Фото: Пиксабеј

Слабеењето е напорна работа, но не и невозможна. Без разлика во која фаза од животот сте, нема оправдување доколку одлучите да се ослободите од вишокот килограми, а нутриционистката Ана Тодоровиќ го објасни концептот на слабеење со правилен однос кон внесувањето јаглехидрати, пишува порталот „Политика“.
– Иако јаглехидратите се важен извор на енергија, неконтролираното внесување може да го отежне постигнувањето на целите за слабеење. Многу е важно да се балансира внесувањето јаглехидрати, обезбедувајќи истовремено и ефикасен процес на слабеење. Препораката е јаглехидратите да заземаат 60 проценти од дневното количество, но тој процент често се намалува во корист на протеините кога целта е губење на тежината – објаснува нутриционистката..
Секако, не е препорачливо да се елиминираат јаглехидратите поради нивното повеќекратно значење за организмот и треба да се почитуваат следните упатства.

Фокусирање на консумацијата на сложени јаглехидрати

Исхраната треба да се заснова на внесување интегрални житарки, интегрален ориз, зеленчук и мешунки. Тие извори обезбедуваат долготрајна енергија, одржувајќи го нивото на шеќер во крвта стабилно и спречувајќи нагли скокови на инсулин.

Правилна доза на јаглехидрати

Избегнувајте екстремни диети што целосно ги елиминираат јаглехидратите. Наместо тоа, приспособете го количеството според потребите на вашето тело. Правилното дозирање на јаглехидратите помага да се одржи енергијата и да се спречи прејадување.

Фокусирајте се на влакната

Храната богата со влакна, како што се овошјето, зеленчукот и интегралните житарки, не само што обезбедува чувство на ситост туку и го подобрува варењето. Тоа е особено важно за време на процесот на слабеење, бидејќи помага да се одржи стабилно нивото на шеќер во крвта.

Распределба на јаглехидратите во текот на денот

Размислете за распоредување на внесувањето јаглехидрати во текот на денот. Соодветниот распоред може да ја подобри вашата енергија и да го одржи нивото на шеќер во крвта стабилно. Можете да консумирате поголем дел од јаглехидратите во првата половина од денот, особено пред и по вежбање.

Вклучете протеини и здрави масти

Комбинацијата на протеини и здрави масти со јаглехидрати помага да се продолжи чувството на ситост. Тоа може да ја намали желбата за ужина помеѓу оброците и да го одржи стабилно внесувањето калории.
Исто така и адекватното количество вода игра клучна улога во процесот на слабеење. Пиењето доволно вода може да помогне да се намали гладот ​​и да се поддржи ефикасното разградување на јаглехидратите во телото.