари во актуелниот уставен поредок. Нормално, на ова природно се надоврзува и прашањето кој е исклучен од граѓанството и зошто. За жал, во современата балканска историја, пречесто (најчесто) вклучувањето и исклучувањето на жителите од граѓанството било (е) поврзано со културните белези на личноста, односно етничкото, верското или јазичното. Оттука, за припадниците на малцинските заедници патот кон граѓанската рамноправност имал три можни насоки, односно асимилација во доминантната култура, борба за културна автономија, вклучително и целосно отцепување, како и отселување од родните огништа. Меѓутоа, патот кон кој најретко се пристапува, а кој бара огромна политичка енергија за негова реализација е граѓанска интеграција, кој на Балканот е вечно недостижна цел во етнички сложените општества како македонското.
Најлош период за македонско–албанските односи во Македонија се 1980-тите години. Во тој момент мора отворено да се признае дека Албанците во Македонија беа под жесток притисок на државата и безмалку отворена дискриминација. И покрај добриот почеток при создавањето на современата македонска држава со АСНОМ, вклучително и создавањето на културните, образовните и уметничките институции на Албанците во Македонија, нештата се влошуваат по судирот помеѓу Тито и Сталин околу Резолуцијата на Коминтерната. Тогаш Енвер Хоџа ја избира страната на СССР и ги сопира процесите за вклучување на Албанија во една поширока балканска федерација. За несреќа, жртви на овој развој на настаните ќе бидат етничките заедници од двете страни на албанско–југословенската граница, па за Албанците во Југославија, како и за Македонците, Србите, Црногорците, Горанците и муслиманите (подоцна Бошњаци) во Албанија, ќе има засилен надзор на институциите на присила. Сепак, културната автономија во Југославија е на далеку повисоко ниво од тогашна Албанија, вклучително и политичката автономија на тогашните народности, па ќе остане широк, иако строго контролиран, простор за негување на етничката посебност (во Албанија на Енвер Хоџа далеку посилни ќе бидат асимилаторските тенденции).
За Албанците во Југославија нештата значително ќе се подобрат по Брионскиот пленум, а особено по усвојувањето на Уставот од 1974 година, како во СР Македонија така и во СФР Југославија. Клучниот исчекор во тој правец се уставните амандмани до 1971 година, потврдени со Уставот на СР Македонија од 1974 година, кога Албанците се стекнуваат со уставотворен статус, па земјата станува „држава на македонскиот народ, како и на албанската и турската народност во неа“. Дека не станува збор само за „мртво слово на хартија“ може да се посведочи со порастот на опфатот на основните и средни училишта во Македонија каде што се овозможува настава на мајчиниот јазик, како и на експлозијата на граѓански активности, создавањето граѓански организации и пораст на тиражите на печатените медиуми и на објавените книги на албански јазик. Своја улога ќе одигра и отворањето на Универзитетот од Приштина, кој ќе нуди настава на албански и на српски јазик. Впрочем, токму во тој период Приштина ќе се наметне како далеку покреативен центар на албанската етничка култура во споредба со Тирана на залезот на владеењето на Енвер Хоџа. Интересно е што досега не сум прочитал некој осврт што анализира дали острото свртување на Енвер Хоџа кон жестокиот етнички национализам е можеби и предизвикано од фактот што тогашно Косово дејствува како далеку поуспешен ентитет отколку самата НР Албанија, како и дека Албанците во Југославија живеат далеку подобар, послободен и културно поинтересен живот отколку Албанците во неговата држава, вклучувајќи ја тука и можноста за слободно патување по светот.
Прашањето за „вклучувањето“ веднаш се наметнува во овој период и тогашното македонско раководство се соочува со далеку посамоуверени Албанци од Македонија, кои си ги бараат своите права низ институциите на системот што создава голема нервоза во Скопје. Главниот страв е дека македонската власт ќе треба да овозможи далеку поширок опфат на Албанците во своите редови и дека таквиот развој на настаните најверојатно ќе наиде на поддршка од Јосип Броз Тито. Едно од главните правила во политиката е дека никој не сака да ја дели веќе освоената моќ.
Смртта на Јосип Броз Тито и студентските демонстрации од 1981 година ќе доведат до нагла промена во македонско–албанските односи. Клатното на историјата ќе отиде во сосема друг правец, па наместо кон натамошно вклучување, ќе се појде во обратна насока. Во текот на оваа декада ќе дојде до пораст на бројот на политички затвореници во Македонија, кои се безмалку исклучиво Албанци, вклучително и малолетници што се исклучиво Албанци.
За време на неславните „диференцијации“ во рамките на Сојузот на комунистите на Македонија, но и во сите други институции ќе бидат исклучени, па дури и избркани на улица, многубројни општественици од тогашната албанска народност. Со административни мерки ќе се намали бројот на основните и средни училишта што нудат настава и на мајчиниот албански јазик. Ќе се случуваат и апсурдни ситуации на приведување сватови од свадба каде што се вееле југословенското, македонското и знамето на албанската народност во Југославија, инаку сосема легално во тој период, па дури и на гости во кафеана каде што „со голем ентузијазам“ се изведувале песни за Скендербег. Оневозможувањето на мирниот протест во Куманово поради укинувањето на паралелките по албански јазик во средното училиште ќе одекне во југословенски рамки. Иако јавниот дискурс ќе се одржи во прифатливи рамки, сепак во оваа декада ќе дојде до прегласно потенцирање на „опасностите од великоалбанскиот национализам, иредентизам и сепаратизам“, кои се далеку повеќе замислени, измислени и пренагласени отколку што се реални. Во тогашниот слободен југословенски печат опширно ќе се пишува за состојбата со Албанците во Македонија, а тоа особено ќе го вознемирува раководството на македонските комунисти. Врвот на овој процес ќе кулминира со уставниот амандман LVI од јули 1989 година кога ќе дојде до бришење на албанската и турската народност од Уставот на СР Македонија (да биде апсурдот поголем овој амандман ќе биде потпишан од тогашниот претседател на Собранието, Вулнет Старова, кој ќе биде кандидат и за претседател на Претседателството на СР Македонија во следниот состав на ова тело). Се разбира, тука не пишувам за југословенскиот контекст каде што во овој период се одвиваат протестите на Србите и Црногорците од Косово, подемот на Слободан Милошевиќ, Меморандумот на САНУ, „случувањето на народот“, апсењето на Азем Власи, „случувањето на народноста“, протестите на рударите од Стари Трг, но секоја сериозна анализа на овој период нужно мора да ја земе и целата југословенска атмосфера предвид.
Првите повеќепартиски избори во Македонија го отворија прашањето за дефинирање на концептот на граѓанството во новиот македонски политички, економски и културен поредок. Коалицијата помеѓу Партијата за демократски просперитет и Народната демократска партија создаде моќно етничко движење на Албанците во Македонија. Тие беа на второ место по бројот на добиени гласови по првиот круг на изборите што предизвика шок во државата и жестока етничка (националистичка) мобилизација и кај Македонците. Беше јасно дека прашањето за граѓанството и вклучувањето ќе биде клучна тема за дефинирање на идната македонска демократска држава, независно од фактот дали таа ќе продолжеше да се развива како република во една нова демократска сојузна држава или како независна држава. За жал, и тогаш продолжи инерцијалниот момент од 1980-тите, па ПДП-НДП не беа вклучени во разговорите за конституирање на органите на првата демократска власт во Македонија. Далеку полоши ќе бидат и потезите на таканаречената експертска влада за одземање на ингеренциите на општините, како и на целосното игнорирање на демократските избори на локално ниво преку оневозможувањето да се изберат општинските власти во Тетово и во Гостивар (тука тогашната влада одлучува да избере „повереници“ наместо градоначалници, решение што било смислено за да се пополни правниот вакуум по ослободувањето во 1944 година).
Во такви околности се пристапи кон пишувањето на новиот македонски устав, документ што ќе требаше да ги оформи институциите на македонската демократија, но, што е најзначајно за нашата приказна, да ги реши дилемите за граѓанството и вклучувањето.
Тоа ќе биде темата на следната колумна од овој серијал за Охридскиот рамковен договор.
Ивица Боцевски
(продолжува)
































