Фото: Пиксабеј

Животни

Во потрагата да откријат што се крие зад мистериозното предење на мачките, австриските научници започнаа револуционерна студија, која нуди нови сознанија за феноменот на мачките.
Традиционално, вокализацијата на животните е диктирана од димензиите на нивните гласни жици, истакнува Кристијан Хербст од Универзитетот во Виена, Австрија.
– Општо земено, колку е поголемо суштеството, толку подолги се гласните жици, што доведува до подлабока, позвучна вокализација – објаснува Хербст.
Домашните мачки имаат релативно кратки гласни жици, што е дизајн погоден за производство на високи тонови. Сепак, загатката за предењето на мачките останува, особено ако се земе предвид дека веќе дивите мачки како гепардите и рисовите го делат таквото однесување. Исто така, постои идеја дека предењето може да вклучува мускулни контракции во гркланот, но таа теорија е оспорена од Хербст и други научници.
Хербст и неговите колеги користеле уникатен метод на истражување, испитување на гркланот на осум домашни мачки, кои биле евтанизирани поради болест. Резултатот беше зачудувачки. Изолираниот грклан произведуваше смирувачки звук на предење без никаква помош од мускулните контракции. Наместо тоа, магијата лежеше во сврзувачкото ткиво лоцирано во внатрешноста на гласните жици, менувајќи ја фреквенцијата на произведените звуци.
Хербст истакна дека иако ова сврзувачко ткиво претходно било забележано кај мачките, никој претходно не го поврзал директно со чинот на предење.
Меѓутоа, важно е да се забележи дека резултатите од споменатото истражување не ја отфрлаат целосно улогата на мускулните контракции во засилувањето на звуците на предење кај живите мачки. Студијата поврзана со овие откритија беше објавена во списанието „Карент бајолоџи“.
Сепак, прашањето зошто мачките предат сè уште останува. Некои теории сугерираат дека предењето означува задоволство и поттикнува интеракција. Покрај тоа, се сугерира дека предењето може да послужи како смирувачки механизам и да го поддржи процесот на заздравување по повреда.